ЕУ подготвува посилна улога во Арктикот
23 јануари 2026
По неколку исклучително напнати денови и острата реторика од американскиот претседател Доналд Трамп, лидерите на Европската унија одржаа специјален самит во Брисел. Целта беше да се извлечат поуките од дебатата околу Гренланд, да се усогласи позицијата кон Вашингтон и прашањето за иднината на трговскиот договор со Меркосур.
Вечерата во зградата на Европскиот совет траела повеќе од пет часа, а премиерите и претседателите најмногу разговарале за „турбуленциите“ од претходните денови. Мнозинството лидери изразиле задоволство што Европа останала цврста во ставовите и не подлегнала на притисок.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц пред новинарите изјави дека не сака дополнително да ги коментира случувањата од минатата недела, но дека „има добар исход“. Тој смета дека не може да стена збор за крај на НАТО и порача дека Алијансата мора да се зачува: „Такво партнерство не се откажува лесно“.
Поуки од кризата околу Арктикот
Иако заканите на Трамп формално се повлечени, тонот и однесувањето на американскиот претседател оставиле длабока трага меѓу европските лидери. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по состанокот изјави дека партнерските односи мора да се темелат на почит и дека Европа и САД имаат заеднички интереси во Арктикот. Во рамки на НАТО, според него, ќе продолжи соработката, но ЕУ ќе преземе „посилна улога“.
Кошта посочи и важен принцип: „Само граѓаните на Данска и Гренланд можат да одлучуваат за својата иднина. Цврсто стоиме зад меѓународното право, територијалниот интегритет и националниот суверенитет.“
Тој изрази задоволство што најавените американски царини се повлечени и нагласи дека е време да се продолжи со имплементација на ланскиот трговски договор.
Сомнежи околу „Одборот за мир“ на Трамп
Многу покритичен беше тонoт на Кошта околу т.н. „Одбор за мир" предложен од Трамп, на кој биле поканети и повеќе европски лидери.
„Имаме сериозни сомнежи за повеќе аспекти на овој одбор– од неговиот обем до неговите надлежности“, изјави тој. Дополнително, не е јасно како ваквиот одбор би се вклопил во Повелбата на Обединетите нации.
ЕУ, рече Кошта, е подготвена да работи со САД на сеопфатен план за мир во Газа, но само во рамка што би имала преодна, а не трајна улога.
Меркосур – без конечна одлука
Меѓу темите на самитот беше и застојот на трговскиот договор со Меркосур, кој долго време е блокиран во Европскиот парламент. Се зајакнуваат позициите дека договорот треба барем привремено да се стави во сила.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека постои „јасен интерес придобивките од овој важен договор да се почувствуваат што е можно побрзо“.
Но, додаде дека сè уште нема одлука за активирање на процесот за привремена примена: прво дел од државите на Меркосур треба да го ратификуваат договорот. „Ние сме подготвени кога и тие ќе бидат подготвени“, рече фон дер Лајен.
Ново стратегиско позиционирање – за три недели
Лидерите ќе се сретнат во истиот состав повторно за три недели, овојпат во оддалечен имот во близина на Маастрихт. Таму, како што го најави Кошта, ќе биде одржан „стратегиски brainstorming“ посветен на конкурентноста на ЕУ, односно положбата на Унијата во денешното глобално опкружување.
Автор: Томас Шпикхофен, АРД