Бурен почеток на 75-тиот Саем на книгата во Франкфурт
19 октомври 2023Во својот говор на свеченото отворање на саемот на книгата во Франкфурт на Мајна, Жижек ги осуди терористичките напади од Хамас врз израелското население. Израел, САД, Германија и други земји ја имаат прогласено Хамас за терористичка организација. Жижек рече дека терористичките напади се страшно злосторство и дека Израел има целосно право на самоодбрана, но нагласи и дека Палестинците треба да се слушнат и да се земе предвид и нивната страна за да се разбере конфликтот. Не може да има мир на Блискиот Исток, додаде тој, без решавање на палестинското прашање.
За време на говорот на Жижек, некои гости неколку пати ја напуштаа салата во знак на протест, меѓу кои и комесарот на Хесен за борба против антисемитизмот, Уве Бекер. Говорот беше прекинат. Бекер подоцна се врати во придружба на локални политичари од Франкфурт. Тој го обвини Жижек за релативизирање на злосторствата на Хамас, а Жижек тоа го негираше. По настанот, Бекер за германската новинска агенција ДПА изјави дека може да се разговара за се, вклучително и за правата и страдањата на Палестинците, но дека слободата на говорот „има свои граници, особено кога во одреден контекст работите се релативизираат, минимизираат или изедначуваат, каде тоа не е соодветно“, рече комесарот за антисемитизам.
Жижек: „Малку и се срамам што сум овде"
Пред да биде прекинат говорот, словенечкиот филозоф ја критикуваше „забраната за анализа“ на конфликтот меѓу Израел и Хамас. Тој рече дека сите претходни говорници зборувале за Израел, но никој не зборувал за Палестинците. Тој, исто така, рече дека е „скандалозна“ одлуката да се одложи доделувањето на наградата „Либература“ за 2023 година на палестинската авторка Аданија Шибли. Жижек рече дека е горд што е на саемот на книгата, „но и дека малку се срамам што сум овде“.
Директорот на Саемот на книгата во Франкфурт, Јирген Бос, кој беше видно трогнат на крајот од говорот на Жижек, се обиде да ја смири ситуацијата. „Тоа е слобода на говор. И тоа мора да го зачуваме овде, тоа ми е важно“, рече Бос. Треба да може да се прекине говор, нагласи тој, но и додаде дека е среќен „што го слушавме крајот на говорот, иако на некои можеби не им се допадна. Дури и да го осудиме, важно е да се слушаме меѓусебно".
Повеќе од 4.200 изложувачи од 95 земји
Годинава 4.200 изложувачи од 95 земји дојдоа во Франкфурт на јубилејниот 75-ти Саем на книгата. Новите изданија се веќе на полиците, а пристигнаа над 6 илјади претставници на медиумите. Саемот ќе трае до 22 октомври. Главен гостин е Словенија.
За време на саемот се доделуваат цела низа награди. На почетокот ќе биде доделена и Германската награда за книга за оваа година. Се доделува за најдобар роман на германски јазик и годинава ќе ја добие австрискиот писател Тонио Шахингер. Во неговиот роман „Нашето вистинско доба“ (Echtzeitalter) станува збор за виенски тинејџер кој го освојува светот со компјутерски игри. Наградата е вредна 25 илјади евра. Минатата година наградата и` припадна на швајцарската дебитантка Ким де л'Хоризонт за „Крвава книга" (Blutbuch).
Наградата за литература за млади традиционално се доделува на Саемот во Франкфурт. Предвидено е да се додели во петок. Најважната награда на Саемот пак, се доделува пред затворањето - наградата за мир на германската книжевна бранша се доделува во црквата Св.Павле. Овогодинешен носител на наградата е Салман Ружди. Пред една година британско-индискиот писател беше жртва на атентат во кој беше тешко повреден. Авторот Даниел Келман ќе одржи говор во чест на Ружди. Минатата година наградата му беше доделена на украинскиот писател Сергиј Жадан.
„Саќе зборови"
Словенија, која е почесен гостин и тематски фокус на Саемот во Франкфурт, има исклучителна литературна, но и пчеларска традиција. Затоа мотото на словенечкото претставување во Франкфурт е „Зборови од саќе“. Меѓу 70-те писатели кои од Словенија ќе дојдат во Франкфурт е и Драго Јанчар. Минхенската издавачка куќа „Ханцер“ неодамна го издаде неговиот роман, кој беше објавен во Словенија под наслов „Од почетокот на светот“.
Во интервју за ДВ тој вели: „Не можам да молчам кога ќе видам дека нешто не е во ред“. Тој вели дека „никогаш не бил среќен“ со своите искуства во поранешниот систем. „Ја знам разликата помеѓу авторитарен, тоталитаристички и недемократски систем и демократија“, рече Јанчар. Малата Словенија со два милиони жители, порано дел од социјалистичка Југославија, денес е земја членка на Европската Унија и НАТО.
Крвавиот напад од Хамас врз Израел однапред го засени саемот на книгата. Директорот на саемот Јирген Бос најави дека во програмата би требало да се слушнат повеќе израелски гласови. Планираната награда на „Либература 2023" доведе до контроверзни дебати - палестинската авторка Аданија Шибли ќе ја добие за нејзината книга „Помало нешто".
Некои критичари ја обвинуваат палестинската авторка за антисемитска содржина. Поради нападот од Хамас врз Израел, церемонијата на доделување е одложена за се уште неодреден датум по завршувањето на Саемот на книгата. Неколку арапски издавачи по ова во текот на викендот објавија дека се повлекуваат од саемот, вклучително и Управата за книги „Шарџа" од Обединетите Арапски Емирати и според пишувањата на медиумите, и Здружението на арапски издавачи во Египет.
Првиот саем во Франкфурт се одржа во 1949 година.
Во својата јубилејна година, Саемот се навраќа на својата турбулентна историја. Четири години по Втората светска војна, првиот саем на книгата во Франкфурт во 1949 година го означи обновувањето на културниот живот во земјата. Тогаш организаторот собра 204 германски издавачи, а денес Саемот во Франкфурт е најголемиот саем за книги во светот.
Саемот отсекогаш бил голема сцена и простор за дебата. Во 1959 година, Гинтер Грас создаде вистинска книжевна сензација со својот дебитантски роман „Лимениот тапан“. Боксерот Мухамед Али ги претстави своите мемоари во 1975 година. Еден новинар неговата книга ја нарече „удар под појасот за литературата“. Но, оттогаш, спортистите редовно ги презентираат своите книги на саемот во Франкфурт. Меѓу нив беа и фудбалската легенда Франц Бекенбауер, тенисерот Борис Бекер и кошаркарот Дирк Новицки.