Станува мачно да се гледа пизмата кон докторот од Неврологија. По објавената снимка на која наводно зема дрога, нема кој не се произнесе против него, нарекувајќи го со погрдни зборови. Јавната осуда која пристигна од сите страни полека премина во стигматизирање на докторот. Тој, се разбира не е невин, но неговото жртвување на олтарот на моралот почна да заличува на општа хистерија за прикривање на сите индивидуални и колективни слабости на заедницата во која живееме. Како професионалец никој не треба да се појави на работа во таква состојба, но дрогирањето не значи дека личноста автоматски треба да биде стигматизирана.
Меѓутоа да си признаеме дека морална вертикала во Македонија одамна се клати. Господинот кој наивно ги споделил со друг своите најинтимни моменти, бездруго заслужува критика и тој за својата невнимателност ќе си плати цена, но што правиме со системот кој е соучесник во такви ситуации? Еве на пример неговите колеги со кои тој секојдневно бил во контакт. Човек што зема дрога се препознава а особено лекари тоа можат да го забележат и треба да го пријават. Нивното молчење е соучесништво и потенцијален ризик лекарот да стори грешка кога е под дејство на дрога.
Неколку примери во нашето општество го покажуваат молкот: случајот Онкологија пред сѐ. Кој треба да ги забележи и пријави неправилностите? Министерот кој нема увид во дневното работење на клиниката, или самите лекари и останатиот медицински персонал пред чии очи се случуваат дубарите. Невозможно е да не приметите или да не се појави сомневање дека колегата врши злоупотреби. Во секојдневната соработка тоа е забележливо, ако сакате да видите. Но кај нас се затвораат очи пред таквите појави и најчесто го обвинуваме системот кој сме всушност ние.
Што се однесува до стигматизацијата, и за тоа потфрливме како општество и како индивидуи. Развиените општества се трудат да се справат со таквите појави и да им помогнат на луѓето што се дрогираат повторно да застанат на нозе. Државите кои се борат против дискриминација прават филмови за позитивна пропаганда во кои бивши или латентни алкохоличари или нарко зависници се одлични професионалци и се истакнуваат според високите резултати во работењето. Таквите теми се фаворизираат за да се култивира и јавноста, да се зголеми инклузивноста на општеството и да се оствари уставната гаранција дека сите луѓе имаат еднакви права.
Судење без доказ
Кај нас за жал постои мислење дека таквите луѓе како доктор Кузмановски треба да бидат јавно погубени. Погледнете само до каде отиде јавната дискусија за него, се заговара да му биде одземена лиценцата, да биде уништен морално и професионално и да биде прогонет од професијата во која го вложил целиот живот. Без разлика на неговите досегашни професионални достигнувања и излекувани луѓе на кои тој им ја вратил вербата за живот. И без доказ дека поради консумација на дрога загрозил нечиј живот, поставил погрешна дијагноза или нападнал некого на работното место. Таа жед за крв, фигуративно, не остава ни тронка сомнеж дека македонското општество е крајно нетолерантно спрема различностите и ги убива наместо да ги користи.
Од друга страна, отсуството на осуда за личноста пред која докторот бил толку слободен и отворен и ги изложил своите најинтимни моменти, а таа го продала, можеби и за пари, исто така говори за двојните стандарди и лицемерието. Таа страна во случајот со Кузмановски е само навидум безначајна. Ако се загребе под површината таа зборува за сфаќањата во нашето општество во кои категориите како личен морал, доверба, лојалност и објективност се избришани од нашиот речник. Личноста што го снимала докторот не е виновна за неговиот порок, но е подмолна, алчна за пари и веројатно одмаздољубива штом решила на таков начин да ја изигра неговата доверба. Од такви луѓе тешко може да се очекува конструктивност во изградба на заедницата или добронамерност во семејството и надвор од него.
Пизмата кон лекарите
Трета работа што заслужува опсервација е пизмата кон лекарите која владее во нашата заедница. Докторот Кузмановски е само последниот во низата по кој се истури гневот на јавноста. Разбирливо е незадоволството од услугите што ги добиваме, но лекарите во јавното здравство работат во тешки услови. Без современа апаратура, без навремена лабараториска и дијагностичка поддршка и без елементарна логистика.
Сето тоа го зголемува притисокот врз медицинарите бидејќи секој оди таму за да добие услуга, а многу често таа услуга не зависи само од лекарот и неговото знаење туку зависи од цел ланец на придружни елементи кои се потребни за комплетно извршување на медицинската услуга. Посегнувањето по стимуланси во такви случаи не е ретка појава, ниту пак ја има само овде и само во лекарската професија, но важно е системот да развива протоколи кои се применуваат во такви случаи.
Во напредните земји за девијантните однесувања на работно место постојат протоколи за известување. Ако биде забележан дрогиран лекар на работно место, дрогиран или пијан професионален возач, пожарникар, полицаец или ако при извршување службена задача со цивилни лица се случи пречекорување на овластувањата, нивните колеги се должни да го применат протоколот и да ги известат повисоките инстанци. Тоа е дел од работните обврски и од работната култура, затоа што прикривањето може да доведе до големи последици како за тој што го покривал така и за оние на кои институцијата им пружа услуги.
Можеби македонското општество ќе научи нешто од оваа најнова епизода. Бездруго тоа ќе биде лекција и за докторот кого еден момент на слабост го доведе на работ да изгуби сѐ што создавал со децении. Но време е и ние како поединци да се свртиме кон себе и да се надградуваме наместо да се повредуваме.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
