1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекор напред, назад два

18 септември 2024

Во кое било сценарио за развој на односите со Бугарија во иднина, па дури и најпесимистичкото, за нас е најдобро да ги усвоиме уставните измени веднаш, и да зачекориме во преговори со ЕУ. Пишува Петар Арсовски.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова беше пречекана од нејзиниот колега домаќин во Софија, Румен Радев, без било какви државни обележјаФотографија: President RNM

Последниот инцидент со Бугарија, каде Претседателката Сиљановска-Давкова беше дочекана без било какви државни обележја, иако се претвори во своевидна драма, податлива за јавноста, всушност претставува само еден симптом на процес кој се одвива подолго време и на повеќе фронтови. Фактот дека се одвива во забавена слика (slow motion), не треба да не одврати од заклучокот во кој правец се движат нашите односи со Бугарија – назад кон засилен антагонизам, еден вид замрзнат проблем. Не дека досега ни цветаа ружи, но со договорот имавме шанса пакетот отворени прашања да го затвориме во една енкапсулирана рамка (без оглед дали таа ни се допаѓа или не), и понатамошните односи да ги дефинираме паралелено со преговорите со ЕУ.  По се изгледа дека ние таа рамка повторно ќе ја отвориме, и дека билатералниот и мултилатералниот процес ќе ги направиме консекутивни наместо паралелни, што може да се покаже како гамбит од кој на крајот не знаеме како ќе излеземе.

Панаѓурски трикови

Прво малку за посетата и ефектите од истата. Мислам дека малку премногу драма се појави во јавноста (разбирливо), но дека во основа станува збор за еден класичен „шибицарски“ трик на еден невоспитан, и фундаментално прост, естаблишмент во Бугарија, персонифициран како политичка онанија без вистинска основа.  Вакви панаѓурски трикови не се невообичаени, но стандардно, бенефитот секогаш е соодветен на потегот – ситен, пазарски ќеиф.  Тоа не ја намалува одговорноста за недостатокот на внимание на нашите претставници (и нивните екипи), но на крајот, која е долгорочната придобивка од овој вид подметнувања, освен можеби тајното кикотење по кабинети во Софија?  На ваквата поставеност на Бугарија кон нас во меѓународната димпломатија, ние одговараме со промена на историската комисија (исто така брзоплето решение), па уште повеќе, со обид за некаков политички поен дома, демек предавниците си отидоа, дојдоа патриотите.  На тоа следуваат нови пинг-понг пораки помеѓу Скопје и Софија, демарши, и јавен театар.  Дури и ако се согласиме дека овие потези, кои поединечно изгледаат минорни, се всушност дел од долгорочна стратегија, немам објаснување зошто, всушност, ние ја прифаќаме нивната игра. Нашите односи, во моментов, едноставно немаат класа и стил, со што ние дозволуваме да не вовлечат во едно пониско ниво на комуникација, што досега не беше случај.  Се плашам дека тоа не внесува во една нова фаза на долгорочен, зајадлив, статус кво, еден замрзнат конфликт, ситуација која нам помалку ни одговара одошто на Бугарија.  

Она што беше планирано како срдечна средба се претвори во драма: Сиљановска-Давкова и Радев во СофијаФотографија: President RNM

„Блицкриг“ решение

Стратешки гледано, останувам на своето мислење дека за нас е најдобро дури и поскапо, но побрзо решение, еден вид „блицкриг“.  Токму поради тоа, мислам дека во кое било сценарио за развој на односите со Бугарија во иднина, па дури и најпесимистичкото, за нас е најдобро да ги усвоиме уставните измени веднаш, и да зачекориме во преговори со ЕУ.  Добиваме далеку подобра позиција (да не зборувам за конкретните поволности од преговорите), а не губиме ништо – истите промени, со или без одложено дејство, кога-тогаш ќе ги направиме, а доколку нешто се проблематизира во тој процес, немаме потреба од вградени „гаранции“ – за кавга со Бугарија кај нас во секој момент имаме доволно пратеници, па така, таа промена секако е реверзибилна. Мислам дека замрзнувањето на односите, еден вид продолжен тивок антагонизам без напредок, не носи во ризик по неколку основи: (1) продолжен процес секогаш му одговара на посилниот, а тоа не сме ние, па ризикуваме, наместо готов пакет, да добиеме бесконечна серија мали барања, условно речено, да не фатат „на кондиција“, за на крајот, уморни, да прифатиме и полош пакет, како што беше ситуацијата со Грција; (2) додека ние „се меркаме“ со Бугарија, во ЕУ апетитот за проширување се намалува, а конечната цел станува се помалку јасна, а аргументот дека ЕУ „кај и да е ќе се распадне“ е наивен – и распаднати, секако би биле подобра опција од било што што ние локално можеме да испорачаме; (3) во меѓувреме, суштинските реформи мислам дека ќе се покажат како невозможни – сепак без преговори со ЕУ, ниту една земја на Балканот не успеала да го направи квантниот скок кон нормално општество, и нема никаква причина да очекуваме дека ние би биле исклучок од тоа правило.

Отворање на Пандорината кутија е гамбит

Затоа, сметам дека е гамбит да ја отвораме Пандорината кутија од еден затворен пакет – немаме гаранции дека од тој процес ќе успееме да добиеме било што, а ризикуваме да изгубиме скапоцено време.  Преговарачката рамка сигурно нема да ја смениме, а билатералните документи секако се ризик за повторни преговори. Оттаму, деградацијата на односите со Бугарија, и илузиите дека од некаква нова „рунда“ ние можеме да излеземе како победници, може да не внесат во еден долготраен процес на напред-назад, што претставува сериозен ризик и за домашната и за меѓународната позиција на државата.  Познавајќи се самите себеси, токму така и ќе направиме.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми