1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Борби на семејни кланови во Германија

8 јули 2023

Тепачки и напади со ладно оружје - ривалството меѓу сириски и турско-либански семејни кланови е причина за таквите судири во Северна Рајна Вестфалија. Притоа е можно да се работи и за криминални мрежи.

Семејните кланови и криминалитет
Семејните кланови и криминалитет - констелации кои за германската политика се сѐ повеќе загрижувачкиФотографија: Paul Zinken/dpa/picture-alliance

Сала за свадбени прослави во мал индустриски кварт во Дуизбург. Минатиот четврток таму на „мировни преговори” се сретнаа поглавиците на големи сириски фамилии и припадници на либанско-турски кланови од целата територија на Германија. Жени не се присутни. На средбата ù претходеа масовни тепачки и борби со ножеви кон средината на минатиот месец прво во Кастроп Рауксел, а потоа и во Есен. Билансот се најмалку дваесетина повредени, меѓу кои и еден Сириец во животна опасност, кој мораше итно да биде подвргнат на операција, како и седуммина полицајци.
Политичкиот магазин „Контрасти” кој се емитува на првата програма на јавниот телевизиски сервис, телевизија АРД, ексклузивно присуствуваше на мировната средба во Дуизбург. Пред камерите учесниците се покажаа како нагласено верни на законот. „Се извинуваме кај германската полиција”, рече Нихат Г. во име на либанската страна. „Се надеваме дека ваквите проблеми нема да се повторат”, додаде тој.

Рација на германската полиција против криминалитет во семејните кланови Фотографија: Marcel Kusch/dpa/picture alliance



Постигнувањето примирје е само шоу"

Г. во немирите беше во првите редови како што се гледа на видео снимките. Тој има и арапско име, Ал-Зеин и е дел од широко разгранета голема фамилија која во Германија пред сѐ е позната во Берлин и во Северна Рајна Вестфалија. Поединци од фамилијата се повеќекратно осудувани за тешки кривични дела. Истражувачот на миграција и експерт за криминалност на кланови, Ралф Гадбан, не верува во декларираното помирување и вели „сето тоа го сметам за шоу за смирување на властите. Конфликтот може во секој момент повторно да се разгори”.

Повод: семејна кавга

Што се крие зад конфликтот? Конкретен повод изгледа била кавга меѓу соседи. На емисијата „Контрасти” ù успеа да разговара со семејствата кои биле дел од кавгата. Фамилијата Омар, по потекло од Сирија, во Кастроп Рауксел до неодамна живеела во иста зграда како и фамилијата О. со турско-либански корени, чие презиме е прочуено во Северна Рајна Вестфалија и кое во актуелната скица на полицијата за криминалитетна кланови го зазема врвното место. Ниту еден друг клан не бележи толкав број на сторители и кривични дела. Патем, за да влезе во статистика доволно е сторителот да има „презиме кое е релевантно во контекст на криминални кланови” - каков деликт има сторено, не игра улога. За „Контрасти” семејството О. вели дека нема никаква поврзаност со криминални кланови, но тие не сакаат да даваат никакви други информации.

Има индиции дека некои членови на семејните кланови во Германија се вмешани во трговија со дрога и перење париФотографија: Roberto Pfeil/dpa/picture alliance


Според раскажувањата на сириската фамилија, прво се скарале децата, а потоа кавгата ескалирала. „Се појавија 13 мажи и силно го удрија татко ми по глава”, вели една од ќерките на семејството Омар.
Ние ги сретнавме на тајно место, затоа што семејството од страв го напуштило Кастроп Рауксел. Таткото на девојчето во тепачката останал без заб, а и тоа самото било повредено. На снимките настанати веднаш по инцидентот се гледа дека девојката има голема рана над челото. Токму овие снимки се проширија на интернет и допреа дури до Блискиот Исток. На ТикТок еден маж облечен како шеик повикува правдата да се земе во свои раце. „Алах во Коранот вели во иста мера нападнете ги оние кои ве напаѓаат”, вели шеикот, кој очигледно припаѓа на племето Ал-Бусараја, исто како и семејството Омар, кое влече корени од североистокот на Сирија, каде населението живее номадски живот. Бегството од граѓанската војна во Сирија многу членови на племето донесе во Германија, а со нив и менталитетот на племенски заедници. „Откако дојдоа во Германија некои Сиријци од североистокот, започнаа да градат паралелни структури во германската држава. Сите кавги според нив треба интерно да се решаваат”, вели за „Контрасти” аналитичар со сириски корени, кој е ангажиран за многу различни сојузни институции и сака да остане анонимен.

Вмешаност во трговија со дрога и перење пари

Според негови информации, има индиции дека некои членови на Ал-Бусараја севмешани во трговија со дрога и перење пари. Значителен извор на приходи според наводите е и криумчарењето луѓе во Европа - услуги кои отворено се нудат во видео клипови на интернет.
Ралф Гадбан вели дека со доаѓањето на Сиријците, криминалните структури кои до тогаш биле доминантни се ставени под притисок. „На либанските кланови им беа потребни децении за да ја направат својата мрежа. Сиријците профитираа од нивните искуства и веднаш започнаа со бизнисот и ги потиснуваат Либанците во делот на дрогата и криумчарењето луѓе”, оценува тој.


Се работи за милиони"  

Ривалството е и фактичката причина зошто кавгата меѓу комшии ескалирала на таков начин. Сиријци дојдени од други места, извикувајќи Ал-Бусараја нападнаа осомничени членови на турско-либански кланови. Тие пак во голем број упаднаа во популарен сириски ресторан во Есен и објавија снимки од настанот на интернет - демонстрација на моќта. „Во позадина се работи за милиони”, вели Гадбан. Дополнително на тоа конфликтот има и политичка димензија, посочува Ахмад А. Омеирате. Многу од Сиријците пребегани во Германија се противници на режимот на сирискиот властодржец Башар Ал Асад. „Со Хезболах во војната во Сирија имате либанско-ирански милитанти на страната на Башар Ал Асад”, вели Омеирате.

Рација на германската полиција против членови на семеен клан во Берлин поради прекршување на законот за поседување оружјеФотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken


Тоа е непријателство кое и според аналитичарот со сириско потекло игра улога. Тој посочува дека според негови информации, меѓу напаѓачите во Есен имало и поддржувачи на Хезболах и претпоставува дека режимот на Ал Асад намерно сака да инволвира сириски бегалци во конфликти. „Во германското општество на тој начин треба да се провоцираат барања за протерување на тие лица. Но, за да се протераат во Сирија, мора да се прифати Асад како партнер за преговори”, објаснува аналитичарот.

Алармирана германската политика

Тоа се констелации кои за германската политика се сѐ повеќе загрижувачки. Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Херберт Ројл, борбата против криминални кланови си ја постави за цел. За „Контрасти” министерот вели дека  „предизвик е што Сиријците можеби не сакаат веќе да се само помошници, туку сакаат да си направат свои структури”.
Развојот внимателно го следат и властите во Берлин. Според информации на „Контрасти”, тие досега немаат информации за нагласени криминални структури меѓу Сиријците. Новата сенаторка за правда, Фелор Баденберг, која не припаѓа на ниту една партија, при сузбивањето на криминалитетот во клановите акцентот го става на запленување на илегално стекнатите приходи. За таа цел во соодветните јавни обвинителства треба персоналот да биде „повеќекратно зголемен”, рече таа за „Контрасти”.
Со градоначалникот Каи Вегенер од ЦДУ договорила дел од запленетите средства директно да се влеат во правосудството. Идејата е криминално стекнати пари на клановите да се користат за сузбивање на криминалитетот во клановите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми