1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Будење на германските политички активности на Западен Балкан

Ненад Крајцер
5 февруари 2024

Германија со посетата на министерот за одбрана Борис Писториус и на парламентарната група за односи со ЈИЕ, ги започнува годинешните активности на Западен Балкан. Отворени прашања, како и во минатите години, има многу.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во посета на Косово, Србија и на Босна и Герцеговина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во посета на Косово, Србија и на Босна и ГерцеговинаФотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Веднаш по преземањто на власта кон крајот на 2021 година, новата германска влада стави до знаење дека Западниот Балкан ќе биде во фокусот на надворешнополитичките активности. Владата на канцеларот Олаф Шолц ја прифати долгогодишната мантра дека ЕУ не смее регионот да го препушти на други актери како Русија, Кина и Турција.

Приоритет: спречување судири

Агендата се интензивираше по нападот на Русија врз Украина по што уследија посети од восокорангирани членови на владата, пред сѐ на министерката за надворешни работи Аналена Бербок и канцеларот Шолц во 2022. Високо на листата приоритети за регионот беше и остана приближувањето на регионот до Унијата во склад со ветувањата од Солун во 2003. „Врелите компири" кои стојат како препрека на патот се во 2024 слични како и пред две години, меѓу кои врвен приоритет е спречување можност да избијат судири за чие решавање ЕУ во време на војна пред своите порти не би имала капацитет.

На тоа треба да се додаде фактот дека некои челници во регионот (пред сѐ Александар Вучиќ) во последно време сѐ погласно зборуваат за потребата од наоружување што не и оди во прилог на агендата за отклонување на потенцијални извори на судири, посебно ако се земе в предвид сериозниот инцидент што лани се случи во Бањска на северот на Косово што ја потресе меѓународната заедница.

Министерот за одбрана Борис Писториус денес патува за Белград, Сараево и Приштина, како што за ДВ потврди министерството за одбрана во Берлин. Така на Западниот Балкан сака да му стави до знање дека Германијаи покрај многуте други надворешнополитички проблеми, регионот не го турнала на страна. Иако службената агенда за патувањата уште не е објавена, а самото заминување до последен момент се држеше во тајност, однапред е јасно дека Писториус, инаку од СПД, носи порака од германската влада за потребата од изнаоѓање решение за два горливи приблеми во регионот: односите меѓу Србија и Косово и воспоставување стабилност во БиХ.

Колку е кревок мирот во регионот покажа вооружениот инцидент во Бањска, КосовоФотографија: Kosovo Government/REUTERS

Главниот дел од работата Писториус го очекува во Белград, смета политикологот Стефан Сурлиќ од тамошниот Факултет за политички науки. „Може да се очекува притисок врз Вучиќ да го прифати германско-францускиот план што вклучува и деблокада на Косово на меѓународен план и членство во меѓународните организации. Се очекува и некој вид нова нормалност што би значела српската заедница во потполност да се интегрира во косовските институции со истовремено прифаќање на основањето на „Заедницата на српски општини”, вели за ДВ Сурлиќ, кој деновиве престојува во Берлин. Србија и Косово по минатогодишниот судир во Бањска и во време кога Вучиќ бара вонредна седница на Советот на безбедност заради укинување на динарот на Косово, се сѐ, само не на прагот на договор. Дополнително на ова е незадоволството на германските парламентарци со одржувањето на изборите во Србија, што може да е биде еден предмет на разговор во Белград.

„Бељаџиите" во Белград и во Бања Лука

Истовремено со посетата на Писториус, во Косово и Македонија ќе престојуваат и претставници на Парламентарната група за односи меѓу Германија и ЈИЕ. Еден од членовите на делегацијата, политичарот од владеачките Либерали, Томас Хакер, во разговор за ДВ јасно стави до знаење кого го смета за потенцијална опасност за регионот. „Посетата на Писториус доаѓа во време кога безбедносната ситуација на Балканот, иако стабилна, има сериозен потенцијал за ескалација заради производителите на немири како Милорад Додик и Александар Вучиќ. Министерот доаѓа во вистинско време за уште еднаш да ја истакне нашата поддршка и интерес да го одржиме мирот и тоа на сите да им го ставиме до знаење", рече Хакер. Тој е одлучен дека Писториус треба јасно да го осуди нападот врз војниците на НАТО на 29 мај 2023 и бара правни последици за одговорните.

Александар Вучиќ и Милорад Додик (архивска фотографија)Фотографија: DADO RUVIC/REUTERS

Да се застане на патот на дестабилизацијата на Русија

Колегата од парламентарната група од редовите на Зелените, Борис Мијатовиќ, вели дека посетата на Пусториус би можела да придонесе за зголемување на безбедноста на германските војници стационирани на Западниот Балкан. „Патувањето на министерот Писториус ја нагласува подготвеноста на германската влада активно и одржливо да го поддржува регионот. Изричите се заблагодаруваме на германските војници во Косово и БиХ кои даваат значаен придонес за стабилизацијата и безбедноста", вели Мијатовиќ.

Тој често престојува во регионот и го проследи и изборите во Србија, а престојот во Белград не ги намали неговите стравувања за негативното влијание на Русија врз регионот. „Заканата од руска агресија е предизвик за цел регион. Нападот врз Украина е злостор кој не смее да се повтори. Русија се обидува на пр.преку користење дезинформации, да ги дестабилизира нашите земји во ЕУ и ЈИЕ”, смета Мијатовиќ.

Прво Косово, па Додик

Сурлиќ смета дека и покрај повеќе од јасните критики на сметка на владеачкиот состав по изборите во Србија, Германија не ја промени благата политика спрема Белград. „Мислам дека политиката на Германија спрема Белград се нема сменето. Можеби само на ниво на реторика. Нема веќе толку фалби за Вучиќ како порано, но Германија и натаму во Вучиќ гледа единствен сигурен партнер, посебно во контекст на дијалогот со Приштина", смета Сурлиќ. 

Стефан Сурлиќ, аналитичар од БелградФотографија: privat

Но, токму тоа според Хакер треба да се смени. „За жал Србија продолжува со надворешната политика на седење на две столчиња истовремено и продолжува да ги влече за нос Германија и ЕУ и тоа без страв од последиците од Унијата”, дециден е Хакер. Како најсвеж пример ја наведува изјавата на премиерката Брнабиќ која на руската тајна служба и се заблагодари што ја спасила Србија од „Мајдан сценаријата водени од Германија”. „Едноставно не можам да разберам зошто Александар Вучиќ се смета за гарант за безбедноста”, вели Хакер. Дека Вучиќ се доживува како чинител за безбедноста не само кога е во прашање договорот со Косово, туку и ситуацијата во БиХ, смета и Сурлиќ. Иако, според него, Вучиќ сѐ почесто се обидува да ја избегне улогата на решавач на проблемите на Балканот. „Вучиќ даде до знаење дека не му се допаѓа концептот според кој врз него се врши притисок на две страни, паралелно и во врска со Косово и во врска со БиХ. „Мислам дека од таму Германија и ЕУ ќе се свртат кон решавање на проблемит со Додик дури откако ќе се реши прашањето на Косово со тоа што категорично нема да се толерираат никакви сепаратистички тенденции", заклучува Сурлиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми