1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Германија депортира и во Северна Македонија

Ненад Крајцер | СН
18 септември 2024

Германските власти, во вторникот, според медиумите, депортирале 36 лица во Србија и во Северна Македонија. Станува збор главно за лица чие барање за политички азил е одбиено, а меѓу нив има и осудени криминалци.

Уште еден чартер лет за депортации полета од Германија
Уште еден чартер лет за депортации полета од ГерманијаФотографија: picture alliance/ABBfoto

Првиот чартер како дел од најновата депортациска офанзива на германската влада полета пред две недели за Авганистан.

Вториот во вторникот (17 септември) од Хамбург полетал кон Белград и Скопје.

Како што објави весникот „Билд“, во него имало 36 лица, главно државјани на Србија и на Косово, на кои им било одбиено правото на азил или поради некоја друга причина немале право да останат во Германија.

Чартер-летот на полската компанија Ентер Ер бил изнајмен од најсеверната германска сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, па се претпоставува дека депортираните биле регистрирани во оваа покраина.

Депортации на Западен Бакан по кратка постапка

За разлика од чартерот за Кабул, на крајот на август, овој лет не е никаква сензација.

Додека депортациите во Авганистан се контроверзни бидејќи германската влада нема дипломатски врски со талибанската влада во Кабул, а организациите за човекови права укажуваат на лошата состојба во Авганистан, чартерот за Белград и за Скопје, се чини, дека е рутина.

И во случајот со Западен Балкан, организациите за човекови права предупредуваат на лошата состојба со човековите права, особено кога станува збор за Ромите, но само во првиот квартал од годинава германските власти веќе депортирале 795 лица во Србија и на Косово. Во првата половина од 2024, пак во Северна Македонија биле вратени 774 македонски државјани.

Депортациите од Германија во земјите од Западен Балкан се рутинаФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Уште во 2014 година, земјите од Западен Балкан беа прогласени за таканаречени безбедни земји поради огромниот број баратели на азил чии барања беа одбиени. Тоа значи дека луѓето од овие земји можат да бидат депортирани по скратен процес на проверка.

Притисок врз владата

По изборните успеси на екстремно левичарските и десничарските партии, кои се залагаат за ограничување на нерегуларната миграција, се зголеми притисокот врз владата да го исполни своето ветување за интензивирање на депортациите на луѓето кои немаат право на престој.

За притисокот придонесе и фактот дека напаѓачот, кој ги нападна посетителите на градскиот фестивал во Солинген во август, при што уби тројца и тешко рани десетина лица, бил Сириец кого властите не успеале да го депортираат во Бугарија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми