1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правата на Бугарите во Македонија, повторно тема во Софија

25 јануари 2023

Министерот Милков и амбасадорот Ангелов денеска во Комисијата за надворешна политика треба да реферираат за „правата на Бугарите во РСМ, ескалацијата на омраза против нив, и билатералните односи“.

Бугарскиот парламент
Бугарскиот парламентФотографија: BGNES

Службениот бугарски министер за надворешни работи, Николај Милков, кој вчера не се појави во Народното собрание на закажаното реферирање за случајот Пендиков, тоа треба да го направи денеска, но пред собраниската Комисија за надворешна политика. Како што објави Комисијата, во 14 и 30 часот (по бугарско време) Милков и бугарскиот амбасадор во РСМ, Ангел Ангелов, ќе говорот на тема „правата на Бугарите во Северна Македонија, ескалацијата на манифестации и кривични дела од омраза против нив, и случувањата во билатералните односи“.

Втора точка на седницата е „Предлог-декларација во врска со агресивната антибугарска хистерија во Република Северна Македонија“, поднесена од Костадин Костадинов и група пратеници на 20.01.2023 година.

Бугарија пред два дена го повика нивниот амбасадор во РСМ на консултации во Софија, а како причина за „неговото привремено враќање“ во земјата ја наведе „сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на актите и злосторствата од омраза против нив во последните месеци“.

„Кога амбасадор е повикан на консултации во сопственото МНР, тоа е знак за постоење на проблем во билатералните односи“, го објасни за БНР значењето на тој чин, Ангел Димитров, поранешен бугарски амбасадор во РСМ и актуелен копретседател во заедничката Комисија за историски и образовни прашања.

„Времето во кое амбасадорот ќе отсуствува од земјата во која е акредитиран, покажува дека - или проблемот не е особено сериозен и треба да се направат одредени појаснувања, или пак, дека проблемот е многу сериозен и тогаш амбасадорот најмалку една седмица останува во сопствената земја, за да разговара со институции кои имаат однос во билатералните врски со земјата во која е акредитиран. Го објаснувам ова, бидејќи на сцена е една многу сериозна тензија меѓу двете земји и поводот за тоа не е некаков случаен инцидент, туку градација во натрупувањето на тензиите во антибугарска кампања, не само во зборовите, туку во преземените конкретни дејства, често пати брутални, како последниот случај“, вели Димитров. 

Влијанието на конфликтот во Украина 

Според Димитров, сето ова се случува во еден друг контекст - војната во Украина, каде бруталната руска агресија на еден или друг начин засега едно пошироко пространство на руските интереси, кое достига до Западен Балкан, во случајот и до РСМ. Запрашан за изјавата на македонскиот претседател околу лицата на кои не треба да им биде дозволен влез во РСМ заради поврзаност со руската разузнавачка служба, Димитров одговори дека не ја слушнал изјавата.

„Навистина не знам што точно има предвид Стево Пендаровски, не сум слушнал што кажал. Но, да ги претстават проблемите со Бугарија како некакво руско мешање, ми звучи безумно, неверојатно. Можеби имаат предвид некои конкретни луѓе... Но тоа е едно иссилено политичко искажување, бидејќи ваквите обвинувања мора да бидат докажани со многу сериозни аргументи, од една страна. Од друга страна, повторно има изместување на проблемот. Проблемот е внатрешно-политички, во односите што во нивната земја се создаваат кон луѓето со бугарска самосвест“, изјави Димитров.

Минатата година, и тогашниот бугарски премиер, Кирил Петков, изјавуваше дека „има руски агенти кои работеле против бугарското разбирање со Северна Македонија, со цел да нема европска иднина за Западен Балкан“, а од земјата беа протерани голем број руски дипломати. 

Претседателот на Бугарија, Румен Радев: Ќе се активираат сите европски механизми за да заврши антибугарската омраза и хистеријаФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Oдговарајќи на новинарско прашањеза инцидентот во Охрид и изјавите што уследија од Скопје, претседателот на Бугарија, Румен Радев изјави дека ќе се активираат сите европски механизми за да заврши антибугарската омраза и хистерија. 

„Сега разбирате зошто толку многу се борев за правата на македонските Бугари да бидат заштитени во Уставотна Република Северна Македонија и тоа да биде предуслов за започнување на преговорите. Република Северна Македонија не започна со преговори. Сè уште не ја отворила вратата за просторијата каде се водат овие преговори. Очекувам институциите на Република Северна Македонија да докажат - не само дека не се дел од антибугарската кампања, тоа веќе не е доволно. Крајно време е тие да докажат дека активно се борат против оваа кампања. Во нашиот случај, бидете сигурни дека ќе бидат активирани сите европски механизми, така што ќе може да се заврши оваа антибугарска омраза и хистерија“, изјави вчера Радев. 

Охридскиот инцидент да влезе во извештајот 

Македонската влада соопшти дека на вчерашната седница донела заклучоци во врска со одбележувањето на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев, при што МВР било задолжено да ги преземе сите мерки за обезбедување на реализацијата на настанот, согласно со препораките од надлежните служби соопштени на завчерашната седница на Советот за безбедност. Но, во соопштението нема потврда дали тоа се однесува и на препораката на претседателот за забрана за влез на европратеник и други бугарски државјани поради дејствија што претходно ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава. Засега е соопштен само составот на владината делегација која ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев.

Додека времетраењето на престојот на амбасадорот Ангелов во Софија треба да биде лакмус за тамошната оценка за степенот на нарушувања во билатералните односи, на сцена се конкретни потези. Дељан Георгиев, градоначалник на софискиот реон „Изгрев“ каде се наоѓа и македонската амбасада, ја откажал првата протоколарна средба со амбасадорката на РСМ закажана за петок.

„Сметам дека настаните од последните недели, кои го потресоа нашето општество со уште една манифестација на агресија и суровост кон бугарски државјанин, како и повикувањето на консултации на нашиот амбасадор во Скопје, претставуваат објективна пречка за посетата на г-ѓа Поповска на регионална администрација“, ја пренесе Бгнес неговата објава на Фејсбук.

Шефот на делегацијата на бугарските социјалисти во Европскиот парламент, Петар Витанов, кој вчера во Брисел остварил средба со амбасадорот на Северна Македонија во ЕУ, Зулфи Исмаили, најавил дека бугарските социјалисти ќе инсистираат охридскиот инцидент да биде вклучен во годишниот извештај за проширувањето.

„Пред амбасадорот Исмаили нагласив дека социјалистите се особено чувствителни на сите престапи од омраза. Ваквите сериозни инциденти ја саботираат работата на политичарите од двете страни на границата и го забавуваат процесот на интеграција и пријателство меѓу нашите две земји“, се вели во соопштението што го пренесуваат бгарските медиуми.

Витанов потенцирал дека бугарските европратеници ќе ги прашаат Европската комисија и Европскиот совет - што ќе направат против слични акти на насилство врз Бугарите во РСМ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми