1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

На улиците на Иран гинат храбри ученици

Јухана Најди
15 октомври 2022

Силниот бран на протести во Иран зафаќа се` пошироки општествени слоеви. Симбол за побуната против власта се и храбрите тамошни тинејџери кои протестираат на различни начини, но за жал и гинат на улиците.

Протест на иранските ученици против власта
Протест на иранските ученици против власта Фотографија: SalamPix/abaca/picture alliance

Една од најважните разлики меѓу актуелните и поранешните протести во Иран е учеството на ученички и ученици. На фотографии и видео снимки на социјалните мрежи може да се види како од почетокот на протестите ученички во текот на наставата  ги симнуваат шамиите,  извикуваат пароли против  присилното покривање на главата  и против власта, односно како на училишните табли ги испишуваат своите пораки.

Може да се види и како се симнуваат и се газат портрети на Хомеини и Хамнеи кои висат во иранските училници. Државната наредба да се газат израелски и американски знамиња, односно „непријателски“ знамиња, која постои уште од настанокот на Исламската Република, позната им е и на учениците, па затоа сега така постапуваат со највисоките симболи на државната моќ во Иран – посебно остра поента.

Предупредувања за појава на бунтовни генерации

Саед Дехган, ирански адвокат кој живее во Канада и е член на Меѓународната адвокатска комора (ИБА) во разговор за Дојче веле истакнува:

„Денешните ученици се генерација на интернет и комуникации, па благодарение на социјалните медиуми, има посилна политичка свест од претходните генерации. Тие сфатија кој е одговорен за моменталната ситуација во Иран и затоа со јавни изјави и постапки директно ги напаѓаат Хамнеи и Исламската Република."

Бунтовничкиот дух на младите не е неочекувана појава за државното раководство на земјата. И пред протестите, безбедносниот апарат изрази загриженост поради нелојалноста на младата генерација кон државната идеологија. На тоа уште во март 2021 година предупреди неделникот „Собех Садег“, орган на Иранската национална гарда: „Со оваа генерација нема да биде лесно да се владее како со претходните“. Револуционерната гарда е главна воена и безбедносна институција на  Исламската Република  и е под директна контрола на Хамнеи.

„На младите им е туѓа револуцијата од 1979 година како идеологија на Исламската Република, па затоа имаат повеќе храброст да ги изнесат своите барања“, вели Саед Дехган.

Во последните години  исламската влада  испрати илјадници верски службеници низ школите ширум земјата, некои во својство на наставници, за да ги насочат генерациите родени по 2000 година во посакувана насока. Тука спаѓа и заедничко пеење на песната „Поздрав, команданте“ (посветена на Хамнеи), што се одржува на отворено и со придружба на музика од разглас и жива воена кореографија за учениците. И родителите мораа да учествуваат во изведувањето на оваа музичка патриотска претстава.

„Поздрав команданте“, - величање на врховниот водач ХамнеиФотографија: YJC News agency

Нападната државна идеологија

Меѓутоа, широкото учество на младите во актуелните протести покажува дека таквите необмислени мерки се осудени на неуспех.  Меѓу загинатите на уличните протести има многу млади  – Амнести интернешнл јавува за повеќе од 130 млади жртви. Досега се знае за три случаи на загинати млади на возраст од 15 до 17 години.

Колку длабоко успеаја да продрат протестите против власта во општеството, говори и фактот дека незадоволството ги опфати и досега конзервативните или аполитични делови од земјата. Протести се одржани дури и во „светиот“ град Ком, во кој повеќе од 100.000 идни верски службеници студираат во десетина тамошни верски институции.

И на туристичкиот остров Киш во Персискиот Залив, познат по своите луксузни хотели, многу луѓе излегоа на улици, извикувајќи антивладини пароли.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми