1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брзи кредити - камати до плафон

ДТЗ
31 март 2023

Задоцнетото враќање на брзиот кредит, еден должник го чинело „ѓавол ипол“. За земени 9.000 денари кредит на рака, тој требал да врати дури 75.772 денари.

долг пари
Задоцнетото враќање на брзиот кредит должниците ги чини „ѓавол ипол“. Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst/Wuestenhagen

„Поволни услови за плаќање. Аплицирај брзо. Кредит само за 10 минути. Финансиска поддршка кога ви е најнеопходно“. Ова се само дел од бројните реклами со кои се привлекуваат граѓаните да земат брзи кредити, за кои не се потребни сложени процедури за аплицирање. 

Брзите кредити лесно се земаат, ама тешко се отплаќаат. Граѓаните кои секојдневно се заплиснати со агресивни реклами за брзи кредити без камати, кои ги нудат голем број финансиски друштва низ земјата, често се одлучуваат за ваква позајмица да да подмират некој трошок. Но , ретко имаат јасна претстава во што влегуваат. Задоцнетото враќање на брзиот кредит, еден должник го чинело „ѓавол ипол“. Па така, за земени 9.000 денари кредит на рака, тој требал да врати дури 75.772 денари. 

Камати, опомени... 

„За земен кредит од 9.000 денари, за доцнење со негова исплата навистина како во рекламите, не се наплатува камата, меѓутоа се наплатуваат други огромни трошоци. Така за конкретниот пример, на име достасан надоместок наплатени се 2.026 денари, за надоместок за доцнење дури 58.846, денари, па кога на ова ќе се додаде износот за испратената опомена 5.900, денари долгот ја достигнува сумата од 75.772 денари, што е за осум пати поголема од главниот долг“, предупредува народниот правобранител Насер Зибери, кој што посочува дека се зголемува бројот на претставки од граѓаните до институцијата, меѓу другото и поради ваквите кеш кредити.

Тој бара Министерството за финансии итно да иницира законски измени за да ги заштити граѓаните од „грабеж и должничко ропство“. „Бидејќи со сегашната законска регулатива граѓаните корисници на овие брзи кредити се ставаат во огромни долгови, барам веднаш да се  пристапи кон нејзина измена со цел граѓаните при враќањето на кредитите да не бидат повеќекратно оштетени“, вели Зибери. 

Со сегашната законска регулатива граѓаните корисници на овие брзи кредити се ставаат во огромни долговиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претставки 

Станува збор за масовна појава, за која Омбудсманот нема директна надлежност, но граѓаните се почесто се жалат и бараат помош од институцијата. Процедурата за добивање вакви кредити, според Зибери, се одвива дури и по електронски пат, со давање кредит за затварање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво.

„Отсуствува ефикасна контрола и надзор на нивното работење како и околноста што во законот што ја регулира оваа материја, не постои ограничување на вкупните трошоци, надоместоците и провизиите на кредитите што ги одобруваат финансиските друштва, ниту обврска задолжително јавно да го објавуваат тарифникот со надоместоците на својата интернет страница или на видно место во работните простории“, укажува Омбудсманот.

Проценките изминатиот период беа дека над 200.000 граѓани зеле брзи кеш кредити, но контролите извршени кај финансиските друштва покажуваат дека кај повеќе од половина од нив се констатирани неправилности. Се почесто се нудат кеш кредити, наменски кредити, кредити за рефинансирање, кредити за пензионери. Аплицирањето е со минимум документи, најчесто со лична карта, без жиранти и без докажување на приходи.

Дозволите за основање и работа на овие финансиски друштва ги издава Министерството за финансии. Заклучно до 1 ноември 2022 година на финансискиот пазар активно работеле 33 финансиски друштва. Најголем дел од нив одобрувале потрошувачки кредити на физички лица. 

Казни 

Минатата година биле изречени 13 глоби за овие друштва во вкупен износ од 16.000 евра. Министерството за финансии лани извршило теренски надзори кај 16 финансиски друштва при што кај 10 од нив се констатирани неправилности. Осум од финансиските друштва кај кои се констатирани неправилности треба да платат казна. Казните се изречени согласно Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми