„Бура“ сè уште ги дели Хрватите и Србите - и по 30 години
5 август 2025
Еднаш годишно, на 5 август, поспаниот град Книн се буди и станува центар на политичкиот живот во Хрватска. Политичката и воената елита на земјата се собираат под 20-метарско национално знаме на урнатините на тврдината над градот, каде што се одржуваат патриотски говори со многу патетика и се доделуваат одликувања. „Денот на победата и благодарноста кон татковината“ се слави како и „Денот на хрватските ветерани“, во спомен на воената операција „Бура“, спроведена од 4 до 7 август 1995 година.
Подигнувањето на огромното знаме на тврдината Книн и денес се смета за симбол на славната победа на хрватските сили над Србите во четиригодишната Татковинска војна (1991-1995), како дел од војните во поранешна Југославија во текот на 1990-тите. Тогаш, хрватските армиски и полициски единици ја ослободија Краина во голема офанзива во текот на 85 часа, а со тоа и најголемиот дел од онаа третина од хрватската територија што беше заземена од бунтовничките Срби за време на војната.
Продолжеток во Босна и Херцеговина
Во исто време, „Бура“ означи и пресвртница во војната во Босна: во координирана акција на Хрватската армија, силите на Армијата на Босна и Херцеговина и членовите на Хрватскиот совет за одбрана, со ограничена воздушна поддршка од НАТО, беше пробиена повеќегодишната српска опсада на западнобосанскиот град Бихаќ и Западна Босна повторно беше ослободена.
Набргу потоа, во продолжението на хрватско-бошњачката воена офанзива, и други делови од БиХ дојдоа под нивна контрола. Територијата под контрола на воените сили на босанските Срби се намали од 70 на 49 проценти од земјата, што на крајот доведе до Дејтонскиот мировен договор.
Војните на територијата на поранешна Југославија, кои започнаа во 1991 година со прогласувањето на независноста на Словенија и Хрватска од заедничката југословенска држава и десетдневната војна во Словенија, беа привремено завршени. Тие конечно завршија дури четири години подоцна, кога НАТО интервенираше против Србија во војната во Косово, што потоа доведе до воспоставување на независната држава Косово.
Бегство на Србите од Краина
Сепак, воената операција „Бура“ донесе уште една далекусежна промена за Хрватска: за време на тие 85 часа од „Бура“ и веднаш потоа, околу 200.000 Срби го напуштија регионот Краина во правец на Србија. Многумина беа насилно протерани, но мнозинството избегаа од страв од одмазда од навлегувањето на хрватските трупи. Во годините пред тоа, повеќе од 170.000 Хрвати беа протерани од територијата на Хрватска под српска доминација, особено на самиот почеток на војната. Во тоа време, српските сили извршија и многу злосторства против хрватските цивили.
Како што се покажа, овој страв беше оправдан: за време на операцијата „Бура“ и во деновите по неа, имаше бројни грабежи, многу куќи на Срби, па дури и цели села беа уништени и запалени, а според невладината организација „Документа“ од Загреб, 1055 српски цивили кои останаа беа убиени.
Иако многу од овие злосторства се добро документирани, речиси никој не е обвинет за нив, а камоли осуден. Судските органи во Хрватска по војната покажаа многу мал интерес за истражување на можни злосторства извршени од хрватски војници.
Дури и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг не ги пронајде одговорните. Така, во 2011 година, Анте Готовина, еден од главните команданти, како и генералот Младен Маркач, беа додуша осудени на долги затворски казни поради одговорност за воени злосторства, но двајцата набргу потоа беа ослободени во второстепената постапка.
Иако во повоените години многу српски бегалци се вратија во Хрватска, Србите кои пред војната како конститутивно малцинство играа важна улога во политичкиот живот на земјата, денес имаат само маргинална улога во тамошното општество.
Хрватска: Херојска победа
Иако поминаа триесет години од „Бура“, оценките од хрватската и српската страна сè уште многу се разликуваат. Во Хрватска, таа се гледа недвосмислено позитивно, се смета во секој поглед за легитимна, оправдана и херојска воена операција како дел од одбранбената војна.
За 30-годишнината, во Загреб се одржа голема парада, каде што сè што хрватската армија го има на располагање беше изложено во долга колона. Учествуваа многу војници, многу опрема беше донесена на улиците, а новите, неодамна купени француски борбени авиони „Рафал“ летаа над гледачите. За прв пат, војниците на НАТО учествуваа на таква парада, бидејќи Хрватска е членка на Алијансата од 2009 година. Два тенкови „Леопард“ беа позајмени од Германија за парадата: хрватската армија сè уште ги нема, но се нарачани и ќе бидат испорачани штом ќе бидат произведени.
По тој повод, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ напиша на својот Фејсбук профил: „Ги славиме нашите победи, не мразиме никого. Целосно сме свесни - и сакам и оние што доаѓаат по нас, кои во тоа време биле деца, да бидат свесни за ова - дека тоа беше победа за хрватските војници, хрватскиот народ и хрватското раководство од тоа време“.
Србија: Погром
Од друга страна, во Србија, операцијата „Бура“ се смета не само за најголем воен пораз во војните на територијата на поранешна Југославија, туку и за синоним за протерување на Србите и за воените злосторства и уништувањата извршени врз нив.
Во овој дух, српскиот претседател Александар Вучиќ на овогодинешната комеморација, која се одржа под слоганот „Бура е погром – паметиме засекогаш“, го повтори стариот наратив според кој Србите трпат огромна неправда од страна на меѓународната заедница веќе 30 години. „Никогаш повеќе нема да дозволиме да ја загрозувате слободата на Србите на кој било начин“, рече Вучиќ и додаде дека странците ги зајакнуваат сите земји околу Србија, а само неа ја ослабуваат.
Тој исто така рече дека Србија не се заканува никому, но на 20 септември ќе им покаже на сите „каква народна армија создадовме“ и дека Србија е доволно силна да се одбрани. На тој ден, во Белград е планирана голема српска воена парада. И на таа парада, француски борбени авиони „Рафал“ ќе летаат над публиката, исто како што беше во Загреб – на глобалниот пазар на оружје во моментов владее гужва, побарувачката е поголема од понудата.