1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалУкраина

Бран на разрешувања поради корупција во војската на Украина

Лилија Ржеутска
17 август 2023

По спроведените контроли ширум земјата и, сите шефови на регрутните центри во Украина сега ќе бидат сменети. Кој да ги преземе функциите и дали тоа ќе спречи корупција во иднина?

Претседателот Володимир Зеленски во борба против корупцијата во украинската војска
Претседателот Володимир Зеленски во борба против корупцијата во украинската војскаФотографија: President Of Ukraine/APA Images/Zumapress/picture alliance

„Ги отпуштаме сите регионални воени комесари. Системот мора да го водат луѓе кои точно знаат што е војна и зошто цинизам и поткуп претставуваат предавство. Системот за регрутирање може да им се довери на борци кои биле на фронтот или веќе не може да лежат во ровови затоа што го изгубиле здравјето или екстремитетите, но го сочувале достоинството и кои не се циници", рече претседателот Володимир Зеленски по состанок на Националнио совет за безбедност и одбрана каде што беше донесена таквата одлука откако во земјата беа спроведени контроли. Започнати се 112 кривични постапки против претставници на центрите за регрутација и против 15 лица е покренато обвинение.

Нелегално богатење?

Украина во изминативе недели ја потресуваат скандали во кои се вмешани шефовите на центрите за регрутација.

Еден од осомничените за нелегално збогатување во милионски суми е поранешниот воен комесар од Одеса, Јевген Борисов, за чии блиски роднини новинари открија дека од почетокот на војната во Украина се стекнале со луксузни недвижнини во Шпанија и скапи возила. По објавувањето на истражувањата, Борисов е отпуштен од работа, уапсен и осомничен за кршење на законите за воена служба.

Центар за регрутација во украинскиот град ЛвовФотографија: Pavlo Palamarchuk/AA/picture alliance

Контролите покажале дека друг комесар од регионо во западна Украина користел војници при изградбата на неговата куќа. Шефот на центар во Доњецк во источна Украина исто така е уапсен затоа што истражувањата покажале дека лица блиски до него ги праќал во бригада на украинската војска и за тоа добивале плата, а никогаш не учествувале во борбените дејствија.

При контролите во речиси 100 центри во Киев и други региони биле пронајдени индиции дека се продавани лекарски потврди за неспособност за служење во војската.

Задршки кај опозицијата

Опозицијата во парламентот од Зеленски бара да се објават критериумите според кои се отпуштени од работа комесарите. Ирина Хершаченко од фракцијата „Европска солидарност” сака да знае зошто сите биле отпуштени од работа. „Ако сите примиле поткуп и учествувале во нелегални активности, тогаш не само што мора да бидат отпуштени од работа, туку и уапсени”, пишува таа на Телеграм.

Зеленски вети дека ќе има апсења и посочи дека во случаите каде што нема докази за кривични дела, воените лица треба да одат на фронтот ако сакаат да си го задржат чинот и достоинството.

Проценка од експерти

Јавноста бара менување на сите комесари, а Зеленски ги исполнува нејзините очекувања, смета политикологот од украинскиот Центар за применети политички истражувања „Пента”, Володимир Фесенко. Според него, претседателот сега се потпира на лица со искуство во борбите кои треба да станат „морални чувари против корупцијата во системот”. Истовремено експертот додава дека „дури и за новите шефови ќе има големи искушенија во системот. Тоа се лукративни функции затоа што многу луѓе се обидуваат да платат за да бидат ослободени од одење во војна”, вели Фесенко.

Јавноста бара смена на сите воени комесари, а Зеленски ги исполнува нејзините очекувања, велат експертиФотографија: President Of Ukraine/APA Images/Zumapress/picture alliance

Сепак, целосна истовремена промена на комесарите не е потребна, смета Хлуб Каневскиј од анти-корупцискиот центар „СтејтВоч”, кој посочува дека тоа за најмалку три месеци ќе го „закочи” центарот за регрутација сѐ додека новите шефови не се снајдат на новите функции. „Краткорочно смената на сите стари со нови комесари носи плус поени затоа што ја исполнува желбата за правда, но ако во системот толку водечки позиции се испразнат истовремено, тоа ќе се одрази врз неговата работа”, предупредува Каневскиј.

Според експертот, не е доволно само да се сменат луѓето кога коруптивното опкружување останува исто, туку треба интерно да се контролира и да се воведат анти-корупциски мерки за да може центарот за регрутација да работи транспарентно независно од персоналните промени.

Љубов Халан од центарот за човекови права „Принцип” кој нуди правна поддршка на војници, смета дека корупцијата и меѓу новите комесари може да се сузбие единствено со транспарентност. „Не смее да се постапува само во поединечни случаи, туку потребна е реформа на системот затоа што тоа многу се одразува на пррцепцијата во општеството за мобилизирањето, како и на расположението на луѓето кои веќе се борат на фронтот. Некои за малку пари си купуваат ослободување од војска, додека други лежат во ровови. Тоа иритира, е неправедно и ја поткопува довербата во државата”, нагласува Халан.

На првата линија на украинската контраофанзива

01:44

This browser does not support the video element.

Според неа во системот за регрутирање мора да се воведе ефикасно електронско менаџирање со документи. Регистарот за мобилизирање мора да се споредува со други електронски регистри за да се спречи корупцијата, смета Халан и додава дека „ние како граѓанско општество покрај персонални сакаме и системски промени. Може да дојдат добрии, но и лоши персонални решенија и некогаш дури и кај добри луѓе на одредени функции се менуваат етичките убедувања”, вели таа.

Шефот на Украинската национална агенција за спречување на корупција, Олександар Новиков, смета дека системот мора да биде променет. Не е соволно да се менува персоналот во центрите за регрутација, затоа што и новиот ќе се интегрира во постоечките структури. „На крајот повторно ќе имаме корупција”, изјави Новиков за украинската телевизија. Според него, агенцијата им рзработено план за сузбивање на корупцијата особено што се однесува до заминувањето на украински граѓани преку граница.

„Најмногу злоупотреби се случуваат со потврдите за неспособност за служење војска со кои на лицето му е дозволено да ја напушти земјата”, вели Новиков.

Според неговиот план, треба да се сменат правилата за напуштање на земјата и за издавање на соодветните документи. За таа цел треба да се вмрежат дата базите на граничната служба и на центрите за регрутација со што ќе се обезбеди транспарентност во постапката.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми