1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јовановиќ: Македонија ќе има најслаб раст во Западен Балкан

ДТЗ
17 октомври 2024

Оваа година растот ќе биде околу 1.8%, следната 2.3%, а во 2026 2.6%. Ова е наодот на новата есенска прогноза oд Виенскиот институт за меѓународни економски студии, која опфаќа 23 земји од регионот.

Бранимир Јовановиќ
Јовановиќ: Македонија ќе има најслаб раст во Западен БалканФотографија: Civil Media

Северна Македонија има најслаб раст во Западен Балкан. Оваа година тој ќе биде околу 1.8%, следната 2.3%, а во 2026 година - 2.6 проценти. За споредба, просечниот раст во регионот на Западен Балкан ќе биде околу 3.5%. Ова го покажува најновата есенска прогноза oд Виенскиот институт за меѓународни економски студии, која опфаќа 23 земји од регионот.

„Првата причина за релативно слабите резултати е големата изложеност кон Германија – извозот во Германија сочинува околу 40% од вкупниот извоз на земјата, и тој во првата половина на оваа година има пад од 14%. Втората причина е тоа што новата влада сѐ уште не успева да претстави кохерентна визија за економската иднина на земјата и за политиките кои ќе ги води“, вели за ДВ професорот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Бранимир Јовановиќ. 

Прогнозите на Владата беа дека во 2025 година невработеноста ќе се намали на 11,2%, платата ќе се зголеми за 7,5%, а економскиот раст се очекува да биде 3,7%. Ваквите планови се наведени во новата Фискална стратегија 2025-2029 година на Министерството за финанси, според кои јавниот долг ќе достигне ниво од 66,4% и следната година ќе се намали умерено.

Светска банка, пак, во април годинава информираше дека Северна Македонија има зголемен буџетски дефицит, а лани имала и најнизок економски растод земјите во регионот. Таа очекува раст на инфлацијата од три отсто во 2024 година и враќање на долгорочниот просек на земјата од два процента во периодот 2025 - 2026 година. Годинава се очекува растот да биде силно поттикнат од градежните работи на автопатиштата. Нејзините прогнози за 2024 година се стапка на раст на инфлацијата од три отсто, а во 2025 - 2026 година, на подолг рок, враќање на долгорочниот просек на земјата од два проценти.

Источна Европа се опоравува 

Главната порака на извештајот е дека Источна Европа се опоравува, ама полека. Економскиот раст зајакнува и инфлацијата се намалува, но сепак перформансите ќе бидат послаби од периодот пред пандемијата. Главните причини за тоа се лошата состојба во Германија и глобалните геополитички тензии.

„Балканските земји ќе бидат нешто подобри од останатите. Делумно, тоа се должи на понискиот степен на развиеност – познато е дека помалку развиените економии побргу растат. Но, некои од државите преземаа и добри економски политики, како раст на платите, што поттикна потрошувачка и силни државни инвестиции во инфраструктурата. Дополнително, регионот се соочува и со зголемен прилив на странски инвестиции, што исто така влијае позитивно на растот. Но, Северна Македонија, за жал, ќе има најслаб раст на Западен Балкан“, укажува Јовановиќ.

Проекциите се дека Албанија годинава ќе има раст од 4.0%, идната година од 3.8, а во 2026 година - 3.9%. За Косово проекциите се дека растот ќе биде 4.1% годинава, 3.8% идната година и 3.9 во 2026 година. прогнозите за Србијуа се дека годинава ќе има раст од 3.8%, а идните две години - 3.7%. 

Оваа година растот ќе биде околу 1.8%, следната 2.3%, а во 2026 2.6%. Ова е наодот на новата есенска прогноза oд Виенскиот институт за меѓународни економски студии, која опфаќа 23 земји од регионот.Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Како влијае германската рецесија? 

И покрај неизвесното меѓународно опкружување, економиите на повеќето земји во Централна, Источна и Југоисточна Европа покажуваат силен раст. Меѓутоа, некои од тие земји со силни врски со германската индустрија – како што се Чешка, Словачка и Унгарија, како и Романија – се погодени од рецесијата во Германија. Сепак, нивните економии веројатно повторно ќе зајакнат следната година, се наведува во есенската прогноза. 

„Главниот двигател на растот во земјите-членки на ЕУ од Централна и Источна Европа била и останува приватна потрошувачка, поради нагло зголемување на реалните плати; во меѓувреме, индустријата е во рецесија“, објаснува Ричард Гривсон, заменик директор на Виенскиот институт и главен автор на есенската прогноза. 

„Затоа гледаме развој на две страни. Кризата во Германија тежи како воденички камен за многу економии во регионот, ограничувајќи ги нивните изгледи за раст“, ​​продолжува Гривсон. Тоа се одразува и со падот на производството на автомобилската индустрија, што сочинува околу една третина од економското производство на Словачка и приближно 15% од БДП во Чешка, Словенија и Унгарија. 

Виенскиот институт предвидува просечен раст во 2024 година од 2,2% за земјите-членки на ЕУ во регионот. Надолна ревизија од 0,4 процентни поени на летната прогноза, со очекуван раст до 2,9% во 2025 година. 

Се предвидува државите од Вишеградската група – Полска, Чешка, Словачка и Унгарија – и Словенија да се прошират во просек за 2,3% во 2024 година, а растот да се зголеми на 3,1% во 2025 година. Полска ќе ги предводи источните земји-членки на ЕУ во однос на растот (2024: 3,1%; 2025: 3,7%). Во Југоисточна Европа, претходно процутената економија на Романија забавува, со растот се очекува да биде 2% оваа година (2025: 2,5%). Во меѓувреме, Хрватска веројатно ќе види релативно силен раст и оваа година (3,3%) и следната (3,0%). Шесте земји од Западен Балкан се прогнозира да пораснат во просек за 3,4% и во 2024 и во 2025 година, додека турскиот БДП се предвидува да се зголеми за 3,4% во 2024 година и 4,0% во 2025 година.

Украина, која е сериозно погодена од војната, се очекува да има раст за 2,7% во 2024 година и 3,3% во 2025 година. Што се однесува до Русија, нејзината прогноза за 2024 година е ревидирана нагоре за 0,6 проценти поени од летото - на 3,8%. 

Иранско-израелска војна и Доналд Трамп како големи ризици

Најголемите ризици за прогнозата се од геополитички карактер.

„Кога би имало директна војна меѓу Израел и Иран, тоа би имало катастрофално влијание врз глобалната економија и на регионот“, вели Ричард Гривсон. „Цените на нафтата веројатно би се искачиле до небо и глобалата трговијата, заедно со многу синџири на снабдување, исто така би можела масовно да страда“. 

Друг ризик е можното враќање на Доналд Трамп на американското претседателство. Ова носи со себе многубројни неизвесности: ако Трамп биде избран и ги исполни своите ветувања, САД би можеле да ја интензивираат својата трговска војна со Кина и евентуално да иницираат и против ЕУ. 
 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми