1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените замрзнаа, но рафтовите останаа празни

ДТЗ
29 септември 2023

„Како се замрзнуваат цените, така ги снемува производите“, вели жителка на Скопје. Фармерите алармираат дека нема доволно производители, а опаѓа и бројот на производи на домашниот пазар.

празни рафтови
Цените замрзнаа, но рафтовите останаа празни (архивска снимка)Фотографија: DW/M. Andric-Rakic

Замрзнувањето на цените донесе нови главоболки за граѓаните. Од една страна тие велат дека е добро што се заузда галопирањето на цените на овошјето и зеленчукот, но од друга страна рафтовите во дел од маркетите останаа празни. Она што се нуди е со нијанса пониски цени, но ретко се наоѓа свежо овошје или зеленчук. Граѓаните велат дека особено се чувствува недостигот на банани и јајца во одредени маркети во Скопје. Проблемот се чувствува и во помалите градови како Охрид, каде производите со намалени цени одат веднаш како „алва“, а испразнетите рафтови по маалските дуќанчиња потоа тешко се надополнуваат со нова тура роба. 

Различни реакции

Кај дел од граѓаните мерката за замрзнување на цените на голем дел од производите предизвика надеж дека ќе се сопре вртоглавиот пораст на цените. Други, пак, се незадоволни бидејќи сметаат дека веќе се чувствува недостиг на одредени производи по маркетите. 

„Како се замрзнуваат цените, така ги снемува производите“, вели жителка на Скопје за ДВ. Таа вели дека се чувствува недостиг на јајца, но и на одредено овошје како бананите во одредени маркети, поради што граѓаните се принудени да одат од една до друга продавници во потрага по намирници. „Ние помладите ќе одиме од дуќан до дуќан - но што е со повозрасните граѓани?, прашува нашата соговорничка. 

Некои се сомневаат дека поради замрзнувањето на цените, одредени продукти се чуваат по магацините до истекот на мерката на 30 ноември. Други, пак, велат дека рафтовите се полни, но проблемот е што граѓаните немаат пари за да пазарат. 

Прехранбените производи кои се дел од мерката, во маркетите имаат ознака „гарантирана цена“.Фотографија: DW

Посебна е приказната на пазарите каде има „од пиле млеко“, но цените таму се многу повисоки од маркетите, со оглед на тоа дека индивидуалните производители тешко дека некој може да ги контролира по која цена ќе ги продаваат производите набрани од нивните дворови и ниви.

Реакциите следат откако со одлука на Владата беа замрзнати и намалени цените на 24 категории прехранбени производи, како што се лебот, млекото, јогуртот, оризот, тестенините, месото, кашкавалот или сирењето. На сила е и мерката за замрзнати цени на безалкохолни пијалаци и светло пиво.

Одлуката е предвидено да биде на сила до 30 ноември, а со неа надлежните очекуваат да се намали инфлацијата на храната за 4 до 5% до крајот на годинава. Прехранбените производи кои се дел од мерката, во маркетите имаат ознака „гарантирана цена“. Бројни маркети ставија клуч на вратата откако пазарни инспектори утврдиле дека не ги почитуваат мерките за намалување на цените.

Незадоволство и меѓу фармерите

Додека граѓаните се жалат дека нема доволно свежо овошје и зеленчук во продавниците, фармерите сметаат дека има добар избор на домашни производи на рафтовите. Но, тие не се согласуваат со замрзнувањето на цени и сметаат дека цените на домашните производи ќе мора да раснат. Како причина ги наведуваат повисоката цена на репроматеријалите во земјоделието, но и намаленото производство поради климатските промени. 

„Голем проблем е и тоа што има се помалку производители. Просечната старост сега е 58 години, така што за пет до 10 години ќе дојдеме во ситуација старите производители да се пензионираат, а младите се заминати во странство“, вели за ДВ Борче Јанев од Проагро фармери - Струмица. 

Со намалувањето на производството, вели тој, ја сечеме гранката на која седиме. 

Со намалувањето на производството ја сечеме гранката на која седиме, велат фармеритеФотографија: BGNES

Недостигот на производители и намаленото производство влијаеше на раст на цените. Годинава во градинарството во Струмица се забележани доста високи цени на доматите, лубениците, но и на други производи. 

„Производителите се незаштитени, државата не презема ништо и сега сме во ситуација кога немаме доволно наше производство. И покрај ветувањата, ретко кој е малите земјоделци дошол до некаква државна помош“, вели Јанев. 

На тој начин, додава тој, од земјоделска земја, „фабрика на отворено“, полека ја губиме оваа гранка во сите региони на земјата, што ќе резултира со уште поголем недостиг на домашни производи. 

Поголем интерес за извоз отколку за продажба дома

Анализите на Министерството за економија покажуваат дека има зголемен извоз на земјоделски производи од земјата што се надополнува од увоз од соседните земји, што на крај влијае негативно кај домашните потрошувачи преку повисоки цени.

Поради тоа, Владата одлучи да ги намали царинските давачки за овошје и зеленчук од 65 на 10 отсто, но тука не е опфатен увозот на краставици, домати и пиперки. Ќе им се даде дополнителен рок на домашните производители на овие производи до 1 декември за да го снабдуваат и македонскиот пазар.

Министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека е добро што има зголемен извоз на земјоделски производи, но не на сметка на домашниот пазар.
 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми