1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензии пред отворањето на клуб во Благоевград

ДТЗ
28 октомври 2022

„Да не дозволиме провокатори да ни ја киднапираат агендата“, порача Османи. Од ОМО Илинден Пирин велат дека се срамни најавите дека ќе се проверува што прават и кој финансира граѓани на друга земја

Бујар Османи
Спорно е отворањето на клубот „Никола Вапрацов“ во Благоевград, вели Бујар ОсманиФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Најавата за отворање на македонски клуб во Благоевград в недела предизвика тензии и во Скопје и во Софија. Ниту владина, ниту делегацијата на СДСМ нема да присуствуваат на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“, а шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи оцени дека станува збор за спорна иницијатива која што не е во духот на пријателството и добрососедските односи меѓу двете земји. Тоа предизвика остра реакција на ОМО Илинден Пирин, кои порачаа дека се срамни најавите на Османи дека ќе проверува што прават граѓани на друга земја во својата земја и што финансираат граѓани на трета земја. 

Порака до Османи

ОМО Илинден Пирин преку социјалните мрежи испрати отворената порака до Османи во која порачуваат дека никој не крие кој стои зад отворањето на клубот во Благоевград.

„Тоа е на право место Друштвото за заштита на основни човекови права во Благоевград, друштво кое повеќе пати ја истакнува својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија. Финансиери на Клубот се двајца истакнати припадници на македонската заедница во Торонто, Канада: Глигор Цанев и Минчо Остас, а посредник е Македонско меѓународно движење за човекови права“, велат од Организацијата.

Тие го потсетуваат Османи дека ветил дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија па не е ли „директно мешање проверката што прават граѓани на Бугарија“, и го прашуваат од кога македонското МНР е разгранок на бугарското МВР кое што треба да проверува што се случува на бугарска територија.

„Отворањето на Културен клуб со име на поетот антифашист Никола Вапцаров не е исто со отворање на ‘културен‘ клуб со име на терорист и хитлеров соработник. Културните активности на Македонците во Бугарија не се провокација! Оставете ние, Македонците во Бугарија, да решаваме од што имаме потреба и што ни оди во наш интерес. Вие така или инаку се имате откажано од нас! Оние што не се откажаа од нас – доаѓаат во недела. Тие се добредојдени!“, пишува во објавата на Фејсбук.

Приватна иницијатива

Клубот треба да се отвори в недела, а македонскиот премиер Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи веќе најавија дека нема да присуствуваат на настанот. Од кабинетот на претседателот, Стево Пендаровски информираа дека вчера ја добил поканата за отворањето на клубот во Благоевград, но дека поради претходно закажани обврски нема да присуствува на настанот. На негово место ќе оди генералниот секретар на кабинетот, Миле Бошњаковски.

На поканата се одзва само лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој најави дека ќе присуствува на свеченоста. 

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24, оцени дека отворањето на овој клуб е приватна иницијатива, а дека владините претставници не се должни да присуствуваат на неа.

„Ова е приватна иницијатива. Секој чекор во таа насока треба да придонесе за намалување на тензиите и отворање на можностите за соработка. Ќе видиме дали овој клуб ќе има таков ефект. Секој има право да си прави приватна иницијатива, но ние не сме должни да присуствуваме на отворањето на секоја иницијатива“, вели Маричиќ.

Железница наместо клубови  

Претходно, шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи оцени дека клубот не е во духот на развивање на пријателство и добрососедски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, имајќи предвид дека зад него стојат финансиери чии ставови не се на иста линија со стратешките позиции на државата. 

„Да не дозволиме провокатори да ни ја киднапираат агендата“, порача Османи на денешниот брифинг со новинарите. Османи вели дека нема да оди во Благоевград од истата причина поради некоја не присуствуваше ниту на отворањето на бугарските клубови во Битола и во Охрид, коишто предизвикаа бројни реакции и незадоволство во јавноста.

„Сметам дека  клубот во Охрид и клубот во Благоевград не им даваат услуга на двете заедници која што е во духот на добрососедство“, вели Османи. 

Бујар османи вели дека и клубот во Охрид, но и оној којшто е во план да се отвори во Бугарија, се спротивни на интересите на македонската и на бугарската заедница во двете земјиФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

И клубот во Охрид, но и оној којшто е во план да се отвори во Бугарија, според него, се спротивни на интересите на македонската и на бугарската заедница во двете земји. „Фондацијата која што стои зад клубот во Бугарија не мислам дека може да биде во функција на промовирање на интересите на Македонците таму, поради нивниот историјат. Целиот процес треба да се врати во нормален тек во духот на пријателството“, дециден е шефот на македонската дипломатија. 

Тој смета дека железницата меѓу двете земји ќе придонесе повеќе за соработка и развој на односите меѓу двете земји, отколку „натпреварот на клубови“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми