1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесверот со проширен надзор над полскиот воздушен простор

Тагесшау | БЈ
12 септември 2025

По навлегувањето на руски дронови на полска територија, Бундесверот го проширува својот ангажман на источната граница на НАТО. Се засилува надзорот на воздушниот простор во Полска со авионите „Еурофајтер“.

Авион „Еурофајтер“ на германскиот Бундесвер паркиран во воена база
Авион „Еурофајтер“ (архивска фотографија)Фотографија: Francis Hildemann/Bundeswehr/dpa/picture alliance

Како реакција на повредата на воздушниот простор од страна на голем број руски дронови, германската влада најави дека ќе ја прошири помошта во надзорот на воздушниот простор над Полска. „Покрај постоечките обврски во балтичките држави и Полска, германската влада ќе го прошири и продолжи надзорот на воздушниот простор над Полска“, изјави портпаролот на владата Штефан Корнелиус. Ангажманот првично требаше да трае до крајот на септември, а според актуелните планови ќе биде продолжен до крајот на годината.

Бундесверот, со системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ и учество во патролни летови, досега е ангажиран и за трите балтички држави членки на ЕУ и НАТО. Од Министерството за одбрана на Германија соопштуваат дека бројот на авиони „Еурофајтер“ во операцијата ќе се зголеми од два на четири. „Воздухопловните сили на Германија веднаш ќе обезбедат оперативна подготвеност“, наведуваат од Министерството.

Покрај тоа, Германија ќе ја интензивира поддршката за Украина, соопшти портпаролот на владата, Штефан Корнелиус. На европско ниво германската влада ќе работи за „брзо усвојување“ на уште еден голем пакет санкции против Русија.

Латвија делумно го затвора воздушниот простор

Инцидентот со дроновите ја алармираше и Латвија, која одговори со делумно затворање на својот воздушен простор. Областа долж источната граница со Белорусија и Русија ќе биде затворена до 18 септември, објави министерот за одбрана Андрис Спрудс во Рига. Одлуката се заснова на проценка на ситуацијата од страна на армијата на балтичката земја, членка на ЕУ и НАТО.

Спрудс рече дека упадот на руските дронови претставува очигледна повреда на воздушниот простор на НАТО. Латвија мора да дејствува. Тој увери дека моментално нема директна закана, но дека се неопходни превентивни мерки. Затворањето на воздушниот простор треба да го олесни откривањето на неовластени летачки објекти. „Руски беспилотни летала во воздушниот простор на НАТО се предупредувачки сигнал и ние мора да сториме сè во наша моќ за да спречиме ескалација на нападите со дронови“, рече Спрудс.

Оштетен дрон по негов пад во источна ПолскаФотографија: Dariusz Stefaniuk/REUTERS

Затворени и делови од воздушниот простор над Полска

Полска уште во средата (10.09) го ограничи воздушниот сообраќај долж границата на Полска со Белорусија и Украина на истокот од земјата. Беспилотни цивилни авиони и дронови се забранети во регионот. Дозволени се само воени летови и цивилни авиони кои може да бидат идентификувани според планот на летање. Забраната важи до 9 декември долж границата со Белорусија и Украина, за воздушниот простор од копно до надморска височина од 3 илјади метри, изјави портпаролот на воздухопловните власти за новинската агенција ПАП.

Полска го активира членот 4 од НАТО

За време на руски воздушен напад врз Украина во текот на ноќта кон средата, голем број руски дронови навлегоа во воздушниот простор на земјата-членка на НАТО, Полска. Полскиот премиер Доналд Туск зборува за најмалку 19 беспилотни летала, кои делумно летале и до неколку стотици километри над полска територија. Според полски наводи, најмалку три дронови биле соборени, делумно со поддршка од холандски борбени авиони од типот Ф-35. Германските системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ во Полска се ставени во состојба на готовност. На истокот на Полска се оштетени една куќа и едно возило. Според извештаите, пронајдени се остатоци од 16 беспилотни летала.

Полска го активираше Член 4 од договорот за НАТО, кој предвидува консултации меѓу сојузниците. „Ќе сториме сè за да бидат исполнети сојузничките обврски на Алијансата“, порача премиерот Доналд Туск обраќајќи се пред пилотите на воздухопловните сили. „За ние како земја и вие како полски пилоти никогаш да не сте сами, ни во мир ни во војна“, додаде Туск.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го осуди „апсолутно опасното“ однесување на Русија и нагласи дека Алијансата е подготвена да го брани „секој сантиметар“ од територијата на НАТО.

Денеска заседава Советот за безбедност 

Инцидентот со дроновите ќе се разгледува и од страна на Советот за безбедност на ОН, кој треба да се состане денеска во 21 часот по средноевропско време. Поднесеното барање од владата во Варшава за таков состанок наиде на поддршка од неколку членови на Советот, вклучително и Велика Британија и Франција, кои имаат право на вето, како и членката на НАТО и ЕУ, Словенија.

Полскиот претседател Карол Навроцки инцидентот го опиша како пробен балон на Русија за реакцијата од Варшава и НАТО. Русија го отфрла тврдењето дека намерно го нарушила полскиот воздушен простор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми