1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундестагот усвои закон за намалување на бројот на пратеници

ЖА / агенции
17 март 2023

Германскиот парламент, по многу бурна расправа, ги усвои измените на изборниот закон со кои се ограничува бројот на пратеници во Бундестагот на 630. Опозицијата најавува тужба пред Сојузниот уставен суд.

Германскиот Бундестаг
Германскиот Бундестаг усвои реформа на изборниот законФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture-alliance

По жестока дебата, германската владјачка коалиција на СПД, Зелените и Либералите (ФДП) го искористи своето мнозинство и ги усвои измените на изборниот закон со кој се намалува бројноста на горниот дом на парламентот, Бундестагот, на 630 пратеници. За измените гласаа 400, против беа 261, а воздржани 23 пратеници.

Актуелниот состав на германскиот парламент со 736 членови досега беше најголем во светот, ако се исклучи Кинескиот народен конгрес и Домот на лордови во Обединетото Кралство, но тие два не се избираат по демократски пат.

Мнозинството Германци смета дека парламентот не само што е преголем,туку е и прескап: сојузниот буџет за 2023 година за Бундестагот предвиде околу 1,4 милијарди евра. 

Неуставен закон? 

Германската опозиција, која профитираше од досегашниот изборен систем, сега најавува поднесување тужба пред Сојузниот уставен суд, а за покренување соодветна постапка потребна е четвртина од пратениците во Бундестагот. 

Шефот на пратеничката група на ЦСУ во Бундестагот, Александар Добринт, ја обвини владејачката коалиција дека го доведува во прашање правото на постоење на ЦСУ и сака да ја истисне Левицата од парламентот. 

Лидерот на пратеничката група на опозициските Демохристијани, (ЦДУ/ЦСУ), Фридрих Мерц апелираше до власта во последен момент да го одложи гласањето за измените на изборниот закон, со оглед што тие беа претставени само пред неколку дена, но безуспешно.

ЦДУ, ЦСУ и Левица го сметаат новиот изборен закон за неуставен.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми