1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кордалов: Забраната на ТикТок не го решава проблемот

ДТЗ
11 мај 2023

Aко им забраните на младите одредена платформа, тие веднаш ќе најдат не една, туку дузина алтернативи, вели комуникологот за ДВ. Потребна е едукацијата, превенцијата и заедничка работа.

Бојан Кордалов, комуниколог
Забраната на социјалните мрежи може да вроди со контраефект кај младите, вели Бојан Кордалов.Фотографија: privat

Забраната на социјалните мрежи може да вроди со контраефект кај младите. Место да го реши проблемот со негативното влијание врз психата на младата популација, може да предизвика сосема спротивен ефект - забранетите содржини да ги направи уште попримамливи за младите. Затоа е потребна едукација, превенција и заедничка работа, вели за ДВ комуникологот Бојан Кордалов по најавите за ограничување на користењето на социјалните мрежи како ТикТок, со цел да се спречи експлозијата на насилство меѓу младите.  Темата стана актуелна по случувањата во Белград, каде 13-годишно дете пукаше во своите соученици. Во меѓувреме целиот регион е преплавен со наводни „листи“ со закани меѓу учениците, обвинувања за меѓуврсничко насилство и булинг, што го вклучи алармот во образовниот процес. 

Во МОН за една недела пристигнале 20 пријави за меѓуврсничко насилство во училиштата коишто се проверуваат. По пријавата во скопско училиште, во средата (10.05) полицијата вршеше проверки и во Тетово, откако малолетници во училишен тоалет оставиле список со закани за ученици. Ученик од Штип, пак, објавил закана на Инстаграм, по што полицијата го приведе бидејќи е полнолетен. Надлежните во петок (12.05) треба да предложат препораки, коишто идната недела треба да се најдат на владина седница. Дел од пратениците побараа регулирање, па и забрана за ТикТок во земјата, како една од мерките за да се намали насилството меѓу младите. 

Насилството во Белград го вклучи алармот во училиштатаФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Задоцнети мерки 

Кордалов во разговор за ДВ вели дека се доцни со разговарањето за преземање на мерки со цел на заштита на децата во интернет просторот. Институциите, според него, одамна требаше да го започнат ваквиот процес, да ги вклучат сите луѓе и целни групи во носењето на одлуки, место секогаш да се зборува на ваквите теми само кога ќе се случи некоја трагедија или скандал, односно под притисок на медиумите/јавноста. И тоа, како по правило трае само неколку дена и не произведува долгорочни поуки, преземени акции и научени лекции.

„Да се угледаме на земјите-членки на ЕУ, на САД и другите западни земји кои секојдневно работат на конкретни иницијативи, воведуваат промени во законодавството и праксата со цел поголема заштита на приватноста и личноста на социјалните медиуми“, вели Кордалов.

Превенција место забрана

Според комуникологот, стана пракса од корона пандемијата наваму, првиот предлог на властите за решение на некој проблем да биде зборот „забрана“. „Сметам дека фокусот треба да биде ставен на зборовите „превенција“, „едукација“ и „инклузивност“ бидејќи само на тој начин може да се дадат резултати. Со забрани, особено кај деца и млади, повеќе ќе видиме контраефект и поголема примамливост кај дел од нив да бидат дел од негативни појави и предизвици кои се шират преку социјалните медиуми“, вели Кордалов.

Дополнително, додава тој, ако забраните на децата и младите одредена платформа, тие веднаш ќе најдат не една, туку дузина на алтернативи што повторно води кон едукацијата, превенцијата и заедничката работа. „Со други зборови, ако заради одредени случаи кои дел од младите ги направиле, ние етикетираме цели генерации на деца и млади дека сите, без исклучок, се лоши, негативни и девијантни, буквално ние сме тие кои ги втурнуваме на погрешен пат. Потребно е да ги извадиме плејадата на позитивни примери кои конкретни млади луѓе ги прават на социјалните медиуми, а особено ова треба да стане пракса на јавните институции во рамки на нивните секојдневни јавни активности“, укажува нашиот соговорник. 

Идејата за регулирање на социјалните мрежи веќе извесен период се споменува во земјата. Се бара забрана на апликацијата за споделување видеа ТикТокФотографија: Adobe Stock

Барање виновници 

Македонското и балканските општества, анализира Кордалов, се генерално базирани на демотивација и обесхрабрување, а неретко и исмејување на луѓето. „И она што во моментов како јавна дебата се води во голема мера се сведува на барање виновници кај другите за ситуацијата во која се наоѓаме. Потребна е поддршка, наместо осуда, особено за родителите кои секојдневно макотрпно се трудат да ги изведат децата на сигурниот пат во ова сложено дигитално време“, вели тој.

Комуникологот укажува дека е неопходно обединување на сите засегнати страни и нивно директно креирање на мерки кои ќе направат интернетот да стане безбедно место за децата и младите.

Идејата за регулирање на социјалните мрежи веќе извесен период се споменува во земјата. Либерално-демократската партија деновиве побара забрана на апликацијата за споделување видеа ТикТок и останатите социјални мрежи кои поттикнуваат насилство, со оглед на тоа дека сведоци сме на жртви од користењето на овие мрежи. Во предлогот на партијата се бара забрана и контрола на симнување на игри, содржини и апликации кои експлицитно покажуваат и поттикнуваат насилство. Исто така, преглед и контрола на филмови кои можат особено кај помладите луѓе да поттикнат насилство, манипулативно да бидат употребени во пропагандистички цели со величење на насилството.

И министерот за образование, Јетон Шаќири неодамна посочи дека се размислува за ограничување на употребата на социјалните мрежи во училишната средина. Најави дека до Владата ќе предложи итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, кои што во голема мера, како што рече, се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како ТикТок.

Премиерот Димитар Ковачевски во четвртокот при посетата на Штип, одговарајќи на новинарски прашања рече дека што се однесува до регулацијата на користење комуникациска опрема за време на настава,  „живееме во време на социјални мрежи на кои се споделуваат најразлични содржини кои некогаш не соодветствуваат на моралните и етичките стандарди“. „За ова е потребна поширока дебата дали да се забранат некои канали на комуникација“, вели Ковачевски. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми