Бугарија го стопира проектот за пругата кон Македонија
13 март 2025


Во екот на заострената реторика меѓу Северна Македонија и Бугарија поради застојот во евроинтегративните процеси, од Софија пристигна вест дека бугарската влада го стопира проектот за пругата кон Северна Македонија. Одлуката е да се пренасочат средствата првично наменети за железничката инфраструктура што ги поврзува Бугарија и Северна Македонија кон завршување на домашните железнички проекти.
Овој потег, како што наведуваат бугарските медиуми, доаѓа како дел од измените на програмата „Транспортна поврзаност“ за 2020-2027 година. Поради доцнење и недостиг на финансиски средства, модернизацијата на железничките делници Софија-Перник и Перник-Радомир, за кои беа доделени 500 милиони евра, повеќе нема да бидат прифатливи за финансирање во тековниот период.
Дополнително, нема европски пари ниту за финансирање за железничките центри во Горна Орјаховица, Русе и Варна. Наместо тоа, средствата ќе бидат искористени за завршување на железничките линии меѓу Софија и Бургас, со 700 милиони евра наменети за делниците Пловдив-Бургас, Елин Пелин-Костенец и Волујак-Драгоман.
Ваквата одлука следи откако Бугарија неодамна предложи нацрт-договор со Северна Македонија за изградба на граничниот железнички тунел од Коридорот 8. Бугарската страна тогаш тврдеше дека е подготвена што поскоро да ги започне преговорите со Северна Македонија за предложените текстови, а потоа да продолжи со неговото потпишување. Предлогот на бугарската држава беше двете влади да преземат конкретни и јасни заложби за реализација на граничниот железнички тунел, кој е клучен елемент на Коридорот 8.
Изградбата на Коридорот 8 претходно беше доведена во прашање, откако од македонската Влада изразија скептицизам околу можноста за реализација на дел од него. Образложението беше дека планираната трета делница од пругата кон Бугарија, Крива Паланка-Деве Баир, „завршува на половина тунел, во слепа улица“. Од Софија, пак, уверуваа дека работат на проектот, кој требаше да заврши до 2030 година.


Заострена реторика
Ваквиот развој на настаните следи по „кастрењето“ на европските пари за регионот, но и по заострената реторика меѓу владите во Северна Македонија и Бугарија. Изјавите на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, дека Бугарија се меша во внатрешните работи на земјата со барањето за уставни измени, но и дека треба да ги признае одлуките на Европскиот суд за човекови права во однос на македонската заедница во Бугарија, предизвика реакција на бугарското МНР.
Министерството повтори дека европскиот консензус од јули 2022 година, одобрен од Северна Македонија и од сите земји-членки на ЕУ, останува рамка за процесот на пристапување на Скопје во ЕУ. Во него се изразува загриженост што Мицкоски ги смета за „мешање“ обврските што Северна Македонија веќе ги прифати и неговите забелешки ги толкува како обид да се одврати вниманието од недостатокот на реформи.
Во соопштението се критикува и толкувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Мицкоски, обвинувајќи го за ширење погрешни и манипулативни наративи. Бугарското министерство тврди дека таквите изјави сами по себе може да се сметаат за мешање во внатрешните работи на Бугарија.
Можна ли е деблокада?
Мицкоски во четвртокот (13.03) изрази жалење што новиот бугарски министер за надворешни работи „заборава дека добрососедските политики се темел на европските вредности, без разлика дали некој е дел од ЕУ“. „Ние сме партнери во најголемата алијанса во човештвото – НАТО заедницата и таму ќе продолжиме да функционираме. Ние ќе останеме тука, но и нашите сограѓани ќе останат во Бугарија“, рече Мицкоски.
Тој е дециден дека целта на земјата е да гради добрососедски односи.„Доколку промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава, тогаш навистина не знам што е. Би се повикал на меѓународното право и Конвенцијата за заштита на правата на заедниците и правото на македонската заедница во Бугарија која се темели на 14 пресуди од Судот во Стразбур. Сите треба да ја поддржиме македонската заедница која што за жал во 21 век во земја-членка на ЕУ не може да го оствари тоа право. Тоа нема врска со внатрешните работи“, рече премиерот.
По најавите на евроабасадорот Михалис Рокас дека во наредните два-три месеци следи дипломатска офанзива за деклокирање на патот кон ЕУ. Мицкоски вели дека „деблокада може да се случи и задутре“, но дека тоа не зависи од нас.