1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Бугарската такса за гас е неправедно наметната

ДТЗ
1 ноември 2023

Стравувањата се дека таксата за гас која што ја воведе Бугарија, ќе предизвика зголемување на цените на струјата и затоплувањето за 20%. Ковачевски за проблемот разговарал и со Урсула фон дер Лајен.

гас
Стравувањата се дека таксата за гас која што ја воведе Бугарија, ќе предизвика зголемување на цените на струјата и затоплувањето за 20 процентиФотографија: Axel Heimken/dpa/picture alliance

Северна Македонија нема да се откаже од барањето за укинување на таксата за руски гас која што ја воведе Бугарија. Премиерот Димитар Ковачевски смета дека таа е неправедно наметната. За проблемот разговарал и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а ако е потребно, најавува дека ќе се бара разрешница и преку меѓународните судови. Стравувањата се дека ваквата такса може да предизвика зголемување на цените на струјата и затоплувањето за 20 проценти. 

„Нема да се откажеме да бараме ослободување на капацитетите за гас и да бараме таксата да не важи затоа што е неправедно наметната и нема ништо заедничко со пазарните принципи и со директивите на Европската Унија. Ако треба тоа ќе го направиме и пред меѓународните судови“, изјави денеска (1.11) премиерот. 

Набавка на гас од други извори

Што ќе се случи доколку Бугарија не ги прошири капацитетите за да може да се набават поголеми количества гас и од други извори? Премиерот Ковачевски вели дека со министерот за економија, Крешник Бектеши, реагирале во Европската Комисија дека таксата не треба да биде воведена со оглед на тоа дека целокупниот капацитет на влезната страна кон Северна Македонија е, од страна на Бугарија, даден на „Гаспром“. 

„Тоа значи дека ваква такса ќе предизвика зголемување на цената на електрична енергија и затоплување кај нас за 20 проценти. Затоа побаравме да се ослободи капацитет за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори, што нема да биде руски и со тоа нема да биде оптоварен со оваа дополнителна такса“, вели премиерот.

Во моментот се водат разговори и на ниво на Европската Унија и со Бугарија во однос на ова прашање. „Минатата година успеавме заедно со Европската комисија и Бугарија да ослободиме капацитет за набавка на гас што не е исклучиво во сопственост на Гаспром и се надевам дека и годинава ќе успееме да го направиме тоа“, изјави Ковачевски на одбележувањето на Денот на националното осигурување.

Ковачевски бара укинување на бугарската такса за руски гасФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

ЕК ја одобри таксата

Европската комисија денеска потврди дека Бугарија може да одлучи како да ги користи приходите што ќе ги добива од данокот од 10 евра/MWh за увоз на руски гас што минува низ нејзина територија.

Бугарија очекува до 1,5 милијарди евра годишен приход од новиот данок, за кој бугарскиот премиер Николај Денков, минатата недела рече дека може директно да оди во буџетот на ЕУ.

Последици

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во вторникот (31.10) донесе одлука со која за 4,51 отсто се зголеми цената на парното греење во Скопје. Според најавите од РКЕ, не се очекува да има корекција на цената до крајот на грејната сезона и покрај најавеното воведување такса од 10 евра од страна на Бугарија за транспорт на мегават час руски природен гас низ бугарскиот гасовод.

„Верувам дека во наредниот период ќе бидат преземени сите мерки, зашто Македонија на ниту еден начин не треба да биде погодена од воведувањето на оваа такса зашто оваа такса се однесува исклучиво на руски гас и јасно е дека земјава не била таргетот, туку тоа се други држави кои не знам од кои причини се однесуваат така како што се однесуваат“, рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна најави дека ќе бараат отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата доколку не бидат ослободени капацитетите на гасоводот преку кој земјата се снабдува со гас од Бугарија, бидејќи токму Бугарија до 2030 година му ги има отстапено сите капацитети на овој гасовод на руски „Гаспром“ со исклучок на капацитетите кои лани беа ослободени.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми