1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот ја изгласа резолуцијата за Северна Македонија

БГ
15 јуни 2023

Со гласови на владејачкото мнозинство, и со остри критики од опозицијата, Бундестагот ја изгласа резолуцијата со која се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура.

Бундестаг
Бундестагот со мнозинство гласови ја изгласа резолуцијата за Северна МакедонијаФотографија: TOBIAS SCHWARZ/AFP/Getty Images

Со мнозинство гласови на пратениците на трите владејачки партии, германскиот парламент вечерва ја изгласа резолуцијата за поддршка на Северна Македонија. Против резолуцијата гласаа сите опозициски партии, вклучително и конзервативната ЦДУ/ЦСУ на поранешната канцеларка Ангела Меркел. 

„Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на  македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, порача од говорницата државната министерка во германското МНР, Ана Лирман која го претстави предлогот пред пратениците. Лирман најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени. 

„Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија“, рече Лирман најавувајќи ја посетата. Нејзината порака е дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив, го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.

„Тврдењата дека ова ќе го загрози идентитетот се погрешни. Вметнувањето дополнителни заедници во Уставот, напротив само ќе го зајакне мултиетничкиот карактер на државата која е пример за целиот регион“, рече Лирман. 

Конзервативците против резолуцијата 

Двајца пратеници на опозициските сестрински партии ЦДУ/ЦСУ се огласија против резолуција. Кристоф Клос од ЦДУ го критикуваше владејачкото мнозинство затоа што ја издвојува Северна Македонија од останатите држави од регионот. 

„Да се разгледува секоја земја од Западниот Балкан одделно не е целисходно“, рече Клос и потсети дека поранешната германска канцеларка Ангела Меркел секогаш на регионот му пристапувала како на целина. 

Тобијас Винклер од баварската ЦСУ го критикуваше предлогот со кој се издвојува Северна МакедонијаФотографија: Sebastian Gabsch/Future Image/IMAGO

Хакер: Резолуцијата на Бундестагот е охрабрување за Северна Македонија

Во сличен тон, и Тобијас Винклер од баварската ЦСУ го критикуваше предлогот со кој се издвојува Северна Македонија и бараше да се прифати предлогот на неговата пратеничка група во која се бара поддршка за сите шест земји од За Балкан.

„Барате резолуција само за една земја, со лош тајминг“, рече Винклер образложувајќи дека ситуацијата е „политичка чувствителна" во Северна Македонија и дипломатски сензитивна- алудирајќи на спорот со Бугарија. На крајот тој иронично им порача на пратениците од владејачкото мнозинство дека преведената резолуција е веќе објавена во македонските медиуми, па можат да се радуваат уште пред гласањето.  

ЕУ процесот е регата  

Социјалдемократот Јосип Јуратовиќ и либералот Томас Хакер одговорија на критиките од опозицијата со став дека секоја земја кандидат за членство во ЕУ секогаш се вреднувала поединечно, а не во група.
„ЕУ процесот е регата, и се вреднуваат индивидуалните постигнувања. Не може последниот да го чека првиот. Денеска се работи за искрената политика на проширување на ЕУ. Северна Македонија е кандидат од 2005 и сега е време“, рече Јуратовиќ.
„Сакаме сега да ја охрабриме Македонија со оваа резолуција. Македонската култура ќе ја збогати ЕУ“, дополни тој. Јуратовиќ побара од ЦДУ поддршка и влијание врз нивната сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, а од владата побара во ЕУ да се залага за укинување на правилото за консензус и замена со квалификувано мнозинство затоа што, како што рече,  „популистите тоа го злоупотребуваат“.  

Северна Македонија е една корумпирана и нестабилна држава, рече Маркус Фронмајер од АФДФотографија: picture-alliance/dpa/M. Murat

„Северна Македонија е корумпирана држава"

Маркус Фронмајер од десно-радикалната АФД го повтори партискиот став кој беше изнесен во посебна резолуција дека на земјите од Западниот Балкан не им е местото во ЕУ.

„Ја сакате Северна Македонија во ЕУ?!“, иронично порача Фронмајер.

„Тоа е една корумпирана и нестабилна држава. Просечната социјална помош во таа земја е 50 евро месечно. Замислете таа земја да влезе во ЕУ и на два милиони луѓе да им дадеме пристап до нашиот социјален систем". За Фронмајер беше спорно и барањето од резолуцијата според кое германската влада треба да помогне за енергетската независност на земјата.

„Со младинска невработеност од 40 проценти и секој петти жител кој живее под границата на сиромаштија, токму сончеви колектори се она што и треба на земјата“, рече Фронмајер.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми