1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот гласа за доверба на владата на Шолц - што потоа?

АРД | ЕМФ
16 декември 2024

Бундестагот денеска гласа за доверба на владата на канцеларот Шолц. Предвремени парламентарни избори се планирани за крајот на февруари. Еве преглед на тоа што ќе се случува денеска и во наредните недели.

Германија Бундестаг
На дневен ред во Бундестагот денеска е гласањето за доверба на владата на Олаф ШолцФотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Кои чекори се неопходни до предвремени избори?

Веќе сите зборуваат за изборите планирани за 23 февруари 2025 година. Но, предвремени избори во Германија не се „туку-така“ изводливи. За тоа има одредени предуслови и постапка, кои меѓу другото се регулирани во членот 68 од Уставот.

Суштински е канцеларот во Бундестагот да го постави прашањето за доверба и таа да не биде изгласана. Потоа сојузниот претседател мора да го распушти Бундестагот и како последица на тоа во рок од 60 дена треба да се одржат нови избори.

Како функционира постапката за гласање доверба?

Се поставува прашање за доверба, односно канцеларот во согласност со член 68 од Уставот поднесува барање до Бундестагот да му гласа доверба. Олаф Шолц го направи тоа по писмен пат на 11 декември 2024 година и барањето го испрати до претседателката на Бундестагот, Бербел Бас. Барањето беше објавено во Службениот весник.

Гласањето за доверба се одвива согласно член 68 став 2 од Уставот најрано 48 часа по приемот на барањето. Тоа ќе се случува денеска во Бундестагот, откако Шолц ќе го образложи своето барање и ќе се дебатира. Доколку канцеларот не добие апсолутно мнозинство од 367 гласови, ја губи довербата на парламентот. Евентуално воздржани гласови имаат ист ефект како и гласањето против. Гласањето е поединечно, односно ќе се знае точно кој пратеник како се изјаснил.

Предлог за распуштање на Бундестагот може да поднесе канцеларот до сојузниот претседател откако ќе го изгуби гласањето доверба. Шолц веќе најави дека ќе го стори тоа.

Доколку канцеларот Олаф Шолц не добие апсолутно мнозинство од 367 гласови, ја губи довербата на парламентотФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Што би било ако на Шолц му биде изгласана доверба?

Тогаш нема да се отвори патот до предвремени избори, но канцеларот би можел повторно да го постави прашањето за доверба.

Како потоа би се распуштил Бундестагот?

Ако канцеларот му предложи на сојузниот претседател распуштање на Бундестагот, сојузниот претседател мора во рок од 21 ден по изгласувањето недоверба да одлучи дали ќе го распушти Бундестагот.

Тој може, но не мора да го стори тоа. Критериумот според кој оценува е дали во сегашната констелација постои политички нестабилна состојба. Во својот говор на 7 ноември 2024 година, откако дојде до распад на т.н. „семафор коалиција“, сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер навести дека стабилно мнозинство и влада способна да дејствува ќе бидат мерило за неговата одлука. Оттука може да се заклучи дека веројатно е наклонет кон распуштање на Бундестагот.

Доколку сојузниот претседател го распушти Бундестагот, предвремени избори мора да се одржат во рок од 60 дена по распуштањето, пропишува член 39 став 1 алинеја 4 од Уставот. Датумот на изборите формално го одредува сојузниот претседател во согласност со Сојузниот изборен законик.

Доколку сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер го распушти Бундестагот, предвремени избори мора да се одржат во рок од 60 дена по распуштањетоФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Кога Штајнмајер би одлучувал за распуштање на Бундестагот?

Тоа сѐ уште не се знае. Штајнмајер, почнувајќи од денеска, би имал 21 ден за тоа. Но, ако се земе 23 февруари 2025 година како датум, тој има одреден временски простор за одлуката. Сојузниот претседател веројатно нема да ја донесе својата одлука прерано, за да може посакуваниот датум за избори да падне во рокот од 60 дена кој го пропишува Уставот. 23 декември 2024 година, на пример, сè уште би било прерано за соопштување на одлуката.

Најраниот можен датум би бил 25 декември 2024 година, но поради божиќните празници се чини дека поверојатно е одлуката да ја донесе по 27 декември 2024 година.

Може ли да биде на потег и Сојузниот уставен суд?

Тоа е можно, барем теоретски. Кога во 1982 година (Хелмут Кол) и во 2005 година (Герхард Шредер) се постави прашањето за доверба, имаше и тужби пред Сојузниот уставен суд против одлуката на тогашниот сојузен претседател да го распушти Бундестагот. Пратеници на Бундестагот тврдеа дека се прекршени нивните права бидејќи не се исполнети условите за распуштање и нивниот мандат во Бундестагот завршил порано од предвиденото. Ваквите жалби во рамки на „спор меѓу државни органи“ и овојпат, барем теоретски, се можни.

Не може со сигурност да се предвиди како би завршила таква постапка. Судот во Карлсруе во 1982 и 2005 година ги отфрли жалбите на пратениците, аргументирајќи во одлуката од 2005 година дека сојузниот претседател има голема слобода во оценката дали постои политички нестабилна ситуација, која судот може да ја провери само во ограничен обем.

Мандатот на сојузниот канцелар завршува дури откако ќе се состави новиот Бундестаг по новите избори (фото: подготовки пред денешната седница на Бундестагот)Фотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Дали евентуална тужба би го довела во прашање новиот датум за избори?

Тоа не мора да е нужно така. Судска постапка би можела да се одвива во периодот до предвремените избори, како на пример во 2005 година, кога на 21 јули сојузниот претседател Хорст Келер го распушти Бундестагот и го одреди 18 септември како датум за предврементите избори. Судската постапка потоа се одвиваше во текот на месец август. На 25 август 2005 година, Сојузниот уставен суд ги отфрли претставките. Подготовките за предвремените избори се одвиваа паралелно со постапката. Но, во случај судот да одлучи позитивно по претставката, датумот за изборите станува излишен.

Останува ли канцеларот на неговата функција и по изгласувањето недоверба?

Да. Изгубено гласање за доверба и распуштање на Бундестагот не менуваат ништо во фактот дека канцеларот и неговата влада се регуларни. Мандатот на сојузниот канцелар завршува дури откако ќе се состави новиот Бундестаг по новите избори (член 69 од Уставот). Па дури и тогаш канцеларот Шолц би останал на функцијата на барање на сојузниот претседател како „вршител на должност“ додека новоизбраниот Бундестаг не избере нов канцелар.

Патем, сегашниот состав на Бундестагот и по евентуално губење на гласањето за доверба и одлука за негово распуштање останува способен да дејствува и може да носи закони доколку се најде потребното мнозинство за соодветниот проект.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми