1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦДУ бара стопирање на реформата на законот за државјанство

ЕМФ | афп
2 ноември 2023

Германската опозициска партија ЦДУ бара стопирање на планираната реформа на законот за државјанство.

Карстен Линеман, генерален секретар на ЦДУ
Карстен Линеман, генерален секретар на ЦДУФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Со оглед на неодамнешните антисемитски демонстрации во Германија, на кои учествуваа многу луѓе со мигрантско потекло, опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) ја повика владеачката коалиција да ја запре планираната реформа на законот за државјанство.

„Таков закон не решава ниту еден проблем, особено во актуелната политичка ситуација, туку само создава нови“ и мора да биде запрен, изјави генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман, за весникот „Билд“. „Настаните во изминатите неколку денови и недели покажаа дека ниту државјанството ниту самото учење на германски јазик не водат до соодветна интеграција во нашата заедница на вредности“, оценува Линеман.

Затоа, на пример, „експресно добивање државјанство“ по три години „не е вистинскиот начин и испраќа целосно погрешни сигнали“, смета политичарот на ЦДУ. Според Линеман, Германија веќе има еден од најлибералните закони за државјанство во светот. Натурализацијата мора да биде на крајот на успешната интеграција, а не на почетокот, тврди тој.

Германската влада на крајот на август одлучи да го реформира законот за државјанство. Според она што е предвидено со реформата, луѓето од странство кои легално живеат во Германија треба да можат да аплицираат за германски пасош по само пет години. Досега рокот вообичаено беше осум години. Освен тоа, во иднина генерално би требало да биде можно двојно државјанство. Ваквиот реформиран закон допрва треба да биде одобрен во Бундестагот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми