1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чаир е често досадно место, но веќе не!

20 март 2023

Расколот во ДУИ добива сериозни димензии. Според упатени во состојбите, ако двете страни не постигнат договор, ќе се случи расцеп кој ќе има драматични последици, но не само за ДУИ.

Артан Груби и Али Ахмети
Артан Груби и Али АхметиФотографија: DW/P. Stojanovski

Најавен како „национален лидер“од страна на првиот вицепремиер Артан Груби, лидерот на ДУИ Али Ахмети вечерва во 19 часот треба да дојде на големиот партиски собир во спортската сала „Шабан Трстена“ во Чаир. По бомбастичната кампања насловена „Да, тој доаѓа“, Груби на Фејсбук вчера најави „невиден спектакл“.

„...Големи и мали зборуваат дека доаѓа и ќе дојдат да го слушнат! Не пропуштајте, за потоа од другите да слушате како е да се биде дел од историскиот собир каде ќе се гради иднината!“, напиша Груби.

Пред три недели голем собир во Чаир имаа поддржувачите на „Огнената група", кои незадоволни од учинокот на министрите на ДУИ во преполната сала изрекоа бројни критики за нив, особено за првиот вицепремиер Артан Груби. Во изминатиот период двете страни практично се „бркаат“ на терен. Во сите ограноци каде што незадоволните од „Огнената група" организираат средби со граѓани, потоа на средби доаѓаат и функционерите од ДУИ.

Расцеп со неизвесни димензии

„Чаир воопшто не е досадно место“, гласат иронично некои од коментарите на социјалните мрежи, алудирајќи на стиховите „Чаир е често досадно место...“ од песната на Владо Јаневски, овојпат во контекст на состојбите во ДУИ.

Лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поранешен министер, познавач на состојбите во партијата предводена од Ахмети, вели дека на повидок е многу сериозен расцеп, кој може да има драматични последици, не само за партијата.

„Во почетокот на несогласувањата, на некои повеќе им изгледаше дека се работи за сценарио токму на врвот на ДУИ, со цел да се покаже дека има внатрешна демократија и дека сите прашања се решаваат во таква атмосфера. Меѓутоа, веќе подолг период е евидентно дека за првпат се случува еден посериозен расцеп, кој понатаму може само да се компликува. Според сите пораки кои јавно беа разменети, помирување во моментов е исклучено како епилог. Оние кои внимателно ги следат јавните изјави, веќе може да забележат дека е сменет и речникот. На пример, Изет Меџити веќе не го ословува Ахмети со ‘претседател’ туку само по име. Ако Меџити не успее да ги операционализира неговите аргументи во партијата, тогаш сигурно ќе дојде до расцеп, но неизвесно е какви форми и димензии ќе добие тој. Освен, ако во последен миг не се договорат со Ахмети. Генерално, потенцијален расцеп не може да помине без драматични последици врз севкупната констелација во актуелната состојба во земјава, кога треба да се разговара за уставни измени. Пропусти има и премиерот Ковачевски, и СДСМ, кои како да се целосно ‘парализирани’, и не рагираат на ништо што доаѓа од ДУИ, а што не се рефлектира позитивно во јавноста“, вели нашиот соговорник.

Според него, покрај незадоволството на „Огнената група" од сработеното од министрите на ДУИ, кај одредени членови на групата има и личен револт, кој влече корени од 2016 година, заради начинот на кој Ахмети за една вечер реши да ги смени сите министри, меѓу кои и тогашниот вицепремиер Муса Џафери.

Членовите на „Огнената група“ во ДУИФотографија: Petr Stojanovski

Сега Муса Џафери, заедно со пратеникот и потпретседател на ДУИ, Изет Меџити, како и градоначалниците на општините Сарај и Чаир, Блерим Беџети и Висар Ганиу, денес се клучните протагонисти на „Огнената група".

„Ни Меџити, ни Висар Ганиу досега не се експонираа како пропагандисти, а имаат големо влијание на терен, меѓу граѓаните. На нивните собири граѓаните не доаѓаат по налог, ниту ‘огнените' можат да им наложат да дојдат. И имаат полни сали. За Ахмети не значи ништо да има полна сала во Чаир, бидејќи се знае дека неговите министри може да го наложат тоа“, вели поранешниот функционер. 

Собир со списоци

Собирот на ДУИ во Чаир, Меџити веќе јавно го нарече „собир на артанисти".

„Не сме поканети. Тоа е собир на артанисти. Ја тероризираа јавната и државната администрација. Ќе се носат од сите градови, од секаде“, изјави потпретседателот на ДУИ, Меџити.

Пред две недели, Ахмети го назначи Бујар Османи за „координатор во Чаир“, со што упати порака до Меџити и до „огнените“.

„Добро е да го прашаме господинот Ахмети за овие политички разлики и тенденцијата да се замолчат различните мислења! Затоа што ова е нестатутарно решение, кое не е поминато на партиските органи (...) Не сум разрешен од функцијата претседател на чаирскиот огранок на ДУИ, зашто сум избран во легална процедура по спроведена кампања, Но трагичен e начинот на реваншизам преку политичка диференцијација во ДУИ. Тоа нема да вроди со плод, туку само ќе создаде сериозни последици зашто претставува непочитување на статутот“, изјави Меџити, кој сѐ уште е на функцијата потпретседател на ДУИ.

Главното седиште на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

„Нема да ме изненади ако секаде назначат координатори. Тоа што нема таква функција во статутот на ДУИ сѐ чини не им е важно“, искоментира организацискиот секретар на ДУИ, Блерим Беџети, кој е дел од „Огнената група“.

Пред три дена „Огнените“ покренаа онлајн петиција за разрешување на вицепремиерот Артан Груби и останатите министри од редовите на ДУИ, заради лоши резултати, неспроведување на изборната програма и застранување од поставените цели. Од групата во изминатите денови изјавуваа дека партиските членови кои не се согласуваат со работата на министрите на ДУИ веќе трпат притисоци и последици, а во тој контекст Меџити посочи дека Груби е контрадикторен.

„Контрадикторен е, бидејќи во театарот во Скопје даде рака за помирување, а истата вечер разреши 5-6 функционери коишто различно размислуваат и нѐ враќа во комунизам, во политичкото диференцирање, што постарите генерации уште го паметат. Значи, сите кои што не размислуваат како Груби ќе сносат последици и ќе бидат разрешени“, рече потпретседателот на ДУИ.

Опозицијата го критикува молкот на СДСМ

Незадоволство од однесувањето на ДУИ има и во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот од редовите на оваа парија, Бране Петрушевски, вчера обвини дека четири искусни медицински сестри, етнички Македонки, биле избркани од работа од болницата во Куманово, а на оглас за вработување на 10 медицински сестри на неопределено време, директорот поставен од ДУИ ги вработил сите 10 од ДУИ, по што претседателот на ОО на СДСМ си дал оставка.

Првиот вицепремиер во македонската влада, Артан ГрубиФотографија: DW/P. Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ во друго партиско соопштение обвини дека „Ковачевски е само чувар на премиерската фотелја за кадарот на ДУИ".

„Впрочем СДСМ и Ковачевски се претворија во безначаен коалициски партнер кој ги аминува политиките на ДУИ. Ниту се спротивставија, ниту ќе се спротивстават. Никаде го нема ни да писне Ковачевски за скандалот со деловниот простор на братот на Груби. Никаде го нема Ковачевски да писне за злоупотребите на Бујар Османи на службени возила. Никаде го нема Ковачевски да писне за лошата економска политика водена пред се од кадрите на ДУИ“, критикуваат од опозициската партија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми