1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаГлобално

Борба против СИДА: Германски тим откри антитело против ХИВ

Жанет Цвјенк
1 декември 2025

Истражувачи во Келн открија исклучително ефикасно антитело против ХИВ. Тоа, барем во лабораториски услови, може да спречи инфекции и да ги неутрализира вирусите – дали ќе биде ново оржје против СИДА?

Тридимензионална слика на ХИ-вирус
ХИ-вирусот што предизвикува СИДА е раширен повеќе од 40 годиниФотографија: Westend61/picture alliance

44 милиони смртни случаи на светско ниво - тоа е тажниот биланс на имунодефициентната болест СИДА, од нејзиното откривање во 1981 година до денес. СИДА-та се смета за една од најстрашните епидемии што човештвото кога било ги доживеало.

Иако бројот на смртни случаи поврзани со СИДА постојано се намалува благодарение на едукација и превенција, луѓе и денес умираат од оваа болест - во 2024 година речиси 630 илјади лица низ целиот свет.

Па така, откритието од Универзитетската клиника во Келн буди надеж дека можеби е пронајдено ново оружје во борбата против СИДА-та.

Тестирани повеќе од 800 антитела против ХИВ

Истражувачкиот тим предводен од Флоријан Клајн, директор на Институтот за вирологија, испита примероци од крвта на 32 лица. Сите се заразени со ХИВ, но спонтано и без третман, развиле особено силна и широкоспектрална имунолошка реакција со антитела против вирусот.

 

Истражувачите во лабораторија тестираа повеќе од 800 различни антитела од примероците од крвта на овие лица во однос на нивната способност да го неутрализираат ХИВ. Едно од нив, наречено 04_A06, притоа особено паднало в очи.

Антителото го блокира местото каде што вирусот се врзува за клетките на домаќинот за време на инфекцијата. На тој начин го спречува ХИ-вирусот да продре во клетките на телото. Ако вирусот успее да влезе во клетка, тој ја репрограмира за сопствено размножување и со тоа на долг рок го ослабува имунолошкиот систем.

Генетскиот код за антитела се наоѓа во човечкиот имунолошки систем во т.н. Б-лимфоцити. Кога овие клетки ќе наидат на патогени, тие созреваат во плазма клетки кои ослободуваат големи количини на антитела - 04_A06 исто така се синтетизира на овој начин. Истражувачите го дешифрираа кодот на антителото и го репродуцираа.

„Тоа значи дека не мора постојано да се зема крв од пациенти, туку се користи генетскиот код на антителото, кој во лабораторија се пренесува во клеточна линија и антителото потоа може да се синтетизира во големи количини“, објаснуваат научниците и додаваат дека „тоа значи оти земаме други клетки и им велиме: Ве молам, синтетизирајте го ова антитело.“

Како се лекуваат болните од ХИВ/СИДА во Македонија

03:26

This browser does not support the video element.

Антитело 04_A06: за ХИВ терапија и профилакса

Во експерименти со глувци кои имаат компоненти на човечкиот имунолошки систем и беа инфицирани со ХИВ, антителото 04_A06 беше во можност целосно да ги неутрализира повеќето ХИ-вируси. Научниците спровеле експерименти со речиси 340 варијанти на ХИ-вирусот - вклучувајќи и некои кои веќе се резистентни на други антитела.

„ХИВ има висок степен на генетска разновидност, а многу антитела покажуваат само ограничена активност против некои од овие варијанти“, објаснува шефот на проектот, Флоријан Клајн.

Фактот дека вирусите се толку различни, го отежнува лекувањето на ХИВ. Сепак, новооткриеното антитело е во можност да неутрализира 98 проценти од тестираните вирусни варијанти.

Значи, 04_A06 би можел да им помогне на луѓето кои веќе се инфицирани со ХИВ бидејќи го блокира навлегувањето на вирусот во клетката.

„Антителото се врзува за протеинската обвивка на вирусот со што го спречува да ја инфицира целната клетка“, објаснува научникот. Освен тоа,  имунолошкиот систем на телото подобро ги препознава и елиминира вирусите со прикачени антитела, објаснува Клајн.

Но, 04_A06 би можел да има и превентивен ефект за спречување на ХИВ инфекции. „Антителото ги лови вирусите уште пред да може да се размножат во телото“, дополнува тој.

Тест на крвта во домашни услови: вакви тестови за ХИВ сега се достапни во многу земјиФотографија: ALICE/BSIP/IMAGO

Вакцина против ХИВ засега нема

Новооткриеното антитело би можело да дејствува како т.н. пасивна имунизација. Активната имунизација би била вакцина која на организмот би му овозможила самиот да произведува антитела. Но, таква сè уште не постои.

Во тек се студии со мРНК-вакцина при што имунолошкиот систем треба со протеин од обвивката на ХИВ да се стимулира да даде одговор со антитела. Овој метод досега е тестиран само со една варијанта на ХИВ.

Покрај тоа, предизвик е да се стимулира синтеза на особено моќни и широко неутрализирачки антитела со активна вакцинација, објаснува Клајн.

Во моментов, разни лекови се користат профилактички во форма на таблети или инекции и тоа доста успешно. Но, таблетите мора да се земаат секојдневно. Препаратите со долгорочно дејство, како оние со активната состојка Ленакапавир, се одобрени во ЕУ и во САД, но сè уште не се достапни во Унијата.

ХИВ профилакса со депо-ефект: Активната состојка Ленакапавир сега е одобрена и во ЕУФотографија: Nardus Engelbrecht/AP/picture alliance

Идејата зад профилакса со антитела со 04_A06, според Флоријан Клајн, би била дека „би можело да се живее без таблети, бидејќи веројатноста за спречување на инфекција би била над 90 проценти“. Профилаксата со антитела би требало да се дава на секои шест месеци.

Ново ХИВ антитело со висока ефикасност

И порано се откривани други неутрализирачки антитела против ХИВ со широк спектар, но наодот од истражувањето од Келн е „дефинитивно исклучително потентен претставник на оваа група“, оценува Александра Тркола, директорка на Институтот за медицинска вирологија при Универзитетот во Цирих.

„Теоретски, 04_A06 постигнува ефикасност што инаку е остварлива само преку комбинација на антитела“, додава таа.

„Потентно“ во овој контекст значи дека дури и ако само неколку антитела се применат врз заразени клетки, тие развиваат големо дејство. Ова пак е важно ако откритието од Келн некогаш се преточи во лек, можеби преку инјекција, бидејќи така може да се инјектира само определена количина. Да се даваат 20 инјекции не само што би било многу непријатно, туку и лекот би бил многу скап за производство, објаснува Клајн.

Долг е патот до лек за СИДА

Но, додека од 04_A06 да стане лек, ќе потрае, вели Кристоф Шпинер, раководител на Инфективна клиника во Универзитетската болница при Техничкиот универзитет во Минхен.

Студијата во Келн досега се базира само на наоди од лабораторија, „така што ефикасноста не може директно да се преземе и за реални ситуации“, објаснува тој и додава дека сега се нужни натамошни студии за дозирање, подносливост и ефикасност на антителото.

И Александра Тркола исто така нагласува дека „уште не може да се каже дали антителото ќе се покаже ефикасно во клиничка употреба“, но дека „во секој случај многу ветува“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми