1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемија на заболени од рак: лекови малку - пациенти многу

Даниела Трпчевска-Зафировска
19 февруари 2024

По ковид пандемијата се заканува нова пандемија – на онколошки заболувања. Клиниките се полнат со пациенти, но ниту има кадар, ниту доволно терапија за да се лекуваат сите

недостиг на лекови, болни, пациенти
Пандемија на заболени од рак: лекови малку - пациенти многуФотографија: WDR

По ковид пандемијата се заканува нова пандемија – на онколошки заболувања. Клиниките се полнат со пациенти, но ниту има кадар, ниту доволно терапија за да се лекуваат оние кои најчесто доаѓаат во поодмината фаза, кога и шансите за лекување се многу потешки.

„Сите најавуваа дека ќе следи пандемија на онколошки заболувања и навистина ни се случи тоа. Но, ние го губиме кадарот, немаме право да вработуваме луѓе, се крпиме со кадри на договор, но тоа не е решение. Пациентите чекаат со часови да примат терапија, оти нашите ресурси се ограничени. Тоа е страшно, не гледаме решение“, вели за ДВ директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Виолета Клисаровска, која стравува дека ситуацијата би можела да стане уште позагрижувачка. 

Бунар без дно 

Клиниките добиваат буџет којшто треба да го менаџираат. Тој е поделен на основен буџет и на условен надоместок. Во основниот буџет се средствата наменети за лекови од позитивната листа и сите други трошоци коишто една институција ги има – плати, стоки, услуги. Условениот надоместок е за лекови коишто не се на позитивната листа. 

„Немаме ниту простор ниту кадар ниту лекови за да се излезе во пресрет на сите пациенти“, вели директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Виолета Клисаровска.Фотографија: Arbnora Mehmeti/DW

Буџетот на Клиниката за онкологија е околу две милијади денари, средства коишто се одобрени за 2024 година. „Од нив околу една милијарда и 400 илјади денари се само за лекови од условниот буџет – тоа е за едвај триесетина лекови. А, пациенти има многу. Претходниот понеделник за пет часа имавме 50 нови пациенти. Немаме ниту простор, ниту кадар, ниту лекови за да се излезе во пресрет на сите пациенти“, вели Клисаровска.

Терапијата предвреме се троши

Според податоците коишто ги добивме од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), во текот на 2023 година, почетниот (годишен) вкупен буџет за Клиниката за онкологија изнесувал 1.719.200.000 денари, од кои дел е условен надоместок (буџет) во износ од 1.200.000.000 денари и тој бил наменет за набавка на лекови кои не се на позитивната листа.

Во меѓувреме по барање на Клиниката буџетот некокупати се надополнувал со средства, со што вкупниот договорен надоместок на 11.09.2023 година изнесувал 1.954.743.009 денари.

„Досега, од вкупниот условен надоместок за лекови во износ од 1.320.000.000 денари, вкупно искористен условен надоместок на Клиниката е во износ од 800.000.000 денари“, велат од ФЗО.

Што се однесува до 2022 година, почетниот буџет за клиниката бил 865.797.000 денари, но подоцна бил зголемен за 200.000.000 денари (наменски средства за набавка на лекови кои не се на позитивната листа).

Недостиг на лекови

Но, и покрај постојаното надополнување на буџетите, пациентите често се жалат дека нема лекови и терапија. Милица Кузмановска од здружението за поддршка на пациенти со рак и нивни негуватели „Хема-онко“ за ДВ вели дека често се случува недостиг на лекови – клиниките кубурат со буџетите, никогаш нема доволно средства за да се покријат сите потреби.

„Проблем е што не може да се планира однапред и не се знае за колку пациенти е потребна терапија. Секогаш се планира со 10 проценти повеќе во однос на инциденцата која што би требало да се појави годинава, односно нови пациенти кои ќе бидат болни со рак. Но, кој може тоа да го предвиди?“, додава таа. 

Клиниките се полнат со пациенти, но ниту има кадар, ниту има терапија за да лекуваат оние кои најчесто доаѓаат во поодмината фаза, кога и шансите за лекување се многу потешки.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Терапиите и лековите се многу скапи за болни од рак, но кога ќе дојдат пациентите да се лекуваат веќе се во поодмината фаза - трета или четврта кога шансите и исходите за лекување се многу помали. „Тука е главниот проблем. Кога би се работело на превенција, по примерот на Словенија и други европски земји, тогаш би можеле и да се очекуваат резултати коишто во наредните 10-15 години сигурно би имале ефект“, вели Кузмановска.

Тендерите не се проблем, туку количината на лекови

Државата е должна на секој осигуреник да му ги обезбеди сите лекови што се на позитивна листа. Додека со условниот буџет е сосема поинаку. Со него се набавува биолошката терапија за поновите лекови за кои има се поголем интерес кај пациентите. За тие лекови важи правилото: колку има – толку ќе се трошат лекови. За другите пациенти ќе нема.

Клиниките од ФЗО добиваат табела за секој лек колку паценти можат максимално да бидат вклучени. Ако за одреден лек се предвидени само 40 пациенти, од Фондот велат дека не може да има 41 пациент на листата. Ако има 400 кандидати, лекарите се ставаат во позиција да одлучуваат кој ќе добие, кој нема да добие лек.

„Ако се стават повеќе пациенти од предвиденото на листата се одговара пред законот. И сега која страна да ја фатиме? Дали ќе не` заштити некој пред законот, а од друга страна, што е со останатите 300 пациенти, кој ќе ги носи на душа?, вели Клисаровска.

Од Фондот за здравствено осигирување, посочуваат дека бројката на дијагностицирани осигурени лица за жал е многу висока, меѓутоа се работи за лица со многу различни дијагнози.

„Дополнително, секое лекување на еден пациент е индивидуално, етапно и бара различен пристап. Лекувањето и процедурите што треба да се преземат зависат од дополнителни дијагнози, коморбидитети и физичка состојба на пациентите“, велат од ФЗО.

Спортот помага за да се победи ракот

01:35

This browser does not support the video element.

Децентрализација на услугите

И лекарите и здруженијата се согласни дека е потребна децентрализација на услугите, со што ќе се намали притисокот врз скопската онкологија.

„Големи се трошоците за пациентите што доаѓаат од другите градови. Некогаш нема терапија, некогаш треба да чекаат со часови. Термини за биопсии и мамографии тешко се наоѓаат. На Клиниката за онкологија од цела Македонија се слеваат повеќе од 70 илјади пациенти“, вели Кузманоска.

И лекарите се согласни дека здравството е во една незавидна ситуација. „Немаме со кого да го споделиме товарот – не се прави дисперзија, целиот притисок е врз Скопје. Луѓето од внатрешноста чекаат со часови за терапија со Скопје, трошат и време и пари за да се лекуваат. Ако тие луѓе се прераспределат по другите градови, и побрзо ќе добијат терапија и ќе се избегнат и нервозите и финансиските трошоци на коишто се изложени за да патуваат за да се лекуваат“, велат лекарите од Клиниката за онкологија.

Кога ќе се прочисти позитивната листа?

За дел од проблемите решението се бара во позитивната листа на лекови. Со години наназад се најавува нејзино прочистување и дополнување со понови лекови коишто ги бараат пациентите, а се премногу скапи за сами да ги купуваат. Милица Кузманоска од „Хема-онко“ за ДВ објаснува дека неодамна имале состаноци со Лекарската комора со цел да пренесат што недостига во однос на терапијата на пациенти со рак, за да може да се форсира да се стават на позитивна листа.

„Оние лекови коишто се на позитивната листа се речиси неупотребливи, ретко кој ги препишува и користи. Последните години сведоци сме дека на пазарот доаѓаат нови генерации на лекови, кои се поефективни особено кога зборуваме за болни од рак, но се многу скапи“, вели Кузмановска.

Некогаш и една кутија чини 2.000 евра, па и повеќе.

„Има пациенти коишто подигнувале кредит за да ја купат третолиниската терапија која што ја немало. Тие се снаоѓаат како знаат и умеат, а лековите најчесто ги набавуваат од Србија, Грција или Турција’, вели Кузмановска, споделувајќи го искуството на дел од пациентите.

Затоа е и нивната битка за проширување на позитивната листа на лекови. „Знаеме дека се прескапи, но ништо не е поскапо од човечкиот живот. Секој човек има право да го добие лекот кој му е потребен“, вели Кузмановска.

Но, таа забележува дека често се случува поради ненавремено спроведување на тендерски и административни постапки, три до четири месеци да нема определен лек. „Лекот физички го има, но пристапот до него и терапијата е невозможна“, вели таа.

Директорката на Онкологија, Виолета Клисаровска е децидна дека тендери за набавка на лекови секогаш се спроведуваат навреме и барем последните два тандери се навреме распишани.

„Тие се распишуваат во согласност од ФЗО за буџетот на годишно ниво. Проблемот е што ќе се распише тендерот за 12 месеци, а количините за лекови се случува да се потрошат за пет месеци. За повторно распишување и набавка на нова количина од потрошениот лек, повторно се потребни долги административни постапки и нови согласности од ФЗО, што одзема драгоцено време, и можно е во тој период да се појави недостиг на лекот“, вели таа.

Клиниката е постојано во трка за нови лекови и се обидува да ги минимизира периодите кога има недостиг од нив. 

Термини за биопсии и мамографии тешко се наоѓаат. На Клиниката за онкологија од цела Македонија се слеваат повеќе од 70 илјади пациентиФотографија: Spectral/Westend61/IMAGO

И ентералната храна на позитивна листа

Претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева Старделова за ДВ вели дека не постои лек кој може да излечи стопроцентно. Позитивната листа ја прави Министерствоот за здравство и често се најавува нејзино ревидирање.

„Од Лекарска комора сметавме дека како фела треба да направиме контакт со здруженијата на пациенти, планираме и средба со лекарските здруженија за да се види што може да се направи за лекови кои се бараат со години. Еве на пример, ние со години бараме лек за Хепатит Б кој порано беше 700 евра, а сега чини 50 евра, за конечно да биде ставен на позитивна листа, затоа што е доживотен лек“, вели д-р Старделова.

Таа додава дека имаат побарувања да се стави на позитивна листа и ентералната храна која е индустриски подготвена, избалансирана за пациентот може да живее само од неа. Таква храна е потребна и неопходна за пациенти кои имаат синдром на кратко црево, но од голема важност е и за пациентите со цистична фиброза. Дневната терапија чини 1.000 денари.

Република Македонија спаѓа во земјите со средна стапка на инциденца, но со висок морталитет од овие малигни заболувања, што во прв ред се должи на нивното ненавремено откривање во рана фаза, кога шансите за излекување се поголеми. Смртноста од овие малигни заболувања може да се спречи во 40% од случаите и тоа преку намалување на дејството на ризик факторите, рана детекција-скрининг и соодветен третман.

Просечно во Северна Македонија во периодот 2012-2021 нови случаи на ниво на година има 6.908 односно на 100.000 население има 333 случаи, 54.2 % од случаевите се мажи додека 45.8% се жени. До 50 годишна возраст жените се застапени со 60.80%, а мажите со 39.20%. Над 50 годишна возраст мажите се застапени со 56.24% за разлика од жените кои се застапени со 43.76%. Околу 87.92% од случаевите на рак се меѓу популацијата која е постара од 50 години, од кои помеѓу 50 и 60 години се 18.64%. Околу 0.35% од случаевите на карционом се јавуватaт кај деца и адолесценти помлади од 15 години. Најзастапени дијагнози во период од десет години кај целото население се малигната неоплазма на бронх и бел дроб со 12.56% од вкупно пријавените случаи, потоа следи малигна неоплазма на дојка, други малигни неоплазми на кожата, колон, желудникот...

Во десетгодишниот извештај ИЈЗ се наведува дека во болничко-стационарен здравствен систем просечно на ниво на една година се лекувани 29,648 пациенти од малигни заболувања, што преставува 11.91% од просечниот број на вкупно лекуваните пациенти на годишно ниво. Во анализиран десет годишен период просечниот престој на пациентите со малигни заболувања на годишно ниво е 339,323 денови, што преставува 17.06% од просечниот престој на сите пациенти.

 

Со овој текст DW Македонски се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми