1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија одбележа 153 години од раѓањето на Гоце Делчев

ДТЗ
4 февруари 2025

На 153-годишнината од раѓањето на Делчев, премиерот Христијан Мицкоски порача дека неговото дело не смее никогаш да биде заборавено. Лидерот на СДСМ повика на надминување на разликите околу националните интереси.

Гоце Делчев
Чествување на Гоце Делчев - повик за обединување околу националните интереси (архивска фотографија) Фотографија: Petr StojanovskiPetr Stojanovski/DW

Северна Македонија со низа настани ја одбележа 153-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Централното чествување се одржа во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што цвеќе положија претставници на  државниот врв, пратеници, партии и граѓански здруженија. 

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека македонската Влада треба да има традиција и во иднина да го чествува овој ден, „бидејќи ова е наш македонски великан кој е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее никогаш да биде заборавено“.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, смета дека во борбата на Гоце Делчев се вградени сите социјадемократски вредности. „Тој се борел за слободна и демократска Македонија, во која се гарантирани индивидуалните слободи на луѓето и правдата. Неговите мудри мисли се актуелни и релевантни и денес. Тој тргнал во борба повикувајќи ги сите луѓе без разлика на нивната етничка, национална и политичка припадност, бидејќи имале една цел - слободна држава. Треба да продолжиме во тој манир, да ги надминеме разликите кога станува збор за националните интереси и сите заедно да се бориме за уште попросперитетна Македонија во ЕУ“,порача Филипче. 

На 153-годишнината од раѓањето на Делчев, премиерот Христијан Мицкоски порача дека неговото дело не смее никогаш да биде заборавено, додека лидерот на СДСМ, Венко Филипче повика на надминување на разликите околу националните интересиФотографија: Government of North Macedonia

Ќе го поддржиме кој било подобар предлог кој ќе дојде на маса

И годинава немаше заедничко чествување со делегација од Бугарија. Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев за тамошните медиуми изјави дека Бугарија не добила покана од Северна Македонија. Последното такво чествување беше откако се потпиша Договорот за добрососедство во 2017 година, додека прославата во 2023 година помина во особено тензична атмосфера.

Односите меѓу Скопје и Софија веќе извесен период се во застој, поради честите промени во политичкиот врв во Бугарија. Софија бара исполнување на обврските за влез на Бугарите во македонскиот Устав, со цел да се отвори патот кон ЕУ.  Владата предводена од Христијан Мицкоски, пак, не отстапува од барањето за уставни измени со одложено дејство. 

Филипче вели дека опозицијата чека Владата да ги испорача ветувањата од пред изборите дека ќе обезбедат подобра Преговарачка рамка. „Ќе го поддржиме кој било подобар предлог кој ќе дојде на маса“, рече Филипче зборувајќи за можностите за одблокирање на процесот. Тој повторно повика на заедничка собраниска седница на којашто сите партии ќе разговараат за евроинтеграциите. 

Филипче смета дека ЕУ и САД како најтрадиционален партнер треба да се вклучат во процесот на дијалот со Бугарија. „Очекувам, откако се формираше политичката Влада во Бугарија, час поскоро да започне процесот на разговорот бидејќи времето одминува. Ние сериозно заостануваме во споредба со Албанија и Црна Гора“, рече лидерот на СДСМ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми