1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија пред нови избори - не успеа формирањето влада

ЕМФ / дпа
28 март 2024

Преговорите за нова влада во Бугарија завршија неуспешно. Нови избори би можеле да се одржат заедно со европските - на 9-ти јуни, но тоа не е сигурно.

Бугарија избори 2023
Фотографија: Georgi Paleykov/NurPhoto/IMAGO

Бугарија е пред нови избори. Денеска (28.03) не успеа и последниот од трите обиди за формирање нова влада. Најмалата пратеничка група на партијата ИТН го врати мандатот што го доби од шефот на државата Румен Радев. Сега претседателот мора да назначи привремен шеф на владата кој ќе го подготви одржувањето нови избори. Тоа би биле шести парламентарни избори во рок од три години.

Владата, договорена во јуни 2023 година меѓу двата прозападни политички непријатели Герб-СДС и ПП-ДБ, првично беше планирана за 18 месеци - со промена на врвот по измината половина од тој мандат. Но, на половина пат од мандатот, политичките ривали не можеа да се договорат за натамошните реформи и кадровски прашања за да можат да ја продолжат својата коалиција. Либерално-конзервативната влада поднесе оставка на почетокот на март.

Како можен датум за нови избори се спомнува 9-ти јуни, денот кога се одржуваат европските избори. Но, поради контроверзните уставни измени, потрагата по привремен шеф на владата е тешка, па нејасно е дали дотогаш може да се организираат нови избори.

Според експертите, повторна нестабилност би можела да го отежне планираното воведување на еврото во Бугарија на 1 јануари 2025 година. Земјата треба да се приклучи на Шенген-зоната на 31 март, но само со ослободување од гранични контроли на воздушните и поморските граници.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми