1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писториус: Исклучок во законот за долг престој во странство

ЕМФ / дпа
8 април 2026

Министерството за одбрана на Германија е на удар на критики поради нејасните обврски за пријавување на патувања во странство. Министерот Писториус најави дека во рок од неколку дена ќе воведе исклучок од законот.

Австралија Канбера 2026 | Германскиот министер за одбрана Борис Писториус
Министерот за одбрана Борис Писториус најави исклучок од обврската за пријавување на подолги патувања во странство за воено способните мажиФотографија: Peter Kneffel/dpa/picture alliance

Министерот за одбрана Борис Писториус сака уште оваа недела да воведе исклучок од обврската за пријавување на подолги патувања во странство за воено способните мажи предвидена во Законот за воена служба. „Без разлика дали имаат 17 или 45 години – сите секако смеат да патуваат и во моментов не им е потребна дозвола за тоа“, изјави политичарот од СПД за агенцијата ДПА. Значи, ниту подолг престој во странство не мора да се пријавува.

Претходно се крена голема прашина околу можните последици од новиот закон за воена служба. Предмет на критики беше тоа дека според законот сите мажи на возраст од 17 до 45 години би требало да добијат одобрение од Бундесверот за престој во странство подолг од три месеци.

Министерството за одбрана објасни дека преку административни упатства ќе се појасни дека дозволата се смета за дадена сè додека воената служба е доброволна. Сепак, острите критики кон министерството и министерот не стивнаа ни по изјавите за време на викендот.

Остра критика од опозицијата

Експертката за одбрана од пратеничката група на Зелените, Сара Нани, за весникот „Рајнише пост“ изјави: „Министер кој сака да ги објасни крупните прашања пред јавноста мора да обезбеди работите во сопственото министерство да функционираат беспрекорно.“

Министерството за одбрана објасни дека преку административни упатства ќе се појасни дека дозволата за престој во странство се смета за дадена сè додека воената служба е доброволнаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Од деснопопулистичката АфД изјавија дека Писториус е принуден да признае сериозна конструкциска грешка во новиот закон за воена служба. Заменик-портпаролот на АфД, Штефан Бранднер, оцени: „Сегашниот хаос околу излегувањето на мажите од земјата уште еднаш ја покажува очигледната преоптовареност на владата. Наместо јасни, разбирливи и правно сигурни правила, сведочиме на политичка импровизација што создава несигурност кај граѓаните.“

Писториус најави дека за случај на зголемени тензии ќе се воспостават соодветни процедури. Тој ја бранеше одредбата во член 3 од изменетиот закон за воена обврска, нагласувајќи дека е потребна – „и тоа превентивно“.

Да се знае кој е достапен во случај на одбрана

Писториус изјави: „Правиме сè за да спречиме кризна или воена ситуација, но сепак мора да бидеме подготвени за најлошото. Ако безбедносната состојба се влоши и се воведе задолжителна воена служба, тогаш ќе имаме поинаква почетна позиција. Тогаш ќе биде клучно да знаеме кој е навистина достапен, а кој не.“

Тој посочи дека новата воена служба е доброволна и дека никој нема да биде регрутиран против својата волја. „За тоа успешно се заложив во рамки на коалицијата. Затоа засега не доаѓаме во ситуација да повикуваме некој што не е достапен. Нашата цел е новата служба да биде доволно атрактивна за тоа да остане така што е можно подолго“, рече Писториус.

Обврски за пријавување формално постоеле и до укинувањето на воената обврска во 2011 година, но и тогаш не биле применувани. Според Министерството, резервистите и понатаму се должни да пријавуваат промени на адреса.

Законот за модернизација на воената служба стапи во сила на 1 јануари 2026Фотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Министерството ќе известува за зголемувањето на бројот на војници

Таканаречениот Закон за модернизација на воената служба во Германија стапи во сила на 1 јануари. Целта е да се обезбедат доброволци за зголемување на бројот на војници од над 180.000 на 260.000 активни припадници, како и дополнителни 200.000 резервисти.

Во средината на јануари Бундесверот започна со испраќање прашалници до младите родени во 2008 година кои станале полнолетни од почетокот на годинава. Вкупно станува збор за околу 700.000 млади. Мажите се обврзани да одговорат, додека за жените тоа е доброволно, бидејќи Уставот предвидува воена обврска само за мажи.

Законот беше предмет на повеќекратни спорови, главно околу прашањето за доброволноста. На крајот преовлада ставот на СПД дека службата треба да остане доброволна.

Сепак, утврдени се цели за зголемување на бројот на војници. На секои шест месеци Министерството ќе треба да известува дали тие се исполнуваат. Доколку не, Бундестагот може да одлучи за воведување т.н. задолжителна воена служба според потреба.

Со оваа реформа Германија реагира на заканите од Русија и променетите цели на НАТО, што вклучува и големи инвестиции во оружје, воена технологија и опрема.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми