1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасен танц по жица на централните банки

Миша Ерхард
24 март 2023

Американскиот ФЕД повторно ја зголеми каматната стапка, но тука изгледа е крај. Зашто, колку тоа и да помага во битката против инфлацијата, толку е поголема опасноста повеќе банки и фирми да бидат турнати во пропаст.

Европската централна банка во Франкфурт
Европската централна банка во ФранкфуртФотографија: Ralph Orlowski/Getty Images

„Која ќе биде следната?“, прашува економистот Фолкер Виланд на форумот на ЕЦБ и ИТС Вочерс, одржан на Универзитетот во Франкфурт. Пропаѓањето на Банката на Силиконската долина можеби има други причини, но општата несигурност ја разниша и Кредит Свис, некогаш поим за банкарска стабилност. 

Сите во преполната сала на Универзитетот очекуваат одговор од онаа која треба да го има: претседателката на Европската централа банка, Кристин Лагард. Секако, таа повторува: европските банки се веќе повеќе пати „прорешетани“ на нивната стабилност и се во добра ситуација. Но, го додава и цитатот на нејзиниот сонародник, Волтер: „Сомнежот не е пријатна претпоставка, но сигурноста е апсурдна.“ Од нејзина уста, тоа не е некое празно филозофирање, туку признание дека треба да се биде спремен. Швајцарската банка скапо ја чинеше една попатна забелешка на еден од главните акционери дека „нема веќе да вложува“ во Кредит Свис. Како тоа? Дали е тоа потребно? И стампедото започна, а паниката тешко може да се смири.

Банките се стабилни и солидни, тоа го повторува и нејзиниот колега од онаа страна на Атлантикот, шефот на ФЕД, Џером Пауел. Но,тоа беа и Банката на Силиконската долина и банката Сигничер, немирно е и на регионално ниво, како кај банката Фрст Рипабликан... Значи, која е следната?

Шефицата на Европската централна банка, Кристин ЛагардФотографија: Hannelore Foerster/IMAGO

Кога ќе почне паника, нема лек

Монетарните експерти се уверени дека добар дел од вината е во рацете на чуварите на доларот и еврото, значи во централните банки. Зашто, со зголемувањето на референтните каматни стапки ланската година, и курсевите на актуелни акции релативно загубија вредност. Оној кому не му требаат свежи пари за сопствената ликвидност, може да сочека да се смират работите околу банките и да си ги врати сите свои пари. Но, ако започне стампедо на муштериите на нивните влогови, како во Банката на Силиконската долина, тогаш хартиите од вредност мора да се продадат по исклучително ниска цена.

Од друга страна, зголемувањето на референтната стапка и каматите за кредити го постигнуваат она што е намерата: секој три пати ќе размисли дали ќе земе кредит и ќе вложи во нов бизнис. Пари во оптек има сѐ помалку, па паѓаат и цените. Челникот на американскиот ФЕД додуша признава дека таа монетарна политика може да води кон помал обем на производство и помала вработеност, но токму тоа е и резултат на несигурноста по пропаѓањето на овие банки. Затоа и додава: „Размерите на овие ефекти се неизвесни.“

И Лагард во Франкфурт го зборуваше истото: вложувањето во бизнис и во недвижности во изминатите три квартали значајно се намалија. „Внимателно ќе се следи“ дали во следните месеци ќе дојде до „трансмисија“, што е еуфемизам за гушење на целиот економски раст. Од друга страна се гледаат знаци дека недовербата во банките доведе до построги одредби за издавање кредити, што всушност е она што и Европската централна банка го сака и го прави со зголемувањето на референтната стапка.

Шефот на американскиот ФЕД, Џером Пауел најави раст на основната каматна стапка од 0,25 %Фотографија: Olivier Douliery/AFP/Getty Images

Низ маглата без компас и со обете раце на кормилото

Затоа и Европската централна банка ќе води политика која ќе се усмерува кон реални податоци и ќе биде спремна на дејствување, а со оглед на нашата приоритетна цел, не познава компромиси, вели Лагард. „Приоритетна цел" притоа е стабилност на цените, односно инфлација максимално до 2 проценти. И Пауел најавува „надгледување на пристигнатите информации“ и дека „ќе се проценува влијанието на монетарната политика“, зашто поаѓа од претпоставката дека ќе бидат потребни уште корекции за инфлацијата да се врати на 2 проценти.

Да ги сублимираме овие крупни зборови на обичен јазик: проаѓаме низ Сцила и Харибда, од една страна инфлација, од друга – неволја на банките и целокупната економија. Некаков јасен и проверен пат нема, туку се управува зависно од тоа колку далеку може да се види во иднината. Насобраните во салата на Универзитетот во Франкфурт оваа недела можеби сакаа да чујат нешто поконкретно. Но, во овие околности тоа е сѐ што централните банки можат да го понудат.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми