1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените пак ќе се замрзнат, но дали инфлацијата ќе се намали?

Костадин Делимитов
18 септември 2023

Владиниот потег со цените би имал ефект само ако трае подолго, сметаат дел од експертите. Стопанствениците се скептични дека враќањето на замрзнатите цени само по себе, без дополнителни мерки, ќе даде посакувани ефекти.

супермаркет храна
Цените растат, стандардот се намалуваФотографија: Bildagentur-online/DP/picture alliance

Цените растат, стандардот се намалува. Македонските граѓани и натаму имаат мака да го истераат месецот, во кој секој нареден ден е поскап од претходниот. Од стартот на економската криза пред година и половина, трошоците за основните производи се зголемиле дури за 46%. Овој податок е загрижувачки, посебно ако се спореди со трендовите во ЕУ, на пример во Германија, каде ударот врз просечниот граѓанин за истиот период е околу 11%.

Финални анализи

„Дивеењето“ на цените периодод, според Владата, е резултат на нечесниот и картелски однос на дел од трговците. Па затоа, таа реши повторно да донесе одлука за замрзнување на цените, од наредната среда, 20 септември. Мерката ќе опфати 50-ина основни производи, согласно референтните цени од почетокот на август:

„Анализата се прави и сметам дека до крајот на викендов ќе биде завршена. Најважно е дека се носи мерка со која ќе бидат прекинати секакви можности за манипулација со промоции на цените и тоа што се одржа состанок на кој трговските ланци изразија волја за  намалување на цената за најмалку 10 отсто,  како и дека нема да биде земена како рефрентна цената денес, туку цената што се наоѓа во период зад нас“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски: Се носи мерка со која ќе бидат прекинати секакви можности за манипулација со промоции на ценитеФотографија: Government of North Macedonia

Реприза или вистински ефекти?

Оваа мерка се воведува по вторпат од ударот предизвикан од војната во Украина и последиците од енергетската криза. Но ефектите по првичната очигледно изостанаа, односно беа со краток здив. Владата сега најавува засилени контроли и санкции за оние кои што нема да ги почитуваат ограничувањата за да не се случи своевидна реприза.

Најавата за интервенција на пазарот следува по низа апели и повеќе анализи да се дејствува. Но од досега видливото, таа на некој начин е ограничена, без дополнителен директен и конкретен стимул за граѓаните, но и за стопанството, каде, ако се суди според реакциите, е ургентно потребна. Стопанствениците се скептични дека повторното враќање на замрзнатите цени само по себе, без дополнителни мерки, ќе ги даде посакуваните ефекти:

„Замрзнувањето на цените сега, кога веќе две години живееме со инфлација која е увезена, но и домашна, само по себе не е прифатливо. Да, кога беше големата енергетска криза беше потребно и на краток период даде резултати. Но ние треба да сфатиме дека градиме либерална пазарна економија во која државната интервенција треба да биде исклучително ретка, на пример за големи природни непогоди или други големи нарушувања. Да сфатиме дека има и други мерки освен да им се ограничува и наложува на производителите. Јас разбирам тие мерки да бидат насочени само за најзагрозеното население, а за луѓето со добри примања не им требаат субвенции на леб, зејтин и слично. Но државата се одлучи за полесното, повторно да ги замрзне цените, но така не може да се опстане на долг рок и не верувам дека ќе има резултати. Кога ќе престане мерката, цените повторно ќе рипнат“, реагира во изјава за Дојче веле Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Поголема продуктивност

Владата, според него, мора да преземе други мерки кои ѝ стојат на располагање, кои реално ќе помогнат инфлацијата да се стави под контрола. Клучно е, вели, да се поттикне производството и продуктивноста и да се намали зависноста од увоз на храна:

„Поголема продуктивност не значи да ги притискаме работниците да работат побрзо, туку да воведеме нова технологија, современа автоматизација, оти срамота е да сме увозно зависни за храна. Затоа мора да имаме ново и поголемо производство. Тогаш создаваш можност за  реално покачување на стандардот и платите.  А не да се зголемуваат плати кога нашата продуктивност не изнесува ниту 6 евра по час за разлика од нормалните држави кои имаат по 20 евра и повеќе. Тоа не може да трае вечно и тоа ја подгрева инфлацијата, оти имаме повеќе пари во оптек, а исто производство “, нагласува Димитров.

Македонските граѓани и натаму имаат мака да го истераат месецот, во кој секој нареден ден е поскап од претходниотФотографија: Benjamin Nolte/dpa/picture-alliance

Замрзнувањето да потрае

Дел од експертите исто така сметаат дека државата мора да помогне во создавање подобри услови за зголемување на производството и продуктивноста. Но не гледаат проблем што цените повторно се замрзнуваат. Напротив, сметаат дека тоа е неопходно, дури и на подолг рок:

„Треба сега да ги видиме деталите на мерката. Прво и најважно е дека таа не смее да биде на сила само неколку месеци, мора да биде подолготрајна, сѐ додека не се стабилизира состојбата, ако треба и цела година. Грешката на владата од претходните епизоди со замрзнувањето е што прерано ја укинуваше мерката, што потоа фирмите го злоупотребуваа и ги креваа цените до небо. Второ, што е многу важно, е замрзнувањето да се однесува и на производствените, и на големопродажните и на малопродажните цени. Ако се ограничат само малопродажните, тогаш тие фирми се ставаат во понеповолна состојба од останатите што се дел од синџирот. Многу е важно мерката дословно да се примени. Мора да има строги казни за тие што нема да ја почитуваат и мора да има инспекции. Една идеја која може да се примени тука е граѓаните да можат да пријавуваат ако некоја фирма злоупотребува, преку посебна веб страна, на пример“, изјави за Дојче веле економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот економски институт.

Цените нема да се намалат

Сепак, според него, без разлика какви мерки да се преземат, не треба да се има илузии дека цените позначително би се намалиле. Но она што би помогнало на подолг рок дефинитивно е да се зголеми домашното производство на храна и енергија, за да се намали зависноста од надворешни фактори:

„Тоа е потребно и тука владата несомнено може многу да помогне. И покрај тоа што го поддржувам замрзнувањето, луѓето не треба да имаат илузии околу неговите ефекти. Цените никогаш нема да се вратат на нивото од пред година и пол, може само да се спречи понатаму да растат. Затоа, клучно е владата да има и мерки за подобрување на приходите на луѓето, односно за раст на минималната плата, платите во јавниот сектор, пензиите, социјалната помош. Без тоа, сиромаштијата ќе продолжи да расте“, коментира Јовановиќ.

Младите и инфлацијата: Како да се врзе крај со крај?

02:34

This browser does not support the video element.

Откупни пунктови

Според дел од стопанствениците, државата има на располагање и многу други механизми кои може веднаш да ги употреби за да му помогне на домашното производство:

„Тука се државните резерви, тука е државата која може да ги заштити земјоделците од прекупците и трговците. Зошто не се направат државни откупни пунктови во кои ќе го прибира земојделското производство и ќе го дава со многу пониска маржа во трговијата на мало? Но државата вели: 'Ова е капитализам и ние не се мешаме во економијата'. А, замрзнување на цени што е, ако не е мешање во економијата?“, укажува Ангел Димитров.

Дополнително, според него, треба да се ревидира и политиката на субвенции која чини многу пари од буџетот, а не носи позначајни бенефити:

„Со години компании кои се најсубвенционирани во државата се земјоделските, а резултатите се поразителни. Се зголемува увозот на храна, што значи дека тие субвенции не ги дале резултатите затоа што се лошо компонирани. Се даваат субвенции на засадена површина, а не на произведена. И која е користа на државата ако нема производство. Па тоа е еден вид социјална помош или политичка корупција за гласови. Тоа го правеше ВМРО-ДПМНЕ кога беше на власт и СДСМ остро го критикуваше, а сега тие го прават истото. Што значи дека партиските интереси за купување гласови се поважни од економските интереси на државата. Тоа се основните причини зашто ние немаме наши производи. Мора да се променат работите, оти срамота е да увезуваме храна и земјоделски производи од Турција, Албанија“, предупредува Димитров.

Зошто не се направат државни откупни пунктови во кои ќе го прибира земојделското производство и ќе го дава со многу пониска маржа во трговијата на мало, прашува ДимитровФотографија: P. Stojanovski

Се чека на ребалансот

Најавата за повторно замрзнување на цените на дел од основните прехранбени производи доаѓа во период кога се најавува и нов сет мерки за поддршка на граѓаните. Пакетот мерки што го најавува Владата е вреден околу 73 милиони евра и е содржан во претстојниот ребаланс на буџетот. Но проблемот е што тој би бил оперативен најрано во ноември, до кога, според проценките, би траела собраниската процедура за прекројување на државната каса. Тогаш, според најавите од Владатаѕ, би се ослободиле или одвоиле и првите пари за поддршка на најзагрозените категории граѓани.

Стопанствениците кои исто така бараат поддршка за да се справат со предизвиците реагираа дека Владата носи пакет антикризни мерки без да ги информира, ниту пак да се консултира со нив. Од Владата пак тврдат дека нивото на дијалог со стопанските комори е на завидно ниво и ќе продолжи во насока на изнаоѓање на соодветни решенија. Стопанствениците ќе бидат вклучени, но клучно според Владата периодов е антикризните мерки да завршат кај најпогодените граѓани. Во овој момент податоците не покажуваат дека треба да се донесат одредени мерки кои би требало директно да помогнат на стопанството, соопштија од Владата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми