1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Целта на „Огнените“ е кормилото во ДУИ кога Ахмети ќе замине

28 декември 2022

Во 2023 година е закажан конгрес на ДУИ и реизбор во сите ограноци, со што почнува трката за превласт, оценува аналитичарот Џелал Незири, по вчерашните реакции на „Огнената група“.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Што е целта на „Огнената група“ од ДУИ, која во изминатите четири месеци неколку пати испорачува барања до Али Ахмети, незадоволна од кадровските решенија и од неостварените изборни ветувања? Иако нивната критика е главно насочена кон слаби резултати, нискиот рејтинг на министрите од ДУИ и барање тие да бидат заменети со попродуктивни кадри, аналитичари сметаат дека причините за незадоволство имаат и друга страна.

„Разидувањата внатре во ДУИ се од идеолошка природа, преплетени со прагматични елементи. Се работи за внатрепартиска битка за насоките и ориентацијата на партијата, нејзиниот профил и идентитет како и за власта која сега ја има ДУИ. ‘Огнената група' испрати порака дека нивната борба не завршила со изборот на партиските тела, кое беше главната причина за неодамнешните турбуленции. Ниту пак со позициите кои ги добија во ДУИ. Крајната цел е преземање на кормилото на партијата откако Ахмети ќе се повлече. Во 2023 година е закажан конгрес на партијата, како и реизбор во сите ограноци, со што и официјално почнува трката за превласт“, вели Незири.

Клучните протагонисти во „Oгнената група“ на ДУИ се пратеникот Изет Меџити, градоначалниците на општините Сарај и Чаир, Блерим Беџети и Висар Ганиу, и поранешниот функционер Муса Џафери. Со оглед дека оваа група контролира најмалку три пратеници, постојат дилеми дали нивното незадоволство може да се рефлектира врз стабилноста на владејачкото мнозинство, односно дали нивните барања упатени до врвот на ДУИ може да станат услов за поддршка на уставните измени.

Седиштето на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

„Пo сѐ изгледа, двете страни нема да најдат заеднички јазик за да продолжат заедно и во наредниот период. Ахмети нема да ги исклучи од партијата, тоа не е негов стил на водење, но им ставил на знаење дека ако не се согласуваат со кадровските решенија можат да формираат нов политички субјект. Ова очекувам да се случи во текот на 2023 година. ‘Огнената група' контролира најмалку 3 пратеници. Во година кога секој пратеник е значаен заради обврската за уставни измени, ова бројка е одлучувачка. Сепак, јас не очекувам дека ќе ги попречат уставните измени а со тоа и продолжувањето на преговорите за членство во ЕУ. Тоа нема да има храброст да го стори ниту ВМРО-ДПМНЕ, а камоли БЕСА или некој пратеник од етничките Албанци. Ќе се обидат да изнудат брзи предвремени избори за да го оправдат нивниот глас за“, оценува Незири. 

Премиер, вицепремиер...

И додека најголемите критики на „огнените“ се упатени на адреса на првиот вицепремиер и шефот на дипломатијата, една изјава откри дека позицијата прв вицепремиер не била толку „зацементирана" за Артан Груби, функционерот кој е најкритикуван од незадоволната група.

Насер Зибери, актуелен Народен правобранител, кој во изборната кампања во јуни 2020 од ДУИ беше претставен како нивен кандидат за „прв премиер Албанец", не стана премиер, но изборната заложба на партијата заврши со коалициски договор: да има премиер Албанец во последните 100 дена од Владата. Сега Зибери е убеден дека коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ ќе се спроведе во последните три месеци од функционирањето на актуелната Влада

Првиот вицепремиер Артан Груби е „трн в око“ на „Огнената група“Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Од последните разговори на оваа тема со претседателот Ахмети, договоривме дека во дадениот момент кога ќе биде ова прашање на дневен ред, повторно да седнеме да разговараме и заедно да процениме што е најдобро за граѓаните, пред сè. За волја на вистината лидерот, претседателот на ДУИ ми ги понуди сите опции“, изјави Зибери во емисијата „200“ на ТВ Алсат.

На прашањето какви опции му биле понудени, тој одговори: „Во смисла на прв вицепремиер на Владата, министер за правда и други функции“.

Тешка партизација

И додека реализцијата на изборните ветувања на ДУИ е тема на внатрепартиско незадоволство, партијата предизвика незадоволство и во опозицскиот блок, а причината за тоа исплива од учебникот по албански јазик за петто одделение. Во делот каде што на учениците им се објаснуваат кратенки на држави (РСМ, САД...) и организации (ООН), како пример е посочена и кратенката за Демократската унија за интеграции - ДУИ.

За ова реагираше опозициската Алијанса за Албанците (АА), од каде што посочената содржина во учебникот ја нарекоа скандалозна.

„Од оваа власт слушавме само ветувања дека ќе работат на деполитизација, а во реалноста го направија спротивното, внесувајќи ја партијата во секоја пора на образованието“, обвинија од АА.

„Огнената група“ смета дека Ахмети треба да остане лидер на партијата, но бараат нови лица во владиниот тим и во ДУИ.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Оттаму побараа повлекување на учебникот, а заедно со него и повлекување на министерот за образование Јетон Шаќири од функцијата.

„Кога станува збор за ДУИ таму нема ништо образовно, туку само криминално“, реагираа од и ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа што ДУИ влезе во учебниците, значи дека Владата си игра играчки со образованието во Македонија. ДУИ треба да влезе во полициски билтен како криминална структура, а не во учебник“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми