1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалБугарија

Бугарија: Шест смртни случаи и многу прашања

Михаил Иванов
18 февруари 2026

Случајот „Петрохан“ со шест смртни случаи и натаму ја потресува Бугарија. Тој предизвика бран теории на заговор, шпекулации но и политички тензии. Случајот ја разгоре и ендемската недоверба кон државните институции.

Возило на бугарската полиција во шумски предел со снег. Во заднина се гледа објект.
Повеќе прашања отколку одговори за злосторството кое бугарските медиуми го опишуваат како „незапомнето во Бугарија“Фотографија: BGNES

Единственото нешто што сигурно се знае е дека се пронајдени шест мртви тела и една изгорена планинска колиба. Но, што навистина се случило во злосторството кое бугарските медиуми го опишуваат како „незапомнето во Бугарија“, има повеќе прашања отколку одговори.

На втори февруари, мртвите тела на тројца мажи беа откриени покрај делумно изгорена планинска колиба недалеку од превојот Петрохан, во близина на српската граница во западна Бугарија.

Сопственик на куќата е Ивајло Калушев, но тој и уште еден 22-годишен маж и едно 15-годишно момче исчезнаа без трага.

Сите оние кои престојувале во таа колиба беа членови на невладината организација Национална агенција за надзор на заштитените подрачја (НАЦРТ).

Реалноста уште поматна од Твин Пикс

Кога беше објавено злосторството, вршителот на должноста главен обвинител Борислав Сарафов им рече на новинарите дека „во тоа здружение имало матни работи“. На прашањето на еден новинар дали вели дека Здружението е „секта во која имало и педофилија“, Сарафов одговори: „Добро ме разбравте“.

„Во реалниот живот, околностите понекогаш се дури почудни и од оние од серијата Твин Пикс“, рече тој. 

Обвинителот Борислав Сарафов даде изјава за медиумите по откривањето на телата на тројца мажи, прикажувајќи ги активностите на невладината организација на која ѝ припаѓале мажите како „матни“.Фотографија: BGNES

Иако главниот обвинител не објави никакви докази за сомнителните работи на тоа здружение, но и тоа веќе ја отвори Пандорината кутија со шпекулации за таа организација. Дали станува збор за некаков вид паравоена група? Некаква чудна будистичка секта?

Кој е Калушев?

Шест дена подоцна, на 8 февруари, беа пронајдени и трите исчезнати лица, исто така, мртви во камп-комбе на ридот Околчица, оддалечен околу осумдесет километри од првото место на злосторството. Истражителите претпоставуваат дека се работи за четири самоубиства и две убиства.

Најмногу шпекулации има за сопственикот на колибата и раководителот на здружението НАЦРТ, Ивајло Калушев. Овој спелеолог и љубител на животот во природа живеел и во Мексико, а во Бугарија неговата организација соработувала со надлежните служби во борбата против криволовот, нелегалното сечење шуми, но и поради близината на државната граница, внимавала на можна трговија со луѓе. Соработката со Калушев и неговото здружение ја потврди и шефот на бугарската криминалистичка полиција.

На 2 февруари, првите три тела беа пронајдени пред делумно изгорена колиба во планините во близина на ГинциФотографија: BGNES

Иако Калушев и другите членови на групата легално поседувале повеќе парчиња оружје, надлежните служби негираат дека НАЦРТ била некаков вид паравоена организација.

Злоупотреба на малолетници?

Калушев станал будист, а во својата колиба примал и деца - секако со согласност на родителите. Во природа, ги учел за спелеологија, но и за заедничкиот живот со духовни обреди. Во многу случаи, овие деца престанале редовно да одат на училиште и почнале да живеат во колибата.

По неговата смрт, маж кој престојувал кај него како момче изјавил за бугарскиот портал Брд дека Калушев сексуално го злоставувал и дека тоа го пријавил во полиција уште во 2022 година.

Неговата мајка, од друга страна, тврди дека лаже: во интервју за ЈуТуб каналот Дневен ред, таа призна дека видела „духовен водач“ во Калушев, но и дека му давала големи суми пари.

Навистина постојат неколку жалби против здружението на Калушев, а во барем една од нив е обвинет за „промискуитетни дејствија“ со малолетници. Но, ништо не се случи по тие пријави и никогаш немало истрага. Според тврдењата на луѓе блиски до Калушев, тој знаел за тие пријави, што значи дека можеби имал некого во полицијата или во обвинителството кој го информирал за тоа.  

Бругарскиот адвокат Андреј Јанкулов се надева дека „врската меѓу институциите и општеството не е прекината“Фотографија: BGNES

И според криминалистичката истрага на местото на злосторството, не е јасно што се случило таму: околу колибата биле пронајдени неколку чаури, но невозможно е да се каже кои биле испукани кога било извршено злосторството. На колибата имало и видеонадзорна камера, а еден ден претходно, на 1 февруари, може да се види видео снимка од целата група како мавта за збогум. Дали е можно тоа да е поврзано со некаков вид шверц со дрога? Дали можеби и државните институции се вклучени во сето ова?

Постојат многу шпекулации, но нема докази.

Муниција за предизборната кампања

Тоа ужасно злосторство уште еднаш ја покажа и длабоката недоверба на бугарската јавност кон државното обвинителство и полицијата.

Јавноста особено го мрази вршителот на должноста главен обвинител Сарафов, на кого, според анкетата на јавното мислење на Алфа рисрч во декември, му верувале само 4 проценти од испитаниците.

Но, криминалот стана и политика, бидејќи во април Бугарија се подготвува за осмите предвремени избори за пет години.

Тука сегашната владејачка коалиција го обвинува опозицискиот сојуз ПП-ДБ, потсетувајќи дека Министерството за животна средина потпишало необврзувачки меморандум со организацијата на Калушев за време на нивната влада. „Од перспектива на институциите, ова е показател за тоа како ваквите случаи можат да се користат за цели кои не се кривична постапка, вклучувајќи и клевета на политичките противници“, вели за ДВ Андреј Јанкулов, адвокат и правен експерт на невладина организација која се бори против корупцијата.

Јанкулов потсетува дека бугарското обвинителство и досега често давало изјави за кои никогаш не биле презентирани докази, ниту пак тоа довело до судска пресуда. Сето тоа остава впечаток дека пресуди немало и поради политичкото влијание врз обвинителите и судиите во последната деценија. 

Новинарот Георги Марчев вели дека првичните реакции на главниот обвинител и истражителите го олесниле ширењето на теориите на заговор бидејќи „ги охрабриле новинарите и јавноста да читаат меѓу редови“.Фотографија: Privat

Во тоа политичко препирање, се слуша и критика дека така дебатата се оддалечува од клучните прашања: дали надлежните служби можеле да ги спречат убиствата доколку навреме ги истражеле пријавите? Каков бил нивниот однос со организацијата? Кои се мотивите за трагедијата?

Бугарите не им веруваат на истражителите

„Едно е сигурно: првичните реакции на в.д. главниот обвинител и истражителите го олеснија ширењето на теориите на заговор, затоа што ги поттикнаа новинарите и јавноста да ‘читаат меѓу редови“, изјави за ДВ новинарот Георги Марчев.

Според Јанкулов, и самиот поранешен обвинител, обновата на довербата ќе изискува кадровски промени и поголема ефикасност.

Бугарија, заедно со Унгарија, според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнал, е најкорумпираната држава во Европската унија.

„Кога институционалната независност ќе стане реалност, дури тогаш општеството ќе може да верува во она што му го кажуваат институциите“, изјави Јанкулов за ДВ. Сепак, тој се надева дека бугарското општество сè уште нема целосно изгубено доверба во државните институции.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми