1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бројни ризици за изборниот процес - како да се избегнат?

ДТЗ
27 март 2024

Поради ризикот од притисоци, злоупотреби, насилства, заплашувања кои можат да влијаат врз текот на изборите, зголемена е будноста на сите институции

избори
Бројни ризици за изборниот процес - како да се избегнат?Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Македонските институции во пресрет на пролетните двојни избори ја зајакнуваат соработката и координацијата со цел да се обезбеди фер и демократски изборен процес. Во Министерството за внатрешни работи веќе интензивно се работи на обуки на полициските службеници, а со поддршка на ОБСЕ и ОДИХР е изработен прирачник за постапување на полициските службеници.  Поради ризикот од притисоци, злоупотреби, насилства, заплашувања кои можат да влијаат врз текот на изборите, зголемена е и будноста на Јавното обвинителство. Тоа ќе треба да ги детектира ваквите можни ризици и да ги санкционира  обидите за загрозување на слободно изразување на граѓанската волја.      

Сајбер напади, дезинформации, притисоци...

„Принуда, сајбер напади, несоодветна инфраструктура, логистички пречки, кампања за дезинформација, секој од овие ризици претставува закана за кредибилитетот на изборните процеси“, вели првиот човек на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.

Со овие предизвици ДИК не ќе може да се справува сама. „Од суштинско значење е заедничкиот пристап и соработка на сите засеганти страни вклучени во изборниот процес“, порача Даштевски на панел дискусијта за проценка на изборните ризици, организирана од Институтот „Охрид“. 

„Агенциите за сајбер безбедност во ера на дигитализација се важни, како и во заштитата на изборната инфраструктура која во време на сајбер закани е најважна. Соработката со властите за сајбер безбедноста помага во опасностите по изборните системи, обезбедување на база на податоци за гласачите и ублажување на ризикот од крахирање или манипулација со електронските системи и бази на податоци“, вели Даштевски.

Изборниот законик упатува на соработка и со други министерства.

Поради ризикот од притисоци, злоупотреби, насилства, заплашувања кои можат да влијаат врз текот на изборите, зголемена е и будноста на Јавното обвинителство. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Загриженост

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, вели дека е загрижен за избориот процес. „Ќе сторам се од себе и јас и институцијата која ја водам да имаме фер и демократски избори. Загрижен сум дали Владата ќе стори се од себе за изборниот процес“, рече Тошковски.

Слободните избори и владеење на правото се основните сегменти во една држава - овие два принципи се нераскинливо поврзани и се клучни за почитувањето на сите човекови права.

„Одговорноста да ги штитиме овие принципи е огромна“, вели Јавниот обвинител Љупчо Коцевски. За таа цел, во Јавното обвинителство е формирана комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности, нарушувања, но и можни незаконитости кои би го нарушиле демократскиот процес.

„Комисијата на дневна основа ги следи и сите објави на печатените и електронските медиуми поврзани со изборите и има можност да иницира и постапки по допрен глас. На денот на изборите во обвинителствата низ цела држава се организираат вонредни дежурства и комисијата е во постојана комумникација со останатите органи кои се грижат за регуларноста на изборниот процес“, вели Коцевски.

Од денот на распишување на изборите па досега во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК)  пристигнале околу 20 претставки поврзани со непостапувања. Комисијата веќе започна проверки за тоа како се користат службените возила, а антикорупционерите ќе имаат значајна улога и во мониторингот на финансирањето на изборната кампања.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми