1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буџетот краток - листата на желби долга

ДТЗ
15 ноември 2024

Врие од незадоволство во правосудството и во културата, кои бараат повеќе средства и проектирање на реални буџети кои ќе ги исполнат основните услови за фукционирање на институциите

буџет
Буџетот краток - листата на желби долгаФотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

Предлог-буџетот на 2025 година, кој е во собраниска процедура, предизвика лавина реакции кај институциите коишто бараат повеќе средства за реализирање на планираните проекти. Врие од незадоволство во правосудството и во културата, кои бараат повеќе средства и проектирање на реални буџети кои ќе ги исполнат основните услови за фукционирање на институциите. 

Алармантен недостиг на пари и кадри 

Јавниот обвинител на Северна Македонија, Љупчо Коцевски, пред членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет укажа дека износот на средствата предвидени за Јавното обвинителство и за следната година изнесуваат околу 0.2% од вкупниот износ на планираниот Буџет, што повторно е само половина од законски предвидениот минимум неопходни за ефикасност на постапките.

„За сите овие реформи што како држава сме ги ветиле, а се однесуваат на работата на Јавното обвинителство, не се предвидени речиси никакви дополнителни средства во предлог-буџетот за следната година. Повторно и годинава, наместо законски одредениот износ на буџетот за обвинителството во висина од 0.4% од вкупниот државниот буџет, ни се одредуваат околу 14 милиони евра или нешто повеќе од 0,2%. Половина од законскиот минимум“, вели тој. 

Јавното обвинителство и писмено се произнесе дека ваквата буџетска рамка не е доволна за покривање на основните потреби на обвинителството, особено во услови на општ раст на трошоците по сите основи. „Како државен јавен обвинител чувствувам обврска и пред вас, народните избраници, да укажам дека проблемот со недостатокот на материјални и кадровски ресурси во обвинителството станува алармантен“, вели Коцевски.

Вака како што е предложен буџетот за 2025 година, повторно е најнизок од сите обвинителства во регионот - и според процент од вкупниот буџет што се издвојува, но и според вкупен обем на издвоените средства. „Без доволно средства, не може да се зборува за реална поддршка на системот за ефикасна правда“, посочува јавниот обвинител. 

Поради недостиг на финансии, но и одредени законски слабости, одливот на кадар од обвинителството е огроменФотографија: Petr Stojanovski/DW

Одлив на кадар 

Поради недостиг на финансии, но и одредени законски слабости, одливот на кадар од обвинителството е огромен, како по основ на пензионирање, така и по други основи. И меѓу јавните обвинители каде од предвидените 260 јавнообвинителски места пополнети се само 170, но и кај јавнообвинителската служба во која од систематизирани околу 1.000 работни места, пополнети се околу 360.

„Практично работиме со една третина од потребните капацитети во службата која е поддршка на обвинителите, како и со над 30% помалку обвинители од оние кои ни се предвидени како минимум за ефикасност. Тоа се наведува и во Извештајот за ефикасност и квалитет на правдата во Европа на Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа, каде стои дека со 8,5 јавни обвинители на 100 илјади жители ние сме далеку под европскиот просек од 12,2. За жал, континуираниот одлив на кадри не сме во можност да го надоместиме затоа што веќе известени сме дека и за следната 2025 година на обвинителството нема да му биде одобрено ниту едно вработување“, укажува Коцевски. 

Незадоволство и кај филмските работници 

Друштвото на филсмките работи упати отворено писмо до министерот за култура Зоран Љутков, во кое реагира на предлог буџетот за филм за 2025 година и барa од Владата, Министерството за култура и Министерството за финансии негово ревидирање и проектирање на реален буџет за филм.

„Во момент кога сме длабоко навлезени во четвртиот месец од мандатот на в.д директорката на Агенцијата за филм, период во кој снимања речиси и да нема, не е потпишан ниту еден договор за финансирање на веќе одобрени проекти, не е прегледан ниту еден извештај за наменско трошење на средства, исплатите кон тековни и веќе реализирани проекти се стопирани и во кој годинешниот конкурс за производство на филмови е поништен, радоста исчезна, а одржувањето на надежта стана невозможно“, се посочува во писмото.

Во него се додава дека македонските продуценти секојденево се соочуваат со притисоци и закани за меѓународни тужби и откажување на соработки, а државата престанува да биде дел од европското филмско семејство.

„Загрозено е и нашето членство во значајни регионални, европски и светски организации и асоцијации. Во време кога филмските професионалци се во немилост и страдаат за елементарна егзистенција, а филмските продукции бараат алтернативни начини да опстанат, дојде и информацијата дека во предложениот буџет за 2025та година, ставката за филм изнесува само 2.4 милиони евра, бројка која е пониска и од основниот буџет за 2024 година. Оваа вест, секој еден филмаџија ја дочекува во шок и неверување“, велат тие. 

Филмските работници се децидни дека предложениот буџет за филм за 2025 година не е доволен за елементарно да се покријат потребите на кинематографијата. Затоа бараат од Владата, од Министерството за култура и Министерството за финансии ревидирање на овој предлог и проектирање на реален буџет за филм. 

Незадоволство поради предлог-буџетот изрази и опозициската СДСМ, која најави дека нема да го поддржи во Собранието и поднесе 200 амандмани. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Се крати на животна средина - се зголемува на луксуз 

Незадоволство поради предлог-буџетот изрази и опозициската СДСМ, која најави дека нема да го поддржи во Собранието и поднесе 200 амандмани. Во предложениот буџет, според опозициската СДСМ, се намалени парите за животна средина, за енергетика и квалитет на воздух. Опозицијата е загрижена и што буџетот во секторот одбрана се намалува, додека за 75% се зголемуваат средствата за набавка на службени возила.

„Дополнително, она што загрижува е драстичното зголемување на средствата за МВР наспроти средствата за Министерство за одбрана. Како земја членка на НАТО, сметаме дека намалувањето на средствата за буџетот на армијата е несоодветен и недозволен“, порача во четвртокот (14.11) лидерот на СДСМ, Венко Филипче на комисиската расправа којашто се води во парламентот. 

Опозицијата крритикува и дека има се помалку пари за развој на енергиката, парите за гасификација се речиси преполовени, додека за енергетска трансформација нема ништо.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по предлог-буџетот за 2025 година во Комисијата за финансирање и буџет рече дека тој е дизајниран за исполнување на определбата за фискална консолидација и обезбедување фискална одржливост. „Клучно е дека тој е визија на Владата за наредната година којашто базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции. При тоа обезбедува непречено функционирање на институциите и државата и редовно сервисирање на обврските“, истакна министерката.

Вкупните приходи на Буџетот за 2025 година се планирани на ниво од 358 милијарди денари, додека расходите се планирани на ниво од 400 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 41,3 милијарди денари или на ниво од 4% од БДП и е понизок за околу 3,3 милијарди денари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми