1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во Бугарија се големи фантомските болки за Македонија“

БГ
7 март 2023

Постои загрижувачка сличност меѓу историските аргументи на Русија кон Украина, и на Бугарија кон Северна Македонија. Ова е опасна идеологија, вели германскиот историчар Улф Брунбауер.

Улф Брунбауер
Професорот Улф БрунбауерФотографија: IOS/neverflash.com

Бугарската блокада на Северна Македонија во ЕУ нема логика, затоа што тоа треба да биде национален интерес на Бугарија, изјави во интервју за „Независен“, Улф Брунбауер, професор по историја на Универзитетот Лајбниц во Регенсбург, Германија. Професорот ја објаснува својата теза дека „коренот на спорот се наоѓа во центарот на Софија, односно во седиштето на власта во Бугарија".

„Бугарија ќе има многу повеќе корист од добрите односи со Северна Македонија. Ова ја остава само опцијата дека меѓу креаторите на политиките во Бугарија фантомските болки за Македонија се толку големи што спречуваат рационално одлучување. Или дека сериозно погрешно пресметале и сега не знаат како да најдат излез без да го изгубат образот дома."

Брунбауер смета дека руската агресија врз Украина ги заострува последиците од спорот меѓу Софија и Скопје.
„Војната на Русија против Украина ја прави контроверзноста уште поважна: пред сè, секое несогласување и спор на Балканот може и ќе биде искористено од Русија за да го поткопа европското единство. Второ, доколку запре пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ поради непопустливоста на Бугарија, во оваа земја може да се зајакнат антиевропските сили – од кои Русија би имала корист, додека во исто време националистите во Бугарија, кои се проруски настроени, исто така можат да имаат корист од зголемените тензии. Конечно, иако треба да нагласиме дека Бугарија, се разбира, нема да започне војна, постои загрижувачка сличност во историските аргументи. Војната на Русија покажува дека навистина мораме да ја сфатиме сериозно ако политичарите во една земја тврдат дека луѓето од друга земја се дел од нивната нација. Ова е опасна идеологија“, вели Брунбауер. 

Брунбауер вели дека би прифатил да биде надворешен член на мешовитата македонско-бугарска историска комисија, но само како набљудувачФотографија: Government of North Macedonia

На заедничка, туку споделена историја  

Професорот од Германија, кој се смета за добар познавач на балканската историја, вели дека не сака да го користи терминот „заедничка историја“ и објаснува зошто е тоа така:

„Затоа што секој поединец, секоја група, секое место ја доживува историјата на различен начин. Се разбира, за време на Византиската и Отоманската империја, но и за време на југословенскиот период, на пример, Македонија (како регион) припаѓаше заедно со другите региони на заедничка политичка рамка. Овој политички покрив создаде сличности меѓу различните региони под него. Но, ова заедништво не значи истост. Терминот „споделена историја“ го сметам за подобар, бидејќи ова потврдува дека можеби имаме нешто заедничко, но гледаме на тоа многу поинаку. Концептот на „заедничка историја“ може лесно да се манипулира ако се верува дека само народите (етничките групи) имаат историја – тогаш тврдењето дека имаме заедничка историја може да се искористи за да се оправда негирањето на постоењето на други. Видете го на пример есејот на Путин „За историското единство на Русите и Украинците“ – Русите и Украинците споделуваат историја (а Украинците споделуваат и други истории со другите народи, исто така), но немаат заедничка историја, бидејќи многу различно го толкуваат минатото." 

Киднапиран процес 

Брунбауер вели дека би прифатил да биде надворешен член, или набљудувач, во работата на  мешовитата македонско-бугарска историска комисија, и смета дека одбивањето на Бугарија да прифати странски експерти во работата на комисијата се должи на стравот дека нема да се најде „угледен специјалист за балканската историја кој ќе го поддржи нивниот став."

Брунбауер ја критикува и ЕУ дека не сторила доволно да го заштити процесот на пристапување на нови членки од, како што вели, „киднапирање“ од земјите-членки.
„Структурниот проблем е принципот на едногласност што се применува во процесот на пристапување. Тоа значи дека секоја земја, практично од која било причина, може да го блокира целиот процес. Ова е покана за киднапирање на преговорите за членство за вашата сопствена агенда, дури и ако таа е параноична. Ова е голем проблем за ЕУ, бидејќи ја намалува нејзината способност да дејствува стратешки, доколку некоја влада може да ја поткопа нејзината најважна надворешно-политичка алатка, односно ветувањето за членство. Можеби бугарската блокада ќе доведе до преиспитување во Брисел, вели професорот Улф Брунбауер. 

 

Целото интервју на професорот Улф Брунбауер можете да го прочитате на овој линк. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми