Бунт и крв: Децении на протести и репресија во Иран
10 јануари 2026
Иран повторно е зафатен од масовни протести кои властите ги гушат со сила и крв. Овие демонстрации се дел од долгата историја на граѓански побуни против Исламската Република.
Во бројни ирански градови се одржуваат протести кои првично беа поттикнати од растот на трошоците за живот, но брзо прераснаа во израз на длабоко незадоволство од политичкиот систем. Според активистите, повеќе од 2.000 лица се уапсени, а најмалку 34 демонстранти се убиени во судири со државните сили, јавува американската мрежа за човекови права ХРАНА.
Полицијата и паравоените единици Басиџ – доброволци потчинети на Револуционерната гарда – се сметаат за сили подготвени да реагираат во секој момент за да ги задушат протестите. Револуционерната гарда е независен воен апарат директно потчинет на врховниот лидер Али Хаменеи, со мисија да ја штити Исламската Република. И полицијата и гардата имаат децениско искуство во насилно гушење демонстрации.
Историја на бунтови: од 1999 до денес
Од 1999 година, Иран повеќепати бил потресен од големи, претежно мирни протестни движења, кои редовно завршувале со брутална репресија.
Повод за студентските протести во јули 1999 година беше затворањето на реформски ориентираниот весник „Салам“, за што студентите во Техеран најпрво мирно протестираа. На 8 јули, безбедносните сили упаднаа во студентски дом, убивајќи најмалку еден студент. Следуваа национални протести кои траеја неколку дена. Паравојската Басиџ се судри со демонстрантите, убивајќи уште најмалку четири лица, а уапсени беа меѓу 1.200 и 1.400 луѓе.
„Зеленото движење“ 2009
По спорните претседателски избори, во земјата избувнаа масовни протести познати како „Зеленото движење“. Милиони Иранци ги оспорија резултатите и ја обвинија владата на Махмуд Ахмадинеџад за изборна измама. Мирните демонстрации прераснаа во најголемите протести од Исламската револуција во 1979 година. Безбедносните сили употребија огромна сила, со бројни жртви и илјадници уапсени.
„Крвавиот ноември“ 2019
Во ноември 2019 година, национални протести повторно ја зафатија земјата поради драстичното зголемување на цената на горивото. Демонстрациите брзо се проширија во повеќе од 20 градови и беа брутално задушени. Покрај економските барања, беа застапени и политички пароли, како и повици за смена на врховниот лидер Хаменеи.
„Жена, живот, слобода“ 2022
Смртта на 22-годишната Курдка Џина Махса Амини во полициски притвор предизвика нов бран протести. Тие почнаа како реакција на полициската бруталност и обврзниот хиџаб, по што прераснаа во широк отпор против политичкиот систем. Под слоганот „Жена, живот, слобода“, илјадници млади и жени без хиџаб излегоа на улиците. Властите одговорија со бојна муниција, масовни апсења и смртни казни за десетици демонстранти.
Зошто протестите пропаѓаат?
Заедничко за сите овие движења е длабокото незадоволство од режимот и обвинувањата за неспособност да се одговори на барањата на општеството. Наместо реформи, државата се потпира на репресија, целни напади и демонизација на секоја опозиција. Поради недостиг на координација и лидерство, протестите редовно се задушуваат, а активистите завршуваат во затвор или бегаат од земјата.