1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Воведувањето на еврото проследено со контроверзии

Шринивас Мазумдару
1 јануари 2026

Пристапувањето во еврозоната е награда за позитивниот развој на Бугарија во изминатата деценија. Немирите и растечкото незадоволство од лошото управување и корупцијата, претставуваат сериозен предизвик.

Бугарија лев евро
Од 2026 година, Бугарија ќе биде дел од еврозоната: наместо левот (л.), валута ќе биде еврото (д.)Фотографија: BGNES

Кога Бугарија на 1. јануари 2026 година ќе го воведе еврото, ќе стане 21-ва земја-членка на еврозоната. Пристапувањето во клубот на земји со иста валута, е значаен пресврт за земјата во источна Европа, која се приклучи на ЕУ во 2007 година. Од јануари, само уште шест од 27-те земји-членки на ЕУ ќе бидат надвор од монетарната унија и тоа Шведска, Полска, Чешка, Унгарија, Романија и Данска.

Еврото „не е само валута, туку стратешка одлука“ и ја засилува позицијата на Бугарија во Европа, рече тогашниот бугарски премиер Росен Желјазков на конференција со учесници од висок профил во бугарскиот главен град Софија што се одржа во ноември годинава. На истиот настан Кристин Лагард, претседателката на Европската централна банка, изјави дека воведувањето на еврото „ги засилува економските темели, ја зголемува отпорноста на Бугарија на глобалните шокови и дава поголема тежина на нејзиниот глас во еврозоната“.

„Поддржувачите на приклучувањето на Бугарија кон еврозоната нагласуваат дека земјата ќе има полза од приклучувањето во 'клубот на богатите' и ќе постигне значителен напредок“, вели за ДВ Росица Рангелова, професорка на Институтот за економски истражувања при Бугарската академија на науките (БАС). „Тоа се прикажува како Бугарија автоматски да ќе го зголеми животниот стандард и просперитет. Но, не е сфатливо како ова треба да се случи со оглед на неопходните и одложени реформи без кои нашата земја нема да биде рамноправен член“, додава таа.

Во каква состојба е економијата на Бугарија?

Бугарската валута, левот, е врзана за еврото уште откако е тоа воведено. Софија официјално го започна процесот за пристапување кон еврозоната во 2018 година, а левот беше опфатен во Европскиот механизам за девизен курс во јули 2020 година.

Европската Комисија и министрите за финансии на еврозоната на почетокот на годинава дадоа зелено светло за апликацијата на Бугарија за членство во еврозоната. Приклучувањето го нагласува позитивниот развој на бугарската економија во текот на изминатата деценија.

Росен Шелјазков: „Еврото ја зајакнува позицијата на Бугарија во Европа“Фотографија: BGNES

Макроекономските индикатори се стабилни, инфлацијата актуелно изнесува околу 2,8 проценти, во споредба со околу 13 проценти во 2022 година. Буџетскиот дефицит и јавното задолжување со околу 3, односно 24 проценти се ниски, со што се запазени регулативите на ЕУ кои бараат од земјите-членки да ги ограничат нивните дефицити на максимум 3 проценти од брутодомашниот производ (БДП), а нивниот вкупен долг на максимум 60 проценти од БДП. Перспективите за раст се исто така позитивни. ЕУ проценува дека реалниот БДП на земјата ќе скокне за околу три проценти годинава, во 2026 година за 2,7 проценти и 2,1 процент во 2027 година.

Сè уште има многу за надоместување

„Бугарската економска состојба во последните децении е стабилна, дури и ако економскиот раст и процесите не одеа оптимално“, вели за ДВ Гунтрам Волф, експерт за фискална политика на еврозоната при Европскиот економски истражувачки институт Бругел.

Норберт Бекман, шеф на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденауер во Бугарија, го застапува истиот став. Бугарија ги исполнува сите критериуми за конвергенција за приклучување кон еврозоната, анализира тој за ДВ, посочувајќи особено на нискката стапка на задолжување на земјата. „Сепак, бугарската економија сè уште има многу да надополни во однос на структурата и перформансите“, заклучува тој.

Многу Бугари протестираат против приклучувањето кон Еврозоната (фото: протест во Софија на 4 јуни)Фотографија: BGNES

Експертите ја предупредуваат бугарската влада да не ја олабавува фискалната политика и да не троши премногу по воведувањето на еврото. „Главниот ризик е фискалната дисциплина да се смета за помалку обврзувачка по еврото, па дефицитите да се зголемат“, вели Волф и додава: „Сепак, со оглед на ниското ниво на задолжување, сметам дека таквиот ризик е мал.“

Бекман исто така ја нагласува потребата од избегнување на нарушувања на пазарот. „Важно е приходите постојано да ги одразуваат капацитетите на економијата и луѓето да не живеат над своите можности. Ако приходите се одвојат и вештачки се надуваат преку задолжување, тоа може да доведе до нарушувања како во Грција“, вели тој.

Политичките немири носат ризик

Во исто време, политичката нестабилност е голем предизвик. Гневот и фрустрацијата на народот поради лошото економско управување и широко раширената корупција се големи.

Бугарија - една од најсиромашните земји во ЕУ - е меѓу најкорумпираните во Унијата, според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнал.

Балканската земја со 6,4 милиони жители од 2021 година има одржано седум парламентарни избори и може да се очекува да има уште едни во наредните месеци. Владата на премиерот Росен Желјазков си поднесе оставка на 11 декември среде масовни протести против корупција и буџетски планови на владата, кои, меѓу другото, предвидуваа повисоки даноци и придонеси за социјално осигурување. Иако нацрт буџетот беше повлечен, јавниот гнев не стивна.

Поделено јавно мислење

Анкетите покажуваат дека Бугарите се поделени по прашањето за еврото.

Поддржувачите аргументираат тоа дека ќе доведе до зголемување на странските инвестиции, елиминирање на трошоците за девизниот курс и поголема интеграција во единствениот пазар на ЕУ.

Скептиците се плашат од зголемување на инфлацијата, бидејќи цените на стоките и услугите ќе бидат конвертирани од лев во евро по промената на валутата.

Некои се загрижени и за губење на контролата врз монетарната политика во корист на Европската централна банка во Франкфурт.

„Процесот на пристапување во еврозоната нема да ѝ користи на бугарската економија. Бугарија ќе стане маргинална членка на еврозоната, помалку флексибилна и неспособна самостојно да ги апсорбира или управува кризите“, смета Рангелова. Таа бугарските власти ги критикува затоа што не одржале референдум за приклучување кон еврозоната. „За вакви фундаментални проекти, владата на која било демократска земја го зема предвид јавното мислење“, вели таа и истакнува дека „бугарските власти со години категорично ги отфрлаат референдумите како израз на јавното мислење и сè уште наоѓаат начини да ги игнорираат“.

Тактики на нарушување од Москва

Иако има оправдана загриженост, кампањите за дезинформации и теории на заговор, го влошуваат евроскептицизмот во периодот пред пристапувањето, вели Волф. „Бугарија редовно е мета на напади од руски кампањи за дезинформации, а Русија многу јасно се обидува да ја врати земјата во својата сфера на влијание“, истакнува тој.

И покрај честите промени на владата во последните години, „партиите и политичарите во Бугарија кои сакаат да го воведат еврото и да ја промовираат интеграцијата на земјата во Западот отсекогаш имале мнозинство во парламентот“, потенцира Бекман. Тој нагласува дека евроскептичните ставови „отсекогаш биле малцински во Бугарија. Не верувам дека тоа во иднина ќе се промени“.

Рангелова, пак, изјави дека приклучувањето кон еврозоната по секоја цена не е пат кон просперитет. „Наместо сега и веднаш да се стане дел од еврозоната, Бугарија треба да се фокусира на стабилизирање на политичката ситуација, на разумна макроекономска политика, која се потпира на силни домашни институции и добро управување со државата.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми