1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Трајковски: Добриот човек и голем претседател

26 февруари 2024

Мир, дијалог и заедништво, беше тројството што го водеше претседателот, кој неговиот политички габарит го потврди во најтешката - 2001 година.

Поранешниот македонски претседател Борис Трајковски загина во авионска несреќа на 26 февруари, 2004 година
Поранешниот македонски претседател Борис Трајковски загина во авионска несреќа на 26 февруари, 2004 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/Licovski

Секој политичар и државник треба да има визија и храброст некогаш да жртвува нешто, да не мисли на својот рејтинг кога настојува да направи нешто вредно за земјата. Тоа е проклетството на работата со која се занимавам - наградите понекогаш стигнуваат доцна, а понекогаш воопшто и не стигнуваат. Јас не водам политика од денеска за утре. Мојата визија е на долгорични патеки.

Така говореше претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски (1999- 2004), пред трагично да биде прекината неговата мисија на 26-ти февруари пред 20 години, во авионска несреќа над карпите на малото босанско село Ротимле.

Неговата визија го преживеа падот на „кингерот“. Им ја остави на македонските политичари како тестамент, аманет, лекција, совет, не само како претседател, туку како пријател, сограѓанин, сонародник, како човек, пред сѐ, нешто што најмногу го дефинираше.

„Дијалогот е единствениот начин достоен на човекот, на неговата потреба да живее свесен за ѕвезденото небо над себе и моралниот закон во себе“, говореше човекот кој својот претседателски габарит го потврди во најтешката - 2001 година.

Претседателот Борис Трајковски (трет од лев) при потпишувањето на Охридскиот рамковен договор на 13 август, 2001 годинаФотографија: Vlatko Perkovski/dpaweb/dpa/picture-alliance

Говореше за мир, дијалог и заедништво. Во тоа „тројство“ го гледаше најсилното оружје за стивнување на конфликтот.

„Државата пред партијата“, реченица што формално ја повторувале многу македонски политчари досега, Трајковски ја докажа на дело. И достоинствено ги издржа критиките и потегот што го направи Љубчо Георгиевски - се извини што неговата партија го кандидирала Борис Трајковски за претседател на државата.

Иронија на трагедијата

Авионската несреќа во која загина Трајковски го одложи официјалното поднесување на апликацијата на Македонија за членство во ЕУ, закажано истиот ден на церемонија во Даблин. По првата вест дека исчезнал авионот во кој е македонскиот претседател, македонската владина делегација ја одложи церемонијата и веднаш се врати во Скопје.

„Ова е многу тажен ден. Тажен ден за Македонија која загуби еден многу мудар и умерен лидер. Тажен ден за Балканот, за чија интеграција тој многу се залагаше. Тажен ден и за Европа, која губи пријател и поддржувач на толеранцијата, која лежи во основата на нашата Унија. Чувството е уште погорчливо бидејќи денеска требаше да биде ден на радост за Македонија и за Борис Трајковски. Ден кога Македонија требаше да ја поднесе апликацијата во ЕУ. Има многу малку луѓе во Македонија кои за исполнување на оваа цел направиле повеќе од претседателот Трајковски“, рече тогашниот претседател на ЕК, Романо Проди.

Остатоци од урнатиот авион „кингер“ по несреќата во која загина претседателот Борис ТрајковскиФотографија: picture-alliance/AP Photo

Тогашниот висок претставник на ЕУ, Хавиер Солана, овој сплет го нарече трагична иронија.

„Претседателот Борис Трајковски беше голем политичар и голем патриот. Тој го отвори патот на промени во својата земја и патот по кој Македонија ќе стаса во ЕУ (...) Особено е трагична иронијата што ова се случува истиот ден кога земјата на Борис Трајковски требаше да поднесе апликација за членство во ЕУ (... ) Сите загубивме голем европски политичар  и ќе биде тешко да се пополни празнината“, рече Солана.

Каков претседател?

Токму во време кога се одбележува 20-годишнината од несреќата во која животот го загуби претседателот Борис Трајковски, во ек е подготовката за седмите претседателски избори во земјата. Додека кандидатите собираат потписи, во трка кој побрзо ќе стигне до неопходните 10.000, овој датум повеќе од сѐ потсетува каков претседател и недостига на Македонија.

Тој не беше кабинетски претседател. Не му беше важно да биде врзан со вратоврска. Му беше важно да биде врзан со граѓаните, да биде меѓу нив, да ги слуша нивните проблеми. Беше неформален, непосреден, нетипичен за дотогашната претстава за претседател до кој тешко може да се стигне зад дебело тапацирани кабинетски врати, со бројно обезбедување пред нив. Во мандатот на Трајковски имаше отворени врати. Покажа дека е претседател што им служи на сите граѓани. Не ги делеше според верска или етничка припадност. Сплотуваше, поврзуваше.

„Секој поединец мора да биде почитуван како личност. Тој претставува стожер и носител на човековите права и слободи - од него се изведуваат и заради него се реализираат слободата и достоинството на човековиот свет во целина“, говореше Трајковски.

Борис Трајковски - претседателот кој и недостасува на МакедонијаФотографија: AP

Откако се пресели на Водно, ја продолжи навиката во слободното време да пие кафе во старата куќа во Ченто, да го вкуси осмилениот струмички оризарник, домашна пита, да заигра на мали голчиња во старото маало.

Утрото пред кобниот лет, бидејќи било многу рано, за првпат заминал без да ги бакне децата, за да не ги разбуди. Но, неговото заминување ги „разбуди" сите, во една друга смисла - дали доволно го ценеа тоа што го имаа? 

„Големото сознание се добива скапо: по цена на животот. Сега Борис знае сѐ, ние ништо!“, напиша тогашниот македонски амбасадор во Софија, Љубиша Георгиевски.

Две децении подоцна, многу лекции од тестаменот на Трајковски би требало да бидат добро научени, за да се дојде до големото сознание, не по цена на изгубени животи, туку по научените лекции од изгубените шанси.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми