1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Нова влада во Софија – или сепак не?

АРД
20 март 2024

Договорената замена на премиерската функција во Бугарија прерасна во спор околу целиот кабинет, кој се чинеше дека вчера е решен. Малку подоцна, сè беше повторно поинаку.

Марија Габриел  Румен Радев Бугарија
Марија Габриел и бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: BGNES

Хаосот изгледа совршен, владата во Софија е целосно раскарана. Притоа, во вторникот попладнето сè уште изгледаше како спорот за министрите и другите позиции, што траеше со недели, да е завршен. Заменик-премиерката и министерка за надворешни работи Марија Габриел на претседателот му поднесе владина листа: „Во овој момент Бугарија не може да биде воведена во нови избори“, рече Габриел. „Ние сносиме одговорност. Затоа предложив влада во која нема ниту едно непознато име. Таа се состои од луѓе со парламентарно и лидерско искуство."

Габриел сака да стане премиерка

Меѓу имињата е и она на  самата Габриел - таа сака да стане премиерка.  Ова во јуни беше договорено  и со другите две партии во Владата, Демократска Бугарија и Промената продолжува. Меѓутоа, не беше договорено дали покрај премиерското место треба да се пополнат и други функции со нови лица, а Габриел сега планира да го стори токму тоа. На нејзиниот список има шест нови министри, од кои четворица од нејзината партија ГЕРБ. И покрај повеќенеделните преговори, сето ова очигледно е едностран потег. Вечерта досегашните владини партнери на Габриел изјавија дека се предадени.  Премиерот во заминување Николај Денков  изјави: „Составот на кабинетот предложен денеска не е координиран со преговарачкиот тим од Промената продолжува и Демократска Бугарија. Тоа е предлог од ГЕРБ“. Многу од луѓето предложени за министри не дале согласност да учествуваат во таков кабинет. „Јас самиот никогаш не дадов согласност да учествувам во кабинет со ваков состав“,  вели Денков.

Марија Габриел и Николај Денков на прес конференција во мај 2022 година Фотографија: BGNES

Остра критика на однесувањето на Габриел

Денков, според предлогот на Габриел, би требало да биде вицепремиер. Неговите изјави навестуваат дека од тоа нема ништо да биде. Се чини дека довербата меѓу и онака раскараните владини партии е дефинитивно уништена. Копретседателот на антикорупциската партија Промената продолжува, Кирил Петков, вчера дури лично ја нападна Марија Габриел: „Денеска таа покажа дека не поседува особини за вршење на премиерска функција. За премиер е потребно да се располага со основен интергитет , храброст и лидерски способности и да не се свиткува. Ја жалам“.

„Можеби најновото и најубавото лице на мафијата во Бугарија“

Партијата на Петков нерадо влезе во владата со  партијата на Марија Габриел, ГЕРБ.  Зашто, централното изборно ветување на Промената продолжува со години беше дека никогаш нема да владее заедно со ГЕРБ. Причина се обвинувањата за корупција против партијата и првенствено против нејзиниот претседател, Бојко Борисов, кој меѓу 2009 и 2021 година во неколку наврати беше бугарски премиер. Во овој период дојде меѓу другото и до проневера на пари од ЕУ. За антикорупцискиот сојуз Промената продолжува Борисов е неприфатлив. И министерот за финансии Асен Василев во меѓувреме се чини мисли дека Марија Габриел е на иста позиција со Борисов. „Да бидам внесен како министер во кабинет без моја согласност е апсолутен скандал, потсмев на сѐ за што се боревме како правна држава. Тоа покажува дека госпоѓа Габриел веќе не е дел од решението, туку дел од проблемот, можеби најновото и најубавото лице на мафијата во  Бугарија“.

Неизвесен натамошниот тек

Нејасно е како понатаму ќе се одвиваат работите. Промената продолжува и Демократска Бугарија побараа од  претседателот на државата  и од претседателот на парламентот да спречат гласање за новиот кабинет во парламентот. Бугарскиот  претседател Румен Радев  веќе го отфрли барањето. Како ќе се однесува претседателот на парламентот, уште е отворено прашање. Тој припаѓа на ГЕРБ и може да го стави на гласање предлогот на Марија Габриел. Како ќе гласаат досегашните партнери во таков случај, и покрај целата сегашна критика, не соопштуваат. Ако новиот кабинет не биде изгласан во парламентот, новиот мандат за состав на влада би требало да го добие антикорупцискиот сојуз, без изглед за нов владин партнер освен ГЕРБ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми