1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Брак за сите во Грција?

30 декември 2023

Грчкиот премиер Мицотакис ветува дека ќе го легализира бракот за сите. Политиката и општеството се поделени. Дури и оние кои го поддржуваат проектот се скептични.

хомосексуалност
Лезбејски пар во Грција пред матичар - регистрација во регистарот на истополови партнерстваФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Сликовници, бои и играчки: Во нејзината дневна соба, Лио Емануил е опкружена со работи што нејзиниот шестгодишен син Јанис (името е променето) ги донел од својата соба. „Тој ги сака возовите во моментов“, објаснува 42-годишната мајка и се насмевнува. Нејзината сопруга, која претпочита да остане анонимна, седи спроти неа.

Тие двете се заедно 18 години и навистина сакаа дете. Се одлучиле за вештачко оплодување со анонимна донација на сперма. „Не се осмелив да кажам во клиниката дека сум во врска со жена“, објаснува Лио, која го носела детето. „Двете живееме во регистрирано партнерство. Но, на геј или лезбејски парови не им е дозволено вештачко оплодување, за разлика од на хетеросексуалците“, се жали овој педагог и психолог.

„Не смеам да го земам син ми од училиште!

Но, тоа не е се, втората мајка на Јанис нема никакви права кога е во прашање нејзиното дете. Лио мора да и даде потврда за се. „Теоретски, не смеам ниту да го земам син ми од училиште“, се жали таа. За среќа, таму наишле на релативно разбирливо опкружување, бидејќи веќе имале искуство со истополови семејства.

Но, во итни случаи или ситуации кога биолошката мајка веќе не е во состојба да донесува одлуки, таа нема никакви права. Тоа е голем психолошки товар за родителите. Лио е лута што се носат одлуки кои целосно ги игнорираат интересите на детето: „Ако починам, детето ќе биде предадено на најблиските или на социјалната служба, но не и доделено на неговата мајка“.

Се надева дека премиерот ќе си го одржи зборот

Двете мајки сега се надеваат дека премиерот Киријакос Мицотакис ќе го одржи зборот и конечно ќе воведе закон за бракза сите. По неговиот реизбор минатото лето, шефот на владата изненадувачки вети дека ќе ги зајакне правата на ЛГБТ заедницата: „Веќе инициравме многу во последните четири години“, рече Мицотакис на прес-конференција во септември. Сега е време за брак за сите. „По овој мандат, ова прашање ќе биде решено“.

Лио ЕмануелФотографија: Florian Schmitz/DW

Но, Мицотакис не може да се потпре на поддршката од сите сопартијци. Влијателното десно крило на Нова демократија не ги прифаќа новите симпатии на нејзиниот партиски лидер кон квир луѓето. Мислам дека треба да го поддржиме семејството со родители од двата пола, односно каде што има мајка и татко“, изјави Андонис Самарас, поранешен премиер. Тој важи за противкандидат на Мицотакис и најави дека ќе гласа против законот.

Активистите бараат целосна еднаквост

Нема податоци колку луѓе во Грција се како Лио и нејзината сопруга, објаснува Стела Белија од здружението „Воножито семејство“. Таа долги години се бори за правата на квир семејствата, одржува курсеви за луѓе во јавниот сектор за квир луѓето, гостува во медиумите и ги советува политичарите за концептите во борбата против дискриминацијата: „Ние сме во правен вакуум , што секако не е ништо повеќе од институционализирана хомофобија“, вели Белија, која и самата е мајка и живее во регистрирано партнерство со својата сопруга. Грчкото општество е целосно хетеронормативно, а нехетеросексуалните луѓе се структурно обесправени, објаснува таа: „Бараме правна еднаквост во бракот, во прашањата за посвојување, како и во родителството преку потпомогната репродукција“.

Во 2005 година беше реформиран законот со кој се дозволува сурогат мајчинство, во кој жената носи дете за други родители. Мажите немаат законски права или право на глас во овие процеси и тоа мора да се промени, бара Стела Белија.

Не е можно легално да се основа семејство преку истополови партнерства во ГрцијаФотографија: picture alliance / photothek

Уривање на старите табуа

За квир режисерот Менелас (уметничко име) проблемот не е само политиката, туку и неуспехот на општеството да ги нарече работите со вистинското име: „Во медитеранските земји се е дозволено сè додека останува тајна“, вели Менелас за ДВ.  Тој исто така го поздравува законот, но не планира да се ожени. Сепак, на овој 49-годишник му здодеа да се чувствува како граѓанин од втор ред.

Грчкото општество стана потолерантно во последните години и десничарската конзервативна влада сега мора да се прилагоди на ова. Во тоа време сè уште во опозиција, партијата на Мицотакис силно гласаше против регистрираните партнерства во 2015 година. За Менелас, ненадејната промена на мислењето на актуелниот шеф на владата е првенствено обид да се фрли либерална прашина во очите на Брисел и да се оттргне вниманието од многуте негативни наслови во медиумите во врска со структурните прекршувања на законот за миграција или на скандалот со масовниот надзор во 2022 година.

Критики и од опозицијата

Кога политичарите се обидуваат да ја прикријат нелибералната агенда за човекови права со попрогресивни политики кон ЛГБТ заедницата, оние кои се засегнати често зборуваат за т.н. розово перење (Pink-Washing).

Филмскиот режисер МенеласФотографија: Emmanuel Barrouyer

За Стефанос Каселакис, јасно е дека бракот за сите во Грција е токму таков случај. 35-годишниот нов лидер на левичарската партија Сириза и самиот е геј и оженет со маж, што предизвикува многу потсмев во неговата родна Грција. Меѓутоа, пред само неколку години, би било незамисливо за политичарите во Грција отворено да ја признаат својата хомосексуалност. Примери за тоа има во конзервативната Нова демократија.

Сепак, Каселакис е убеден дека премиерот го прави сето тоа неволно. „Господинот Мицотакис игра на либералната карта само кога учествува на состаноците на Советот на ЕУ и меѓународните форуми или директно се обраќа на ЛГБТ заедницата“, вели Каселакис за ДВ. „Во реалноста, господинот Мицотакис значително ја ослабна демократијата, на пример кога станува збор за судството, уставниот поредок, полициската репресија или слободата на мислење“, критикува лидерот на опозицијата.

Но, Мицотакис може да биде сигурен дека и фракцијата Сириза и опозициските парламентарци од левичарскиот Курс на слободата ќе гласаат за новиот закон. Затоа што тешко дека премиерот ќе добие мнозинство само со гласовите на неговата партија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми