1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГрција

Бран штрајкови по железничката несреќа во Грција

Кристијан Волф
8 март 2023

Тешката железничка несреќа и натаму ги бранува духовите во Грција. Со масовни штрајкови се врши притисок за преземање соодветни мерки. Во фокусот, меѓу другото, е политиката на приватизација од последните години.

Протести во Солун по тешката железничка несреќа - плакат на кој стои: „Убијци“
Протести во Солун по тешката железничка несреќа - плакат на кој стои: „Убијци“Фотографија: Murad Sezer/REUTERS

Во знак на револт поради потфрлањето на државата во врска со тешката железничка несреќа во Грција пред една недела, јавниот живот во земјата е речиси парализиран од штрајкови. Морнарите, возачите на автобуси, лекарите и наставниците како и целиот јавен сектор стапија во 24-часовен штрајк. Во поголемите градови Атина и Солун дојде до хаос на патиштата. И фериботите останаа во пристаништата, така што многу острови се отсечени од копното.

Демонстрантите со минута молк им оддадоа почит на жртвите во железничката несреќа (Атина, 8.03.2023)Фотографија: Thanassis Stavrakis/AP Photo/picture alliance

Критики за приватизацијата

На штрајкови повикаа големите синдикати во земјата. Тие од политичарите бараат целосна истрага на железничката несреќа во која загинаа 57 лица.

Критикувана е и политиката за приватизација и се бара да ѝ се стави крај. Железницата, како што се вели, била криминално запоставена од сите влади во последните две децении. „Ќе се избориме за безбедна железница, за да не се повтори таква трагична несреќа како во Темпи“, се вели во соопштението на најголемиот синдикат на железничарите. Од синдикатот на наставниците порачаа: „Не е време за молчење, време е да се зборува и време е за борба“.

Протести во Атина (8.03.2023)Фотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Штрајкот е врв на многу протести во земјата по несреќата, на кои делумно имаше и безредија. Политичките аналитичари истакнуваат дека приватизацијата како таква во овој случај воопшто не е виновна за сегашната состојба. Според нив, приватизиран е само железничкиот транспорт, кој со години е во рацете на италијанска железничка компанија. За инфраструктурата на грчките железници и за персоналот сѐ уште е одговорна грчката државна железничка компанија ОСЕ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми