Брижит Бардо: Збогување од екстравагантната филмска ѕвезда
29 декември 2025
Во 2022 година стриминг платформата Нетфликс најави дека животната приказна на Брижит Бардо нема да биде раскажана во еден филм, туку во раскошно продуцирана биографска серија. Една година подоцна беше објавен мини-серијал под едноставен наслов „Бардо“, омаж за иконата на француското кино и една од најпознатите Французинки на сите времиња. Во текот на нејзиниот животен век, „ББ“ беше сметана и за феминистка, и за фатална жена. И нејзиниот живот беше проследен од контроверзии. Родена на 28 септември 1934 година во Париз како ќерка на индустријалец, таа уште на 15-годишна возраст ја започнува својата кариера како манекенка откако ја бојадисува косата руса. Нејзината природна боја на косата е кафена, но со бојадисувањето таа налик на Мерилин Монро, станува една од најпознатите „русокоси“ на 20 век. Дури и во 2022 година, „ББ русата коса“ се славеше во модните списанија како совршена руса боја.
Актерска кариера
На 18 години Бардо ги снима првите филмови, но меѓународното внимание го привлекува дури 4 години подоцна со улогата во филмот „И Бог ја создаде жената“ (1956), режиран од нејзиниот сопруг Роџер Вадим, со кого се венча во 1952 година. Во филмот Бардо глуми млада жена која свесно го користи својот еротски шарм и мажите ги врти околу малото прсте. Митот за Бардо е роден. Во САД филмот се смета за премногу разголен за големото платно. Сопственици на кина во кои тој сепак бил прикажуван, дури се нашле зад решетки.
Тоа не му наштети на успехот на филмот, ниту на Бардо – напротив. Во следните години таа се етаблира како „фатална жена“ и глуми во повеќе од 40 филмови, меѓу кои и „Вистината“ (1960) на Анри-Жорж Клузо, „Презир“ (1963) на Жан-Лик Годар и „Вива Марија!“ (1965) на Луј Мал.
Пејачка, модел и икона на сексуалното ослободување
Таа сними бројни шансони и поп-нумери во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, меѓу другото и со Серж Генсбур и Саша Дистел. Како манекенка им беше муза на дизајнерите во големите модни куќи, како Диор, Балмен и Пјер Карден. Нејзиниот хедонистички начин на живот и надвор од екранот, ја направи икона на сексуалната револуција во нејзино време.
По разводот од Вадим во 1957 година, Бардо има неколку легендарни афери, како онаа со нејзиниот колега, актерот Жан-Луј Трентињан. Двајцата се пар од соништата на француското кино. По разделбата од Трентињан, Бардо влегува во врски подеднакво застапени во печатот - на пример со „Монсиер 100 илјади волти“, шансониерот Жилбер Беко. Во 1966 година таа имаше краткотраен брак со германско-швајцарскиот богаташ Гинтер Сакс, чиј екстровертен начин на живот го направи квинтесенцијален „џентлмен плејбој“ во тоа време.
Во есеј од 1959 година насловен „Брижит Бардо и синдромот Лолита“, Симон де Бовоар ја опишува Бардо како „локомотива на историјата на жените“ и ја слави како најслободна жена во повоена Франција. Бардо става крај на актерската кариера во 1973 година на 40-годишна возраст, но е ѕвезда во текот на целиот живот.
Заштитата на животните како животна тема
Фокусот на медиумите врз приватниот живот на Бардо малку се помести откако таа стана поактивна во други сфери. Од почетокот на 1960-тите таа ја користи својата глобална слава за промоција на поголеми права и заштита на животните. Тоа ќе стане нејзина оставштина. Таа многу рано се залага за воведување на поблаги методи во кланиците за најбезболно можно убивање на животните. Во 1976 година таа се приклучува на глобална кампања против лов на фоки. Во 1986 година таа ја основа фондацијата Брижит Бардо, која ширум светот се залага за благосостојбата на животните.
Премин кон крајната десница
Во 2021 година Брижит Бардо е казнета со 5илјади евра за поттикнување омраза, меѓу другото затоа што за ловците го употреби нацистичкиот термин „суб-луѓе“. Тоа не е прв пат Бардо политички да стапне на лизгав терен. Откако во 1974 година го поддржа конзервативниот претседателски кандидат Валери Жискар д'Естен против социјалистот Франсоа Митеран, Брижит Бардо повеќекратно фаќаше јасна десна кривина, па така на пример и „флертуваше“ со десно-популистичката партија Национален фронт.
Во интервју за „Пари Мач“ во 2014 година таа со воодушевување зборуваше за Марин Ле Пен, во тоа време предводничка на Националниот фронт, нарекувајќи ја „Јованка Орлеанка на 21-от век“ која ќе „ја спаси Франција“. Уште во 2004 година Бардо беше осудена од француски суд за поттикнување расна омраза, откако во една книга ги обвини муслиманите заради колењето животни, како и за наводното поткопување на Франција. Таа мораше повеќе плати да плаќа казни заради поттикнување омраза кон муслиманите и луѓето од Реунион.
Меѓу скандал-ѕвезда и алегориска Французинка
Бардо во повеќе наврати се огласуваше и за родовите прашања. По неколку многу амбивалентни забелешки за моменталната геј сцена, таа негираше дека е хомофобична, наведувајќи многубројни геј пријатели. Во меѓувреме таа го обвини бројот на операции за промена на полот за вртоглавите трошоци во здравствениот систем. Во екот на #MeToo кампањата за сексуалното вознемирување во филмската индустрија, таа изјави дека многу актерки ги „бркаат“ продуцентите за да добијат улога. „А, потоа велат дека биле вознемирувани, за да се зборува за нив“, тврдеше Бардо. И покрај нејзините многубројни контроверзни изјави и ставови, Брижит Бардо до крајот на животот остана - иако екстравагантна - национална икона. А, не е ни чудо бидејќи „ББ“ многу пати беше модел за бисти на францускиот национален симбол Маријана.