1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

„Чади“ во кумановскиот суд- Лога бара истрага за злоупотреби

ДТЗ
11 јули 2023

Министерот за правда, Кренар Лога со четири ургенции од Судскиот совет барал да се истражат наводите за злоупотреби на АКМИС системот. Но, постои ли опасност во пожарот да е уништена архивата?

Кренар Лога, министер за правда
Кренар Лога тврди дека Судскиот совет пет месеци одолговлекува и не презема мерки за утврдување на одговорност и санкционирање на в.д претседателката на кумановскиот судФотографија: Reg. Nordmazedonien

Судот во Куманово во наредниот период ќе биде исправен пред две истраги - едната која што ќе треба да утврди како изутринава избувнал пожар во подрумските простории, за кој што постои сомнеж дека ја зафатил судската архива и втората проверка-  која ќе треба да биде извршена од страна на Судскиот совет по наводите за нарушени меѓусебни односи и можни  злоупотреби на АКМИС системот во судот. Министерот за правда, Кренар Лога, изминативе месеци четири пати испратил писма до Судскиот совет со цел да се утврди одговорност на в.д претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев, откако на почетокот на годинава биле констатирани злоупотреби на АКМИС системот.

Министерството денеска потсети на ургенциите, откако обвинителството и крим-техника ја започнаа истрагата за утврдување на причините за пожарот кој во вторникот (11.07) околу 2 часот по полноќ избувнал во судската зграда. 

Кои се причините за пожарот? 

Кумановското обвинителство е во истата зграда со судот. Пред неколку години со средства од ИПА се реконструирани просториите. Пожарот избувнал околу 01.45 часот, кога во СВР Куманово било пријавено дека има оган и чад во зградата на Основен суд Куманово. Противпожарна екипа веднаш реагирала. Огнот избувнал во подрумските простории на судот. 

Шефицата на обвинителството, Теута Бедиу Рамадани информираше дека кумановското обвинителство заедно со вешти лица, крим-техника ќе ги истражува причините за настанување на пожарот. „Првично се сомневаме на електрична инсталација, но увидот ќе покаже кои се причините. Ова е постара зграда. На терен сме веднаш по добиената информација и јас и дежурниот обвинител, заедно со претставници од судот од почетокот на избувнување на пожарот. Со екипа на СВР ќе направиме и увид, ќе повикаме и вешти лица, ако е потребно ќе повикаме и други обвинители“, изјави таа.  

Претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев утрово го посети Основниот суд во Куманово. Претседателката на кумановскиот суд Снежана Манев, го информирала дека пожарот бил регистриран во подрумскиот дел во една од просториите каде што се наоѓа архивата со стари предмети. Георгиев се надева дека последиците од пожарот што поскоро ќе бидат санирани, а криминалистичките вештачења и преземените истражни дејствија завршени во најкус можен рок, за да се откријат причините за несреќата и обемот на направената штета.  

Ургенции за утврдување одговорност 

Токму на адресата на Судскиот совет, изминативе месеци пристигнале неколку ургенции од министерот за правда, Кренар Лога. Тој тврди дека Судскиот совет пет месеци одолговлекува и не презема мерки за утврдување на одговорност и санкционирање на в.д претседателката на кумановскиот суд. 

Ќе се испитува и пожарот и сомнежите за злоупотреби на АКМИС системот во судот во КумановоФотографија: picture-alliance/dpa

Судскиот совет беше во работна посета на Основниот суд Куманово на 1 февруари годинава и подготви извештај каде се констатирани низа нарушувања на угледот на судиската функција, направени се груби повреди на начелото на недискриминација по која било основа, користење на несоодветен вокабулар, навреди и омаловажувања на вработените од страна на в.д претседателот на судот како и злоупотреба на АКМИС системот, кое во голема мера влијае на односите и работењето на судот. Во Извештајот се наведени и злоупотреби на АКМИС системот, исклучување на одредени судии од автоматската распределба на предмети. Од увидот на предметите во работната група констатирано е долго траење и одолговлекување на постапката, неуредно и неажурно верификување на предметите.

Министерството за правда денеска уште еднаш го повикува Судскиот совет да постапи согласно своите надлежности, „бидејќи неказнувањето на вакви случаи ќе доведе до дополнително нарушување на угледот на Советот, а со тоа и намалување на довербата во правосудството“. 

Со обвинувања за злоупотреби на АКМИС системот се соочува и претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини кој доби кривична пријава од вработените поради сомнение за злоупотреба на службената должност. Тој ги отфрли обвинувањата дека бил злоупотребен АКМИС системот, како и дека намерно биле застарувани предмети. Тврди дека станува збор за обид да се наруши неговиот и имиџот на институцијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми