1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИсланд

Брисел се надева на „да“ од Исланд

АРД
26 август 2026

Исланд викендов ќе гласа за претпристапни преговори со ЕУ. Брисел се надева на позитивен исход од референдумот, не само од геополитички причини и се обидува на Исланѓаните да им излезе во пресрет околу рибарството

Знамиња на ЕУ и на Исланд пред зградата на Европската унија во Брисел
Исланд викендов ќе гласа за претпристапни преговори со ЕУФотографија: Wu Wei/Xinhua/IMAGO

Штефан Филе на 12 јуни 2013 година е разочаран. „Ја почитуваме одлуката на  Исланд да ги прекине претпристапните преговори“,  вели во тоа време ресорниот еврокомесар за проширување на ЕУ. Тој сепак вели и дека нема сомнеж оти во секое време може повторно да се отпочне процесот - со оглед на сите дотогашни искуства и веќе постигнати договори. „Ако Исланѓаните се решат да се надоврзат на ова, ќе постигнеме договор што ќе ги удостои и исландските особености и европските принципи“, беше уверен Филе тогаш.

Веќе дел од внатрешниот пазар

Сега и де факто може да се реализира тоа. Исланд е посебен, островот со околу 400 илјади жители веќе е дел од внатрешниот европски пазар, но за тоа  земјата уплаќа во касата на ЕУ,  слично како и Норвешка. Таа е и дел од Шенген зоната. И без разлика дали се работи за демократијата, владеењето на правото, еднаквите права за сите или зелена енергија - Исланд веќе е во голема мера усогласен со ЕУ, или е дури и понапред во развојот.  Исланд се разликува од сите други кандидати,  вели Марта Кос, актуелната еврокомесарка за проширувањето на ЕУ. „Ако народот се одлучи да продолжат со  процесот на пристапување, тоа ќе биде поинаква ситуација отколку со било која друга земја-кандидат. Никогаш до сега не сме имале толку усогласена земја“, вели Кос.

Пристапувањето би било успех за ЕУ

За  ЕУ самото пристапување би било успех. Хрватска, последната земја која ѝ пристапи на Унијата, го стори тоа пред цели 13 години. Останатите пристапни процеси, особено со земјите од Западен Балкан, се одолговлекуваат. Исланд по повеќе од 30 години би била првата западноевропска земја што ќе се приклучи на ЕУ и тоа би ја зајакнало заедницата на вредности, нагласува еврокомесарката за проширување Кос во интервју за исландското радио. Исланд за Европа сега е и од поголемо геополитичко значење. „Знаете што значи да се биде таму горе, соочен со – ајде да кажам - различни влијанија во околината. Со тоа може да се придонесе и за безбедноста на ЕУ“, им порача Кос на Исланѓаните.

Се сигнализира компромис за риболовот

Најтешкото поглавје би можело да биде риболовот. За тоа ни во првиот обид воопшто не се  разговараше токму затоа што е толку жешка тема. Кос ветува дека темата внимателно ќе се адресира. „Свесни сме за важноста на риболовот за Исланд и не само за вашиот просперитет, туку и за вашиот живот како заедница, за вашиот идентитет“ вели таа и потенцира дека „убавината на ЕУ е во тоа што е способна да решава невозможни проблеми“.

Автор: Томас Шпикхофен, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми