1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Несреќно видео обраќање на германската министерка за одбрана

Ули Хаук | АРД
3 јануари 2023

На новогодишната ноќ, министерката за одбрана Ламбрехт сподели видео на своите приватни профили на социјалните мрежи во кое направи биланс на 2022 година. Таа е остро критикувана за тоа што, како и каде го кажала.

Германската министерка за одбрана, Кристине Ламбрехт
Германската министерка за одбрана, Кристине ЛамбрехтФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Германската министерка за одбрана, Кристинe Ламбрехт, стои во син капут на новогодишната ноќ на плоштад во Берлин - веројатно во населбата Фридрихсхајн-Кројцберг. Новогодишните петарди и ракети грмат во заднина: „2022 година се ближи кон крајот и Берлин се подготвува за почетокот на новата година“. Без микрофон, министерката за одбрана тешко се разбира, ветерот ѝ дува во лице. Видеото од 56 секунди изгледа спонтано, непромислено и затоа непрофесионално. Со оглед на руската агресивна војна во Украина со илјадници мртви, речениците на политичарката од СПД среде буката и чадот од пиротехника звучат депласирано и дистанцирано.

„Војна беснее среде Европа. Во врска со тоа стекнав многу посебни впечатоци. Многу, многу средби со интересни и убави луѓе. За тоа велам големо благодарам“, вели таа.

„Како може толку да не се погоди тонот?“

„Многу посебни впечатоци, средби со интересни и убави луѓе“: Во прв ред, овие изјави во врска со војната во Украина предизвикаа бура од негодување на социјалните мрежи. „Како може толку да не се погоди тонот?“, прашува експертката за одбрана Улрике Франке. Политичарите од опозициските партии на Унијата го искористија видеото како можност за да ги потврдат сомнежите за подобноста на Ламбрехт да ја извршува министерската функција.

Поранешниот кандидат за канцелар на Унијата, Армин Лашет (ЦДУ) на Твитер нагласи дека појавувањето на Ламбрехт на Инстаграм, исто така, предизвикало чудење во странство. „Дали канцеларот навистина не се грижи ништо за влијанието на Германија во Европа и во светот?“, напиша тој.

Експертот за одбрана на ЦСУ, Флоријан Хан, напиша: „Ова видео зборува само за себе. Каков срам, каква грешка.“ А експертката за одбрана од редовите на ЦДУ, Серап Ѓулер, видеото го смета за „неверојатно несоодветно“ и прашува: „Што ѝ е дозволено на сатирата?

Критики и од владината коалиција

Но, има и нескриени критики од редовите и на самата владина коалиција во Германија составена од Социјалдемократската партија, Зелените и Либералите. Пратеникот на Зелените во Бундестагот Стефан Бишоф на Твитер со потсмев коментира: „Војна беснее среде Европа. И сега на здравје славеници! Среќна Нова Година!"

Основниот тенор на критиката: министерката за одбрана Ламбрехт не го претставуваше соодветно Бундесверот.  Обвинение кое Министерството за одбрана не сакаше да го коментира. Видеото се појави на приватниот профил на Ламбрехт, образложи Арне Колац, заменик портпарол на Министерството  за одбрана: „Таа говореше на приватен канал, ги избра зборовите таму и ја произведе целата работа без помош од официјални ресурси.“

Толку лесно, меѓутоа, не може да се направи разлика меѓу приватното лице и министерката за одбрана Кристине Ламбрехт. Затоа што во своето обраќање од 56 секунди, Ламбрехт им се заблагодарува и на војниците, полицајците и на болничкиот персонал кои беа на должност на новогодишната ноќ, кога министерката славеше со семејството и пријателите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми