1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брзи кредити - помош или легализирана лихва?

Кристина Озимец
3 јуни 2017

Сѐ повеќе компании во Македонија нудат брзи мали кредити, без многу бирократија. Граѓаните се жалат дека под леснотијата на брзото давање позајмици, под навидум нормални камати, се кријат огромни дополнителни трошоци.

Пари
Бизнисот со брзи кредити во Северна Македонија зема голем замавФотографија: picture alliance/dpa Themendienst/Wuestenhagen

„Брзи онлајн кредити“; „Земи веднаш“; „Одобрување и земање пари за неколку минути“ - реклами за  добивање „брз кеш“ кои се појавуваат сѐ почесто во македонскиот онлајн простор, но и се рекламираат кај традиционалните медиуми. Со едноставни процедури, без многу бирократија и документација, повеќе компании нудат мали кредити до 1000 или 1200 евра, но со големи камати и провизии доколку се враќаат подолго време. Дојче веле разговараше со членка на едно семејство која се бори со исплатата токму на еден ваков кредит, но таа сака да остане анонимна. Кредитот го земала нејзината сестра, која не е кредитоспособна, бидејќи зема минимална плата и има нецелосно регулиран работен однос. На крајот долгот останал на семејството, кое морало да го врати.

„Бев принудена да ја искористам мојата заштеда собирана долги години за да ѝ го отплатам долгот, затоа што немаше капацитет сама да го отплати. Но најстрашно беше што почнаа да ѝ вршат притисоци со јавувања од типот ‘видовме дека ти стигнала плата, ајде плати рата или ќе ти пратиме писмо на работа’“, вели таа.

Сестрата на нашата соговорничка земала кредит од 25 илјади денари кои требало да ги врати во рок од 9 месеци и заедно со каматата и провизиите сумата која требало да ја врати изнесува речиси 50 илјади денари. Вкупната месечна рата изнесувала 5423 денари, додека фиксната годишна каматна стапка била дури 191,74%! Иако во кредитот е наведено дека каматата изнесува 10%, она што многумина не го гледаат пред да ги потпишат договорите се дополнителните трошоци за провизии кои ги има во изобилство. Во нашиот случај, каматата за кредитот била само 1055 денари, но провизијата за подготовка на кредитот чинела 2250 денари, додека провизијата за обработка на кредитното барање била дури 11.754 денари. Потоа следела и провизија за администрирање на кредитот од околу 8748 денари, како и други помали суми за административни трошоци. Ваквото таложење на трошоците за корисниците на кредитот, доколку не биде вратен за кратко време, може да биде вистински пекол, велат нашите соговорници.

Провизијата за обработка на кредитните барања е огромнаФотографија: Fotolia/Scanrail

Јовановиќ: Се работи за легализирана лихва

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ вели дека ако лихвата се дефинира како позајмување на пари по екстремно високи камати, тогаш ваквите производи може да се оквалификуваат како легализирана лихвa.

„Колку што можев да видам, вкупната камата на еден ваков производ (т.е. стапката на вкупни трошоци) изнесува 1500% годишно. Регулацијата во земјава е лоша, односно го дозволува ова. Постојната регулација ја ограничува само каматната стапка, но не и провизиите и останатите трошоци. Ако ги погледнете овие кредитни производи, ќе видите дека каматната стапка не е толку висока, односно е во границите на дозволеното, но провизиите се многу повисоки. Она што треба да се направи е да се регулира т. н. 'стапка на вкупни трошоци', којашто е всушност вистинската цена на чинење на овие производи, т.е. она што од економска перспектива се нарекува камата“, вели Јовановиќ за Дојче веле.

Според него, ова покажува дека голем дел од луѓето толку немаат пари за да ги задоволат своите основни потреби, што мораат да се задолжуваат и на вакви начини.

И за политикологот Соња Стојадиновиќ ваквата појава покажува колку граѓанството е сиромашно. „Самите износи говорат дека на луѓето им требаат мали суми за преживување на месецот, што со еден збор се вика сиромаштија. Во земја каде 21% од луѓето се сиромашни, таквите непроверени фирми со лихварски камати се знак дека имаме проблем во финансискиот пазар“, вели Стојадиновиќ.

Граѓаните се толку финансиски немоќни, што земаат кредити друи и за задоволување на основните потребиФотографија: DW/P. Stojanovski

Можна е правна заштита

Адвокатот Јанаки Митрески вели дека работењето на ваквите „инстант кредитори" е регулирано со Законот за финансиски друштва. Лихварските договори, вели тој, се забранети со Законот за облигациони односи, па оттука формално не може да се говори за „легална лихва" во услови кога работењата на овие компании формално се во согласност со закон.

„Но во поглед на каматите законската камата се определува со Закон за облигациони односи, каде тие се јасно дефинирани. Во однос на правната заштита секој еден договор кој содржи одредби кои се косат со овој закон се ништовни и можат со леснотија да се побијат на суд. Доколку некој од договорите содржат одредби со кои каматната стапка е одредена повисоко од законски дозволената, таа одредба е ништовна и може да се оспори на суд“, вели Митровски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми