1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените на становите во Германија паѓаат со рекордно темпо

ЖА
22 декември 2023

Цените на становите и куќите во Германија доживеаја најголем пад во последните 20 години. Трендот постои во метрополите, како и во селата, а експертите очекуваат тој да продолжи и во 2024 година.

Нови станови во Берлин, Германија
Нови станови во Берлин, ГерманијаФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Schoening

Падот на цените на станбените недвижности во Германија се забрза. Во периодот меѓу јули и септември цените паднале за 10,2 отсто во однос на истиот период лани, објави Сојузниот завод за статистика. Тоа е најголемиот пад од почетокот на сериите во 2000 година. Во вториот квартал е забележан пад од 9,6 проценти. На почетокот на годината беше минус 6,8 отсто.

„Пукна шпекулативниот балон"

Во однос на вториот квартал од 2023 година,  цените на станбените недвижности  се паднати за 1,4 отсто.  Од нивниот врв во вториот квартал од 2022 година,  цените сега се намалени во споредба со претходниот квартал. Цените во просек паднаа и во градовите и во руралните региони. Во метрополите Берлин, Хамбург, Минхен, Келн, Франкфурт на Мајна, Штутгарт и Диселдорф, куќите поевтинија за 12,7 отсто, а купувачите мораа да платат во просек 9,1 отсто помалку за станови отколку во претходната година. „До 2022 година постоеше  шпекулативен ценовен меур  во Германија, еден од најголемите во последните 50 години“, истакнува Константин Холодилин од Одделот за макроекономија на Германскиот институт за економски истражувања. „Од тогаш цените паѓаат. Меурот пукна."

Падот на цените веројатно ќе продолжи

Според ДЦ банката (DZ Bank), цените на станбениот имот во Германија веројатно ќе продолжат да паѓаат во 2024 година. Според актуелна студија на банката, корекцијата на цената се очекува да заврши следната година.

Германија: Купување стан - за младите речиси недостижно

01:45

This browser does not support the video element.

Сепак, сè уште се очекуваат просечни годишни падови од 0,5 до 2,5 проценти. Недвижностите на полоши локации или такви со висока потрошувачка на енергија веројатно ќе се развиваат послабо, оцени експертот на банката, Торстен Ланге. Политиката исто така игра улога во падот на цените, според студијата: „Континуираната неизвесност во однос на финансирањето на мерките за реновирање или новите градби може да влијае на  побарувачката на недвижен имот  и да го забави закрепнувањето на пазарот“.

И следната година ќе биде пропуштена градежната цел

Актуелната градежна криза меѓутоа ќе спречи поостар пад на цените. Целта на германската влада од 400.000 нови станови секоја година веројатно нема да биде достигната ни во иднина. Според прогнозата на ДЦ банката, поради наглото зголемување на трошоците за изградба и финансирање, годишната изградба би можела да падне дури и на 200.000 станови до 2025 година. Германскиот институт за економски истражувања е нешто поголем оптимист, во сè уште необјавен извештај нарачан од Сојузното министерство за  градежништво.  Според него, бројот на новоизградени станови годинава е 269.000. Институтот предвидува дека следната година ќе бидат завршени 265.000 нови станови. Министерката за градежништво Клара Гајевиц (СПД) призна за „Рајнише пост“ дека владата очигледно ја промашила својата цел во двете години: „Не е можно да се изградат уште 100.000 станови“.

Станбените камати деновиве повторно паднаа

Главна причина за падот на цените на пазарот на недвижности е наглото зголемување на каматите, што значително ги поскапи кредитите. Многу луѓе веќе не можат да си дозволат или не сакаат да си ги дозволат сопствените четири ѕида. Пропадна новиот бизнис на банките со кредитите за недвижнини. Поради падот на инфлацијата, многу економисти очекуваат во меѓувреме дека Европската централна банка (ЕЦБ) следната година ќе иницира промена на монетарната политика и ќе ги намали каматните стапки. Доколку каматните стапки паднат побрзо од очекуваното, тоа би можело да предизвика повторно зголемување на цените на недвижностите, велат од ДЦ банка. Станбените каматни стапки во моментов се враќаат под границата од четири- проценти, откако се зголемија на речиси 4,5 отсто во октомври.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми