1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чешка по изборите: Колку ќе биде остар пресвртот?

Кено Верзек
6 октомври 2025

На изборите во Чешка триумфираше поранешниот премиер и милијардер Андреј Бабиш со неговата популистичка партија АНО. Аналитичарите се поделени во врска со последиците за Чешка, Европа и за Украина.

Поранешниот чешки премиер, Андреј Бабиш со крената рака опкружен од новинари и фоторепортери
Победникот на изборите, Бабиш, во предизборниот штаб на АНО: „Најважниот момент од мојата политичка кариера“Фотографија: Petr David Josek/AP Photo

Кога Андреј Бабиш се појави пред камерите во чешката престолнина Прага, во позадина се слуша неговата омилена песна, италијанскиот шлагер од 80-тите на минатиот век „Сара перке ти амо“. Конфети паѓаат од таванот. Бабиш еуфорично пее со озарен лик. Десно-популистичкиот политичар, поранешен премиер и милијардер до сега не е виден така опуштен како дете. 71-но годишникот се обрати со суперлативи. „Многу сум среќен што движењето АНО постигна историски резултат. Историски! Имаме највисоки бројки во историјата на изборите“, рече Бабиш и додаде дека „ова е врвот на мојата политичка кариера“. Прага во саботата вечер. Десно-популистичката АНО, односно Движењето на незадоволни граѓани, предводено од поранешниот премиер Андреј Бабиш, со убедлива разлика победи на парламентарните избори во земјата-членка на ЕУ. Чешките медиуми го зборуваат за „триумф“ и „камбекот на Андреј“ откако милијардерот и неговата партија во 2021 година изгубија на изборите во 2021 година, аи Бабиш доживеа пораз на претседателските избори во 2023 година.

Губитници екстремистите

На изборите со висок степен на излезност од околу 69 проценти, АНО освои 34,5 проценти од гласовите, што е значително подобрување во однос на последните во 2021 година. До сега владејачката либерално-конзервативна алијанса СПОЛУ (Заедно) на актуелниот премиер Петр Фиала постигна 23,4 проценти – и со четири проценти помалку во споредба со 2021 година сепак загубата не е толку голема.

Раководството на АНО по изборната победа во саботата навечер, 4 октомври, 2025 годинаФотографија: Petr David Josek/AP Photo

Ко-владејачката конзервативна партија „Градоначалници и независни“ (СТАН) помина добро со освоени 11,2 проценти од гласовите, како и либерално-зелената партија на „Пиратите“, која доби 9 проценти од гласовите. Големи губитници се партиите од екстремистичкиот десен и лев спектар. Десно екстремната „Слобода и директна демократија“ (СПД) по двоцифрен резултат во 2021 година, сега освои само 7,8 проценти. Комунистичкиот партиски сојуз „Стачило!“ (Доста е!) не успеа да го помине прагот од пет проценти. Затоа пак новоформираната десно-популистичка Партија на возачите, т.н. Мотористи, за прв пат обезбеди влез во парламентот во Прага со 6,8 проценти од гласовите.

Нема „Коалиција на ужасот“

Повеќето анкети непосредно пред изборите не беа многу неточни во однос на резултатот, но големиот број неопределени до самиот крај ги поматија сметките. Покрај добриот резултат на АНО, за демоскопите беше изненадување и тоа што владејачките партии не претрпеа изборно фијаско, а екстремистичките партии пак убедливо изгубија. „Мнозинството граѓани не сакаа да продолжи актуелната влада, но исто така не сакаа ни радикални промени“, пишува коментаторот Алекс Свамберк од порталот „Новинки“. Јохана Ховоркова од порталот „Форум 24“ слабиот резултат на екстремистите го коментира како „пораз на Путин“. Дневниот весник „Лидове Новини“ пишува дека нема да има „коалиција на ужасот“ меѓу АНО и десни и леви екстремисти и оти нема закана за безбедносната и надворешната политика на Чешка.

Песимист премиерот Фиала

Сепак, Фиала на изборната вечер звучеше малку поинаку. 61-годишниот конзервативец за време на изборната кампања предупреди од проруска, антиевропска „влада на национално предавство“. „Не сакавме земјата да биде доминирана од националисти, екстремисти и популисти. За жал, тоа се случи“, рече Фиала во саботата вечер.

Фиала нагласи дека ја презема одговорноста за резултатот од изборите со што алудираше на можна оставка од функцијата претседател на партијата ОДС, водечката сила во претходната владина коалиција, СПОЛУ. Неговиот колега Вит Ракусан, министер за внатрешни работи и шеф на партијата СТАН, во изборната ноќ рече дека „ќе ја играат улогата на достојна опозиција“. Тој освен тоа најави дека нема да се откажат од „соработката на демократските сили“. Теориски не е исклучено актуелните владејачки партии да продолжат да владеат со поддршка на десничарската популистичка Партија на возачите - СПОЛУ, СТАН и Пиратите така би имале мнозинство. Но, во тој случај особено  Пиратите би морале да направат фундаментални компромиси во нивната зелена програма. 

Актуелниот премиер Петр Фиала: Преземање одговорност за резултатот од изборитеФотографија: Katerina Sulova/CTK/picture alliance

Дали претседателот ќе го номинира Бабиш за премиер?

Во моментов најверојатна е коалиција од АНО и Партијата на возачите со парламентарна поддршка од десно екстремната СПД, без десните екстремисти да бидат персонално застапени во владата. Одржани се веќе и првични разговори. Спорно е сепак дали Андреј Бабиш повторно ќе стане премиер бидејќи треба да биде номиниран од претседателот Петр Павел. Но, Павел го остави отворено прашањето дали ќе го стори тоа - со оглед на пмногуте судири на интерес на Бабиш и кривичните постапки што се водат против него. Бабиш е сопственик на концернот Агроферт, кој има монопол во многу области на чешката земјоделска, прехранбена и хемиска индустрија. Бабиш се соочува со обвиненија за измама со субвенции. Но, на негово место може да дојде заменикот-претседателот на АНО, Карел Хавличек. 56-годишникот се смета за умерен и визит карта на АНО. Сепак, Бабиш е неоспорен лидер на партијата, која не би преживеала без неговата финансиска поддршка и неговите раскошни настапи. Во тој случај тој би ги влечел конците од позадина.

Тест: поддршката за Украина

Тешко е да се предвиди и каква би била ориентацијата на внатрешно – и надворешно-политички план на политика на една идна влада на АНО. Андреј Бабиш минатата година заедно со унгарскиот премиер Виктор Орбани лидерот на австриската ФПО, Херберт Кикл, ја основаше екстремно десната алијанса „Патриоти за Европа“. Но, Бабиш лично не е ниту екстремист, ниту десно-популистички хардлајнер и не е толку доследно проруски, антиукраински и антиевропски настроен како на пример Орбан. Најважниот прв тест за една влада на АНО би бил прашањето за поддршката за Украина. Чешка до сега беше еден од најодлучните поддржувачи на Украина.

Популистите Бабиш, Кикл и Орбан во Виена (2024): Основачи на десничарско-екстремистички партиски сојузФотографија: Tobias Steinmaurer/APA/AFP/Getty Images

Владата на Фиала во Прага на почетокот на 2024 година отпочна европска иницијатива за муниција, преку која дискретно купуваше артилериска муниција за Украина од целиот свет. Бабиш за време на изборната кампања најави дека ќе ја запре иницијативата. Сепак, неговиот заменик Хавличек во саботата изјави дека бараат само ревизија дали финансирањето и купувањето на муницијата се вршат правилно.

Радикализацијата на Андреј Бабиш

Додека аналитичарите во Чешка се согласни дека земјата со влада на АНО е и натаму далеку одУнгарија на Орбан, некои предупредуваат да не се потценува Бабиш. Милијардерот во изминатите години се радикализираше. До пред само неколку години беше само против бирократи, „нелегални мигранти“ и новинарите што не му беа по мерак. Сега и ЕУ, Зелените, членовите на ЛГБТ и квир заедницата, Либералите и Украина се на списокот. А, тонот на Бабиш е значително заострен. Петер Хонзејк, коментатор за весникот „Господарске новини“ поради тоа загрижено по изборите заклучува дека „одбраната на цената на лебот победи над одбраната на земјата“, пишува тој, алудирајќи на популистичките ветувања на Бабиш. „Во политиката на Чешката Република претстои пресврт“, прогнозира Хонзејк.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми