1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Кој го изеде асфалтот?

Emilia Milcheva
Емилија Милчева
7 март 2023

Дебелата корупција создаде тенок асфалт на автопатите на ГЕРБ. А, тенкиот асфалт направи милионери многу политичари и службеници. Кој ги консумирал порциите од асфалтот што недостасува? Коментар на Емилија Милчева.

Асфалтот не се јаде, но без асфалт нема храна, објасни Бојко Борисов на владина седница во 2020 година.Фотографија: BGNES

Кога двајца министри ќе го објават истото, дека од гордоста на ГЕРБ - автопатиштата - е заштедено сериозно количество на материјали, тоа значи дека милиони отишле во нечии раце.  Дебелата корупција на патиштата создаде тенок асфалт - и направи милионери од политичари и државни службеници. 

А, вршителот на должноста министер за регионален развој Иван Шишков и министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев ова го соопштија пред  откритијата на Европското обвинителство кое може да ги истражува случаите, бидејќи европските средства, со исклучок на „Хемус“, се користеа за автопатиштата во Бугарија. 

Зошто токму сега? 

За два дена - две вести. Шишков за НОВА изјави дека контролите на автопатот се претвориле во серијал „Кражбата на магистралите“, а секој увид го покажува истото - недостасува од 25 до 30 отсто од асфалтот. Сите оние кои ги возат своите автомобили по патиштата кои ги фали ГЕРБ... се уверија во нивниот „квалитет“. И одамна има повеќе од претпоставки за кражбите - како и стотици милиони однапред платени на градежните компании по внатрешни процедури. Иван Демерџиев во „Недела 150“ на БНР откри дека „дел од тековните постапки за корупција меѓу политичките личности се под надзор на Европското обвинителство, што значи злоупотреба на европските фондови“ и дел од проблемите констатирани на патиштата.

Емилија МилчеваФотографија: privat

Најголемата вест, пак, е дека заедничките инспекции на МВР и МРРБ кои почнаа пред два месеца на патиштата и магистралите, ќе продолжат и во март - односно во текот на целата изборна кампања. А, во февруари Шишков пријавил дека во основата на дел од автопатот „Хемус“ меѓу Софија и Јана е поставено помалку од потребното количество асфалт и премногу згура. Наместо 28 сантиметри асфалт, примероците покажале присуство меѓу 18 и 21 сантиметар. 

Досега официјалната влада на претседателот „се жалеше“ за ГЕРБ, а на мета беа министрите од коалициониот кабинет на „Промената“ - или поради договори за гас, или поради проекти од Планот за опоравување и отпорност или поради извоз на оружје, и дополнително дојде и изјавата за „шарлатани“ од страна на претседателот упатено на адреса на „Продолжуваме со промената“. Истовремено, во државните институции се назначуваат кадри поврзани со круговите на ГЕРБ и ДПС.

Но, со темата за патиштата, претседателската администрација од една страна покажа дека работи заедно со обвинителите на Лаура Ковеши и дека не е рамнодушна, туку придонесува во борбата против корупцијата. Од друга страна, вниманието го насочува кон конкретни шеми, кои бугарското обвинителство систематски ги избегнува. Иако случајот за проневера на повеќе од 50 милиони од „Хемус“ започна во декември 2021 година и во него има осум обвинети, од кои петмина се сопственици на лажни фирми кои ги присвоиле парите, ниту еден политичар или јавен функционер не е обвинет. И сега Демерџиев вети „интересни имиња од сите политички сили“ кои ги консумирале порциите од исчезнатиот асфалт. 

Дали асфалтот се јаде? 

Асфалтот или изградбата на патишта, беше најголемото предизборно прашање на Борисов и на ГЕРБ во текот на нивните три мандати. Исто така и обвинението за оние по него дека не ставиле „една лажица асфалт“. Со ист тон, лидерот одговори на новите обвинувања од Враца, каде ГЕРБ ја отвори предизборната кампања - примерокот не е правилно земен, никој освен ГЕРБ не изградил ни метар, а тие критикуваат, а на Шишков му е ветена функцијата на главен архитект на Софија по локалното гласање. 

„Би ја полеал државата со асфалт да владеевме кога имаше вишоци. И ќе го направам тоа повторно“, рече Бојко Борисов во летото 2010 година, откако за првпат победи на парламентарните избори. Па, ја полеа. Само да не испадне дека лентите, кои премиерот на ГЕРБ ги сечеше на многу делови, ќе испаднат подебели од поставениот слој асфалт.

Николај Нанков, поранешен министер за регионален развој, чест придружник на Борисов во џипот со кој патувал надалеку, откритијата ги нарече „огромна манипулација“. Според него, причината за лошата состојба на патиштата не е неквалитетната градба, туку неодржувањето во изминатите две години. Но, ако отсуството на 10 или повеќе сантиметри асфалтен слој може да се објасни со абење, тогаш тоа воопшто не е асфалт. А покрај асфалтот, министерот за внатрешни работи известуваше и за други лоши практики, кои не се познати отсега - патни делници кои не се завршени според проектот, делници пуштени во употреба - но без градежна дозвола.

Не е само „Асфалтгејт“ 

Европското обвинителство, кое може да го провери секој проект што добил финансирање според европските програми, го проверува и реновирањето на улицата „Граф Игнатиев“ во главниот град , извршено од поранешен миленик на ГЕРБ - „ГП Груп“. Проектот стана предмет за потсмев на социјалните мрежи, чинеше над 24 милиони лева со вклучен ДДВ, доцнеше повеќе од половина година и го платија даночните обврзници. И сега Министерството за регионален развој идентификуваше празнини и не префрла 12 милиони лева во рамките на ОП „Региони на растење“ на Градската општина. Наместо документацијата на МРРБ, обвинителите на Ковеши побараа објавување на „Биволе“ од 2018 година - „Голема корупција со европските фондови и јавни набавки“.

Од 2011 година БСП е во офанзива против неквалитетната изградба на автопатите на Борисов, вклучително и асфалтот, но со променлив успех. Последен пат, пред четири години, социјалистите побараа да се земат мостри од 46 места на автопатите „Струма“ , „Марица“, „Тракија“ и „Хемус“ и да се испитаат во независни лаборатории во странство, но не ја истераа докрај сопствената иницијатива.

Ако „Асфалтгејт“ не е предизборна димна завеса, по автопатите на ред се спортските сали и стадиони кои брзо поскапеа за неколку милиони и покрај тоа што нема инфлација. На крајот, може да испадне дека ниту три мандати нема да бидат доволни за да се испита што изгради ГЕРБ. Асфалтот не се јаде, но без асфалт нема храна, објасни Бојко Борисов на владина седница во 2020 година. Со овие апетити го однесе и асфалтот.  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми